Објавени сите снимки од разговорите меѓу Камчев и Јовановски

Италијанскиот весник Ла Верита денеска објави уште еден текст со нова снимка од разговори меѓу Јордан Камчев и Бојан Јовановски, но притоа ги направи достапни и сите останати разговори кои ги поседува.

Аудио документација во траење од над 12 минути утрово осамна на Јутјуб во која се пренесуваат серија разговори меѓу Јордан Камчев, Бојан Јовановски, Зоран Милевски поврзани со случајот „Рекет“, а во еден момент се појавува и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Не се работи само за последниот текст во весникот Ла Верита во кој е вклучено и видео со четири разговори, туку, како што велат од весникот, „за комплетните снимки од разговорите во случајот Рекет“. Сепак, голема е веројатноста дека тоа не е се што се однесува до материјалите на Камчев. Според сознанија на ДВ, Камчев располагал со докази од повеќечасовен снимен материјал. 
Се работи за вкупно осум разговори меѓу сведокот-жртва и осомничените во случајот „Рекет“.

Во првиот, Камчев ги информира Јовановски и Милевски дека не сака да троши пари и години на судски случаи.
„Знаете што е. Ќе се влечеш со години, ќе те рекетираат адвокати, судии, к***ви. Ја знае Боки целата…“, вели Камчев, на што Јовановски му одговара дека: „Ќе се  изненадат од целата брзина“.

Разговорот веројатно се води кога Камчев им ја предава на двајцата првата рата од „рекетот“, затоа што во еден момент Јовановски прашува: „Дали е се во оваа торба?“, на што Камчев му реплицира: „Да бе шефе. Ти направив спецификација како да си во прво одделение“.

Потоа Камчев низ смеа му раскажува како „се надминал себеси, па одозгора ставил и бугарски весници“. Се слуша како се отвора торба за да се види што има во неа и потоа Камчев повторно раскажува дека „рачно ја правел спецификацијата“. Единствениот проблем е што Јовановски е загрижен што банкнотите не се во апоени од 50 евра, на што Камчев одговара дека „нашиве банки немаат“ и објаснува дека затоа морал да стави и банкноти од 500 евра.

„Се сум ти спакувал брат и со ластиче и со бројче“, вели Камчев и додава „Пола-пола се. 500 се од тие, 500 се од овие. Ти одговара и стајлингот- куферчево, да не ти давам Адидас торба“, веројатно мислејќи на Луи Витон торбата во која биле спакувани парите, како што можеше да се види од првото видео објавено од италијанскиот весник.

Јас и ти брат, сме такви хиени

Во вториот аудио запис, Јовановски и Камчев разговараат за претстојната вечер. Јовановски му раскажува дека „вечерта гости ќе му бидат другар му Бобо со сопругата“. Камчев на тоа одговара дека е збунет затоа што другар му Бобо претходно му се јавил и се најавил за фудбалски натпревар.
„А затоа другар ми ми се јави мене да гледаме Јувентус вечер ако сакам. На Бобо? Мене Бобо ми се јави пред еден саат, со Синиша ако сакаш да гледаме фудбал. (…) Јас и ти сме брат такви хиени“, со смеење му вели Камчев на Јовановски. Потоа двајцата зборуваат за „згради кои биле изградени кај градинката во Тафталиџе кај училиштето Коменски“ кои според Камчев и Јовановски „биле ус***и“.

Италијанскиот весник Ла Верита од вчера почна да ги објавува разговорите поврзани со случајот „Рекет“

Во третиот запис, се слуша како Јовановски врти некому на телефон, а откако од другата страна никој не му се јавува му објаснува на Камчев дека и испратил СМС порака на „Катица“ за да ја информира дека „завршиле“. Јовановски му објаснува на Камчев дека „Катица пука со пиштол“ па веројатно затоа не го слуша телефонот.

„Еднаш неделно обвинителите од СЈО пукаат“, објаснува Јовановски.
Камчев се чуди: „Обвинителите од СЈО?“
„Оние кои носат пиштоли со нив?“, се надоврзува Милевски, по што Јовановски им објаснува дека некои од нив се вооружени.

Следниот, четврти запис, донесува нов разговор меѓу Камчев и Јовановски во кој се договараат за начинот на исплата на парите.

„Шефе јас чекам ти да ми кажеш. Ќе биде така, така, така, јас и ти се гледаме во очи, завршуваме и завршува приказната. И ќе ти кажам: може вака, ако тебе ти одговара“, вели Камчев. На тоа Јовановски само кусо одговара: „Сукцесивно“, па повторува: „Сукцесивно, те молам“. „Како израз на добра волја, наредната недела спремни“, заклучува тој. 

„Ќе ја завршиме ли игранкава?“
Дијалогот потоа продолжува во нов аудио запис на истата тема. Овојпат Камчев сака да знае што добива тој како услуга и е загрижен дали е средена работата и со други луѓе, веројатно обвинители.
„Мене ме интересира. Ова чини толку, јас и ти договараме се. Ама треба да ми кажеш што е се: ова, ова и ова. Овде сега, јас не можам да ја направам игранката за да завршам се со тебе. (…) Но ме интересира што добивам и како. Ти води ја игранката и кажи ми: ова ќе добиеш, тоа, тоа и тоа… И второ, не знам, женава влезена ли е во играва со нас? Оваа Лиле? Таа си ја тера својата работа. Башка, мене еднаш Чифлиганец кога ми се јави и ми бараше за нејзе дуќан за стоматолошки ординации, за глупости, за такви работи. Јас од***в се тоа“.
На неодредениот одговор на Јовановски дека „тоа било претходно“, Камчев уште еднаш инсистира дали „таа знае за целата приказна“ и додава дека „треба да биде мотивирана“, инаку ќе пропадне се.

Разговорот на истата тема продолжува и во следниот аудио исечок. Овојпат Јовановски го убедува Камчев дека „не треба да ги интересира тоа и дека тоа е работа на нејзината шефица“.

Камчев одговара:
„Ама шефицата нека си ја заврши работата, мене не ме интересира. Не навлегувам во приказната ниту ме интересира. Јас само сакам сите да бидат среќни и задоволни и да нема последици“.

Дијалогот продолжува и Камчев инсистира да слушне директни одговори од Јованоски за тоа „каков му е планот“.
„Јас сакам да се завршат работите и во однос на тоа кажи ми: Шефе тоа кошта Икс- Ипсилон… Февруари- тоа, Март- тоа, Април- тоа… или не знам каков ти е планот, за да знам. Да си го испланирам и мојот дел што треба да го завршам и твојот дел, ти што треба да си го завршиш.“
Јовановски му одговара дека „до понеделник“ се ќе договорат во однос на „редоследот на активностите“.

Камчев бара да знае „која е сумата за да се заврши работата.“

Јовановски му одговара: „Јас ти кажувам тотал. А што правам јас во тоа…“

„Не ме боли к***т“, одговара Камчев.

Метафорично

Во седмиот аудио исечок, Камчев и Јовановски договараат „опции“ во случај предметот на Камчев да заврши кај државното Јавно обвинителство. Овојпат делумно разговараат шифрирано, или како што вели Јовановски во еден момент „метафорично“.

На една снимка се слуша и гласот на СЈО, Јанева која му вели на Камчев: „Не се секирај, се ќе биде ОК“

„Доколку се случи до четврток или петок да Ве нема. Еве ве нема веќе. Да треба да се префрли во републичкото, односно да треба да настапат со заеднички предмет. Тука одиме на опцијата која што ја договаравме претходно. Доколку треба да се даде целава кутија, тоа ја убедува Лиле Стефанова,“ објаснува Јовановски.
Камчев го прекинува и вели: „Ќе се дадат две цигари“. Јовановски одговара потврдно: „Една цигара пушиме ние“. „Опција еден“, заклучува Камчев, но е загрижен па додава: „Ана сега ми вели, сега беља… дека тие ќе решаваат по притвор, така?“
Јовановски повторно му објаснува:
„Доколку се случи, од кутијата цигари, ја земаме кутијата цигари како метафора, можеме да го земеме и во стручна терминологија, дали предметот ќе биде предаден цел на работа, или делумно или пак ќе остане да не биде предаден- да биде затворен. Тоа е нешто што треба да биде решено. Во секој случај од сите три опции, овие лица со кои што јас преговарам и ќе се договорам, или нема да се договорам, ќе бидат соодветно истретирани. Одиме со случајот СЈО. Доколку СЈО продолжи да работи на предметот, првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор, по основи кои што ќе Ви ги кажам, и датум кој што ќе Ви го кажам. Дали во истиот момент или недела дена подоцна, со некакви договори со странски компании кои што тој ги има (тука е нејасно на кого се мисли), ќе Ви биде вратен пасошот. За сето ова треба да има некаква гаранција.“

Камчев повторно прашува што ќе се случи доколку не успее таа опција: 
„Ако таа опција, што останува. Не ги пушта и завршуваме, така? Или пуштаме нешто делумно?“
Јовановски објаснува: „Па нешто да. Тука е нејзиниот потпис и така да ќе ја менаџираме колку што можеме“.
Камчев: „Добро. Начелно сме договорени. Кажи колку треба и готово“.

Јовановски потоа вели дека тоа што се договориле е за „куќниот притвор“, но сака да знае што ќе има и „за телевизијата… ПР услуги“. Камчев бара да преспие, па следниот ден да ги договорат деталите.

На последната, осма снимка, се слуша телефонски разговор меѓу Камчев и Јовановски.
„Имаш поздрав од женава“, му вели Јовановски.
„Фала поздрави ја“, одговара Камчев. Додека двајцата се договораат кога да се сретнат, одеднаш се уфрлува глас кој наликува на Катица Јанева кој вели:

„Не се секирај за ништо. Се ќе биде во ред.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!