Home / Вести / Амбасадорката на Србија во посета на Општина Битола

Амбасадорката на Србија во посета на Општина Битола

Амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак-Томиќ, денеска  ја посети Општина Битола, каде што оствари работна средба со градоначалничката Наташа Петровска. На средбата беше договорено интензивирање на понатамошната соработка, како и отворање на нови можности за двете страни кои ќе придонесат за понатамошно зближување и напредок.

-На мое задоволство, денес гостин во Општина Битола е амбасадорот на Република Србија, со која имавме можност да разговараме околу перспективите на продлабочувањето на соработката на двата пријателски народи на Македонија и Србија. Востановивме дека, културната соработка која што постоела во изминатиот период и која што ги зближувала овие народи мора да се продлабочува и да продолжи поинтензивно. Меѓутоа, она што е позначајно и за двете држави е отворањето на можности за соработка на бизнис заедниците во една операционализација, која што ќе покаже брз ефект. Убедена сум дека оваа средба ќе значи продолжување и продлабочување на соработката на двете држави”, изјави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

На средбата беше ставен акцент и на понатамошната соработка во делот на меморијалниот туризам.

-Оваа е моја прва официјална средба со госпоѓата градоначалник и многу сум импресионирана од нашиот разговор и ширината на разбирањето, коешто во кусо време го разменивме во поглед на нашата соработка и пред се добрата волја за да се искористат можностите кои што ги имаме, а тие се многу поголеми од тоа што досега биле искористени, иако неможам да речам дека и досега не сме имале традиционална добра соработка, особено помеѓу нашите држави, а и помеѓу нашите народи, па и помеѓу поедини општини. Битола е збратимена со неколку општини во Србија, а тој вид соработка кој ги зближува народите и овозможува подобро меѓусебно запознавање во одредени области, во иднина ќе настојуваме да го обновиме и продлабочиме, а можеби и да го прошириме на некои други општини кои досега не биле активни. Во областа на културата имаме многу од тоа заедничко, а исто така доста интересна гранка е  и туризмот, како економска гранка, но и туризмот како долг кон нашата заедничка историја и нашето вековно заедничко живеење на овие простори, што популарно се нарекува меморијален туризам. Мислам дека тука имаме многу заедничко и многу сум задоволна од разбирањето на кое наидов од страна на градоначалничката, со цел заедно да работиме и на тој план многу повеќе да направиме, во споредба со досега”, изјави амбасадорката на Република Србија, Душанка Дивјак-Томиќ.

Амбасадорката Томиќ одговарајќи на новинарско прашање додаде дека Србија и посакува на Македонија се најубаво како на близок сосед и традиционален пријател, дека поддржува се што ќе договорат двете земји, како и дека сака да се реши прашањето меѓу Македонија и Грција, и на тој начин целиот регион да се придвижи и да се искористи историската шанса посочена во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, а тоа е членство во ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!