Home / Колумни / Благонадежниот Љубчо

Благонадежниот Љубчо

                       

        Иако до големиот Христијански празник Прочка сеуште има време,  екс премиерот на Република Македонија, Љубчо Георгиевски, кој  на македонската политичка сцена во последно време се  (по)јавува по потреба, почна да се расфрла со простувања.

        Така тој деновиве се јави со предлог во пет точки со  кој  смета дека  може да се реши спорот со Бугарија.

        Лидерот на ВМРО- Народна,  Љубчо Георгиевски, која партија  тој уште од нејзиното формирање ја однароди  од народот и истата  по рејтингот  ја сведе на статистичка грешка,  излезе со пет конкретни  предлози за решавање на спорот со Бугарија.

Војводата од Делчево,  предложи Македонија да даде гаранции дека нема  никакви претензии кон “Источна Македонија”, дека нема да го помага македонското малцинство во Бугарија, потоа  Бугарскиот парламент да усвои Декларација  во која ќе стои  дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик, кои се формирани по 1944 година,  за промена на стратегијата на историските комисии, а како последна петта точка предложи македонската страна да ја даде под концесија железничката пруга на бугарските железници со пресметан екстра профит да ја доградат.

        Откако виде дека ваквиот негов предлог наиде не само на осуда од македонските граѓани, туку  и кај партиите со кои тој е во Коалиција, Георгиевски побара Македонија да  ги смени во учебниците називите за Бугарите од типот окупатор, номад или фашист, затоа што, според него, Македонија и ја простила на Србија окупацијата од 30 години, и простила и на Турција за петте века, па зошто да не и прости и на Бугарија.

– Ако сме им простиле на Србите, кои биле три пати пожестоки окупатори на овие простори, ако сме им простиле во поновата историја на УЧК и седат во Владата, не гледам проблем да им простиме и на Бугарите. Аршинот треба да биде ист. Ако не простуваме, не простуваме никому. Факт е дека секој ранет комита од Македонија одел на лечење во Бугарија. Секој кој бил гонет се криел во Бугарија, над 90 отсто оружјето доаѓало од Бугарија, обуките биле таму, во Бугарија. Таа поврзаност Бугарија- Македонија била многу јака, зошто има проблемот да ја признаеме? Триесет години го зборувам ова. Ако ги утвредевме пријателските места немаше да дојдеме до ова, изјави во интервју  за „А1он” Љубчо Герогиевски и остана жив.

На прашањето за откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, Георгиевски изјави дека тоа не било ништо ново и дека Македонија и со Договорот од Преспа и со Договорот со Бугарија се откажала од малцинствата.

 Македонија во овие 30 години шест пати официјално се има откажано од малцинствата во Грција и Бугарија. Три пати во договори со Грција, уште два пати во договор со Бугарија. Ги избришале од Уставот малцинствата. Ако до сега пет пати сме се откажале од нив, да се откажеме и овој пат и да им дадеме гаранција на Бугарите – објаснува Георгиевски.

Љубчо Георгиевски воедно ги посоветува  актуелните македонски политичари конечно да кажат  дека Гоце Делчев, Даме Груев и сите други биле учители на бугарската егзархија.

-Биле учители, признавате, а со тоа вие ја менувате глобалната перцепција дека не биле толку лоши туку биле пријатели, но ние не го кажуваме како факт. Ние потоа ќе си објасниме под кои околности работеле тука, вели Љубчо Георгиевски.

 По бурните реакции во јавноста  на ваквите негови ставови и барањето на дел од граѓаните тој да биде  протеран од Македонија,  Георгиевски рече дека стои зад нив и не е проблем доколку  некои политичари покренат иницијатива за негово протерување од државата. Тој изјави дека  има три државјанства, покрај македонското и бугарското, но не кажа кое е третото.

        Кога станува збор за Љубчо Георгиевски, тој на македонската политичка сцена дејствува по принципите на рекламниот слоган на Скопска пивара” Скопско и се е можно”

        Па така од Љубчо како политичар се може да се очекува.

        Откако како млад војвода во 1990 година се заложи за самостојна, независна и суверена држава Република Македонија, Ључо Георгиевски ги освои срцата на сите македонци кои по распаѓањето на СФРЈ посакуваа своја држава.

         Таа негова заслуга не може никој  да му ја порекне.

        Но откако во пресметката со Груевски ја изгуби битката во ВМРО ДМНЕ, тој никако не може да се врати на македонската  политичка сцена, на која со неговата ВМРО НП опстојува  речиси формално, без  никакво членство.

        Од него не се откажаа  не само неговите “комити “ туку и најголемиот дел од македонскиот народ.

        Затоа тој, а особено кога  си зеде бугарски пасош, најмалку има право да дели лекции или нуди предлози и решенија за (не)решавање спорот со Бугарија.

 Уште повеќе што тој додека беше премиер не направи ништо да се надминат недоразбирањата со Софија.

Најдобро за него и неговите пајташи е да си ги брка бизнисите со кој се занимава и во кои очигледно е подобро се снајдува отколку в политиката, каде за време додека беше премиер спечали, како што знаеше да каже скромен капитал, колку еден бизнисмен.

Простувањата и попуштањата нека им ги остави на други, кои за разлика д него имаат барем малку чувство за патриотизам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*