Home / Вести / Без паника, земјотресите ќе се намалуваат, смирува проф. д-р Влатко Шешов

Без паника, земјотресите ќе се намалуваат, смирува проф. д-р Влатко Шешов

За низата земјотреси што деновиве ја тресеа Македонија, експертите смируваат дека нивниот број и интензинтет ќе се намалува. Попладнево во Грција беше регистриран нов земјотрес со интензитет од 4,5 степени според Рихтеровата скала, што беше поинтензивно почувствуван во Битола. Епицентарот на земјотресот беше на 8 километри од Лерин, на длабочина од 2 километри.
– Земјотреси имало и ќе има, тоа е нормално, такво е подрачјето на Балканот. Ова се земјотреси со средно мек интензинтет. До кога ќе се случуваат вакви послаби земјотреси, не се знае со сигурност, ќе се случуваат уште. Меѓутоа, податоците од нашите инструменти кажуваат дека полека доаѓа до смирување и на бројот на земјотреси и до нивната јачина. Природа е тоа, не можеш со сигурност да тврдиш. Смирување на дејството има, меѓутоа после таков земјотрес од околу 5 степени, нормално е да има низа земјотреси додека земјиштето не се смири. Неблагодарно е да тврди човек со сигурност дека нема веќе да има, зашто, сепак, се работи за природа. Има случаи во светот кога мислиш дека се смирил земјотресот, ама повторно ќе се случи. Сепак, голема е веројатноста дека ќе се смируваат – вели професор д-р Влатко Шешов, директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според Шешов нема простор за паника и во такви мигови треба да се реагира разумно и смирено.
– Не треба да се паничи зашто земјотресот не убива луѓе, убиваат зградите. Ние треба да градиме домови согласно техничките прописи, само така граѓаните ќе бидат безбедни – додава тој.
По силниот земјотрес со јачина од 5,6 степени во Грција, кој завчера предизвика голем дел од граѓаните на Битола да ги напуштат своите домови, следеа низа помали земјотреси. Земјотресот, сепак, не предизвика големи материјални штети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*