Home / Колумни / Алхемичари

Алхемичари

                                     

          Не знам  како но  деновиве, кога сакав да се одморам малку од напорните активности пред одржувањето на Манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани “ в раце ми падна една книга за алхемичарите.

          Само што почнав да ја читам книгата, по првите прочитани страници за активностите на алхемичарите во Франција, вниманието ми го одзедоа изјавите на македонските политичари, кои ми заличија на алхемчарите  од  една мала компанија во близината на Париз, кои  успеале да создадат  технологија која што може отпадните води да ги претвори во злато.

 И не само златото, туку и другите благородни метали, како платината, паладиумот и родиум исто така можат да се екстрахираат со користење на истите методи.

Компанијата  се вика Магпие Полѕмерс,  која се наоѓа 80 километри југоисточно од Париз.

Оваа компанија со своите алхемичари успеа да  развие технологија со која од отпадни води прави злато.

           Деновиве слушајќи ги македонските политичари тие ми наликуваа(т) на француските алхемичари.

          Искрен да бидам тие во своите “научно политички фантастики “ сеуште не се дрзнале како французите да прават злато од отпадни води, но по тоа што деновиве им го нудат на граѓаните наликуваат на вистински “алхемичари”.

          Деновиве се изнаслушавме како по изборите доколку ја освојат, или останат на  власт,  тие на македонскиот народ ќе му донесат илјадници километри нови магистрални или експрес патишта, потоа  брзи пруги, нови железници, гасоводи во сите  домови, отворени или затворени базени,  повисоки пензии, плати, повисок животен стандард, подобро здравство, образование…

          Притоа ни власта, ни опозицијата не кажуваат што ги спречувало досега да ги реализираат тие проекти.

           Тоа што паѓа в очи  е што македонските “политички алхемичари” сите свои старо- нови проекти, кои тежат милјарди евра, планираат да ги реализираат и покрај беспарицата со која се соочува државата, која сите стари долгови ги враќа со подигнување на нови кредити.

          Милјардата која на граѓаните на Македонија во 1998 година им ја вети лидерот на Демократска алтернатива, Васил Тупурковски, сега изгледа како смешна сума, во однос на неколкуте милјарди инвестиции кои пред неколку години ги вети Никола Груевски, а  деновиве ги ветува опозициониот лидер Христијан Мицкоски.

          Ништо помали ветувања не дава ни актуелната власт, која по решавањето на проблемот со името и евроинтеграциите најавува вистински економски бум, по кој во државата ќе тече мед и млеко.

          Македонските граѓани, кои не се оптоварени со партиската припадност и послушност во изминатиот период често пати наседнувале на таквите мегаломански ветувања и без сопстевно убедување биле разубедувани да го дадат својот глас за власта или опозицијата, кои често пати ги изневерувале нивните очекувања.

          Старите рекле, најмногу се лажи за време на изборите, или кога се освојува срцето на саканата.Тогаш се ветува  буквално се и сешто.

          Во времето на едноумието, кое многумина го нарекуваа(т) комунизам бевме  сведоци, кога  на изборите за одборници, политичките комесари, одејќи по гласови на луѓето им ветувале се и сешто.

          Добро се сеќавам на една вистинска случка кога еден во тоа време возрасен кандидат за одборник на луѓето од Мариовско им ветуваше изградба на учлилишта.На забелешката на селаните дека во нивното село нема веќе деца, кои би учеле во тоа училиште, кандидатот за одборник без око да му трепне им вети дека ако треба  ќе им направат и деца.

          Во мојата новинарска кариера сум се изнаслушал какви не ветувања од разни политичари.

          Но на прсти можам да ги избројам тие  кои ги исполниле ветувањата.

          Најголемиот број од тие ветувања биле ставани настрана уште по пребројувањето на гласовите.

          Изговорот како по правило беше дека нема пари за реализација на ветените проекти.

          Притоа никој од тие политички “алхемичари “ никогаш не кажа зошто кога немале финансиска конструкција давале такви ветување.

          Од таквите неисполнети ветувања граѓаните најчесто се бранеле со тоа што им ја откажувале довербата на  тие политичари, кои не реализирале тоа што го ветиле. Но  фајдето од таквото задоцнето отрензување било изгубени години и децении од нивниот живот, кој никако да дојде.

          Македонските граѓани и ѓраѓаните кои живеат во оваа наша “Медена земја “  својата политичка заслепеност досега скапо ја платија.

          Политичките комесари со своите купи – ден политики ги елиминираа, или трајно ги остранија од политичката сцена сите квалитетни кадри, кои или заминаа во приватниот сектор, или ја напуштија државата.

          Денеска со политика се занимаваат најчесто луѓе кои  во политиката влегуваат или брзо да се збогатат, или да си ги решат  своите лични проблеми.

          Веќе  ги нема политичарите кои во политиката влегуваа за остварување на своите политички идеи и идеали.

          Кај нас одамна веќе стана правило тоа што во својата песна го пее Бора Чорба дека за идеалите гинат будалите.

          Крајно време е за опаметување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!