.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Градска хроника / Битолчани предупредуваат: Каменоломот ќе ни се удри од глава

Битолчани предупредуваат: Каменоломот ќе ни се удри од глава

Кога пред неколку години локалитетот над Битола, познат како “Билбил Камен“  го погодија големите шумски пожари, кои буквално го пеплосаа ридот над градот, сите битолчани без разлика на возраста и партиската определеност беа едногласни во оцената дека со опожарувањето на стотиците хектари шума, Битола буквално остана без „белите дробови“.

Иако беа свесни дека пошумувањето на “Билбил Камен“ нема да оди ни толку брзо, битолчани беа единствени во одлуката дека тој дел над Битола повторно мора да се пошуми.

Така последните години, речиси во сите акции, организирани за Денот на дрвото, битолчани масовно садеа дрвја, верувајќи дека на тој начин повторно во некое идно време ќе се раззелени тој дел на Битола, кој едноставно по големите пожари остана гол рид, подложен на свлечишта дури и при минимални врнежи на дожд.

13508896_1164905966909348_6201597590784060871_n

Но,  наместо да се продолжи со иницијативата за раззеленување на “Билбил Камен“  од пред неколку месеци, на тој дел над Битола од пред извесно време, се отвора каменолом каде што ќе се вади камен и перлит во наредните 30 години.

Отворањето на каменоломот го отвори и прашањето како е можно на тој дел од градот да се издаде дозвола за експлоатација.

Причина повеќе за загриженоста на битолчани беше фактот што почетокот на изградбата на каменоломот се совпадна со многубројните протести на битолчани поради зголемената загаденост на воздухот и појавата на свлечиштата над Битола.

Додека советниците на опозицијата, кои пред неколку месеци го отворија овој проблем бараа одговор на многу прашања што ги поставуваа битолчани, надлежните општински и државни институции едноставно молчеа и не даваа одговор на поставените прашања.

И како што е вообичаено кај нас, кога надлежните институции молчат, одговорот стигнува од политичките партии, кои дополнително го политизираат проблемот.

Во саботата,  проблемот со изградбата на каменоломот над Битола повторно беше актуализиран и битолчани по иницијатива од СДСМ организираа предупредувачки протест на регионалниот пат Битола – Охрид.

kamenolom[1]

– Веќе извесен период и во советот на општината Битола, но и во јавноста се води дебата за новиот рудник за експлоатација на минерална суровина – гранит на локалитетот Билбил Камен. Се работи за рудник што е оддалечен само 800 метри од првото населено место, поради што се наметнуваат прашањата: Дали рудникот ќе има штетни последици по здравјето на битолчани, дали истиот тој ќе влијае врз зголемување на бројката на заболени луѓе од респираторни заболувања, дали е направена соодветна студија за оправданост на средствата, а доколку има студија зошто таа не е доставена на увид на советниците во советот на општината Битола – праша Александар Кирацовски, потпретседателот на СДСМ.

Тој притоа го постави и прашањето за безбедноста на сообраќајот на тој дел на патот, со оглед на тоа што рудникот излегува на магистралниот пат, кој во иднина е планиран да биде експресен пат.

13555564_1348345228514230_2094044539_o[1]

На ваквите прашања од ВМРО-ДПМНЕ експресно одговорија.

– СДСМ врши опструкции на какви било проекти кога и самите знаат и кажуваат дека дозволата за експлоатација на минералните суровини и договорот за концесија на рудникот се издадени од надлежните институции во РМ во согласност со важечката законска регулатива. И покрај тоа што се издадени сите дозволи и исполнети се законските обврски за СДСМ сепак во ова има тема за прес и манипулација на јавноста. Локацијата за рудникот (а не каменоломот како што тврдат тие) е утврдена од страна на Министерството за економија по претходно добиено мислење од сите релевантни министерства, вклучувајќи го и Министерството за животна средина. За соодветната локација исто така е изготвена студија за влијание врз животната средина. Дополнително, концесионерот е обврзан да изврши ремедијација на самата локација, односно да пошуми исто толкава површина колку што во текот на работата ќе експлоатира – возвратија од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.
Засега,  освен политичките партии во Битола никоја друга институција не чувствува обврска да даде одговор на прашањата што се отворија, со отворањето на каменоломот над Битола.

Таква потреба не чувствува ни менаџментот на фирмата „Стентон градба“, која ја доби концесијата за експлоатација на камен и гранит на Билбил Камен.

Во отсуство на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој е во домашен притвор во општината Битола никој нема храброст да одговори на некои прашања, кои сѐ уште висат по отворањето на каменоломот над Билбил Камен.
Битолчани се загрижени бидејќи, како што велат, засеците на ридот, кои моментно ги прави градежната оператива на концесионерот, како и изградбата на пристапните патишта до регионалниот пат резултирале со појава на свлечиштата.

– Што ќе се случува кога концесионерот ќе почне да го минира ридот, тоа можеме само да го претпоставиме – велат битолчани што живеат на битолскиот Баир.

Многумина од нив сметаат дека на тој дел од Битола не смееше да се издаде концесија за изградба на каменолом, особено не сега кога во градот под Пелистер битолчани со право се жалат дека дишат на жабри и дека „белите дробови“ на Битола буквално се уништени.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*