Don't Miss
Home / Македонија / Близначињата не ги видоа ни мајката ни амбасадорот Волерс

Близначињата не ги видоа ни мајката ни амбасадорот Волерс

Приказната е навистина несекојдневна и невообичаена, колку смешна, толку и трагикомична. А почетокот на вистинската приказна од животот, која ни ја раскажува сопственикот на приватната болница за гинекологија и акушерство „Плодност” од Битола, д-р Таше Трпчевски, накратко изгледа вака.

– Беше доцна во ноќта кога маж и жена на возраст од околу 40 години со двегодишно дете дојдоа во болницата за да се породи жената. Мажот се претстави дека е Американец, зборуваше само на англиски. Со оглед на тоа што жената беше во поодмината бременост, таа само што влезе во болницата, уште во лифтот почна да чувствува породилни болки и ние веднаш ја внесовме во салата за породување. Најпрво по природен пат се роди првото дете, женско, тешко 1.500 грама, а веднаш потоа почна да се раѓа и другото женско бебе, тешко 1.400 грама, кое поради компликации го породивме со царски рез. Кога ѝ соопштивме на мајката дека доби две женски деца, близначиња, таа остана вџашена, бидејќи не знаеше дека носи близнаци, а нејзиниот „сопруг” премногу се „израдува”. Откако мајката се породи, „среќниот татко” за да биде постојано со својата сопруга и, како што ни рече, во ниедно време да не се враќа во Охрид, го најми најлуксузниот апартман во болницата, со 24-часовна олинклузив-услуга – ни раскажува сопственикот на болницата д-р Трпчевски.

tase 1

д-р Таше Трпчевски

 

 

Според Трпчевски, цело време додека „американската брачна двојка” престојувала во болницата, медицинскиот и другиот персонал на „Плодност” им биле 24 часа на услуга, а „Американецот” бил толку многу пребирлив што вработените во болницата не знаеле како да му ги задоволат сите негови барања.

Со оглед на тоа што девојчињата на свет дошле предвреме и биле мошне ситни, тие биле ставени во инкубатор и два дена подоцна со возило за итна помош, сопственост на болницата, биле транспортирани на Детската клиника во Скопје, каде што требало да поминат извесен период на закрепнување, а мајката била задржана во болницата во Битола да закрепне од предвременото породување. И додека бебињата биле на клиниката во Скопје, во битолската болница буквално се луксузирал „среќниот” татко од САД, чекајќи неговата сопруга да закрепне. За тоа време тие двајцата со своето „синче” уживале во раскошниот апартман на болницата „Плодност”.

Три дена по породувањето, додека „Американецот” примал честитки за доаѓањето на свет на двете бебиња, во „Плодност” пристигнале двајца сопственици на битолски хотели, кои го известиле д-р Трпчевски дека кај него во болницата е измамник, кој долго време престојувал кај нив и без да плати се иселил.

 

bolnica plodnost

Болницата “Плодност“

 

Клопчето почнува да се одмотува

И тогаш почнува да се одмотува клопчето за „богатиот Американец”. Сопственикот на болницата ѝ побарал документи за идентификација на американската „брачна двојка”, како и да плати за породувањето и за користењето на апартманот. Во меѓувреме барање за идентификација на мајката пристигнало и од скопската детска клиника.

– Иако кога ми соопштија сопствениците на хотелите дека во болницата престојува измамникот што ги прелажал нив, кај мене се јави сомнеж, сепак тој со својата слаткоречивост повторно ме (раз)убеди дека сѐ ќе биде во ред. Најпрво ми побара жиро-сметка да ми плати преку некоја американска банка, а за документите ми рече дека во брзањето навреме да се породи неговата сопруга ги заборавил и дополнително ќе ги донесе.

Потоа ме замоли да ги известам во Клиничката болница во Скопје дека бебињата сака да ги посети американскиот амбасадор Пол Волерс, со кого лично се познавал и кој, наводно, се интересирал за нивното здравје. Кога ја известивме Клиниката во Скопје дека бебињата ќе ги посети Пол Волерс, според нивни кажувања, луѓето таму се подготвувале да го пречекаат амбасадорот, но од него ни трага ни глас – објаснува д-р Трпчевски.

Но „гостинот од Америка” продолжил со своите лаги. Тој му соопштил дека, наводно, поради обврски Волерс не можел тој ден да ги посети бебињата и дека тоа ќе го направи другиот ден. Но посетата на Волерс не се реализирала ни другиот ден. Бидејќи од Клиниката во Скопје инсистирале на идентификација на бебињата, сопственикот на болницата „Плодност” случајот го пријавил во битолската полиција и побарал од среќниот татко да плати за породувањето и за услугите. Но и тоа многу не го вознемирило „Американецот”. Тој и натаму си уживал во луксузниот апартман. Не се возбудил многу ни кога инспектори на битолската полиција го повикале на сослушување. Дури по пријавата на Трпчевски, во МВР утврдиле дека се работи за познатиот измамник Р.Б. од селото Мешеишта, Охридско, и неговата сопруга В.У. од Охрид, на возраст од 41 година.

– Тогаш сфатив дека сум изигран и измамен и откако на едно ливче потпиша колку должи за породувањето и за услугите на „сопругата” ги избркав од болницата. Од тој момент не само што не знам што се случува со него и неговата сопруга и каде се во моментот, туку не знам ни што станува со двете женски бебиња што ги доведе на свет, наводно, неговата сопруга – вели Трпчевски.

Освен болницата, своите услуги не можат да ги наплатат и сопствениците на хотелите во Битола.

Никој не се загрижил за бебињата

По трагите на оваа приказна контактиравме со директорката на Детската клиника во Скопје, д-р Аспазија Софијанова. Откако ги сослуша нашите прашања, таа ни рече дека дечињата биле донесени во Детската клиника во многу тешка, дури и критична состојба. Но, благодарение на укажаната помош и медицинската нега, дечињата целосно закрепнале. Тие речиси еден месец поминале во интензивното одделение на Детската клиника. Но тоа што ја загрижило д-р Софијанова е што за тој период никој не се интересирал да праша што станува со дечињата, а особено што за нив не се интересирале ни нивните „родители”.
– Јас дневно добивам по 1.000 повици за посети на новородени дечиња. А за близначињата не се јави никој – раскажува д-р Софијанова.

Со оглед на тоа што не е работа на Детската клиника каде ќе бидат згрижени дечињата, туку тоа е работа на центрите за социјални работи, за судбината на дечињата се интересиравме во Домот за доенчиња и без родители во Битола.

 

Мајката и пред три години вонбрачно се породила

Иако во првиот момент во домот одбија да разговараат на таа тема, сепак дознавме дека мајката В.У, а и „таткото” Р.Б. од Охридско им се добро познати на вработените од домот. Имено, пред три години мајката В.У. на свет донела едно машко дете, кое сега има нешто повеќе од две години, и тие двајца постојано го носат со себе. Според кажувањата во домот, претходно таа имала и други деца од некоја друга вонбрачна врска.

– Беше тоа пред три години, кога во домот дојде В.У. и рече дека е самохрана мајка, дека сопругот ја напуштил и побара да ја згрижиме. Како самохрана мајка ние ја згриживме, бидејќи беше во поодмината бременост, осми месец. Со неа беше еден маж, кого го претставуваше како роднина. Откако се породи во битолската болница, таа се врати во домот каде што престојуваше три месеци, по што, придружувана од Р.Б., го напушти домот. Оттогаш не знаеме што се случи со неа – ни велат во Домот за доенчиња во Битола, каде што во овој момент не се стигнати близначињата.

Додека ја подготвуваме приказната за „брачната двојка” од САД, во меѓувреме „среќните” родители биле видени во Прилеп, каде што се луксузирале во некој од хотелите.

– Токму така. Кај мене Р.Б. со својата „сопруга” и детенцето престојуваа пет дена. Со себе немаа документи и ми рекоа дека ги заборавиле во Охрид. Цели пет дена мажот ми зборуваше само на англиски, ме мавтосуваше дека е личен пријател на амбасадорот на САД, Волерс, и ми нудеше разни бизниси. Ми ветуваше дека видни Американци од светот на бизнисот ќе престојуваат во хотелот, дека ќе ме наполни пари, а и дека ќе ми среди документи за престој во САД, бидејќи, освен што бил другар со Волерс, бил голем пријател и со главниот за добивање визи во американската амбасада во Скопје. Но кога видов дека ме мавтосува, му ги зедов работите и му реков дури не плати нема да го пуштам. Отиде надвор од хотелот, каде што ги остави својата сопруга и малото дете и донесе пари, по што си замина. Каде е сега не знам – ни вели сопственикот на хотел во Прилеп.

За тоа каде е измамникот што се претставувал дека е од САД во овој момент никој не знае. Но тоа и не е толку битно. Зошто мајката воопшто не се јавила во клиниката за да праша што се случило со нејзините близначиња што ги донесе на овој свет пред нешто повеќе од три месеци? Дали нејзината мајчинска љубов траеше само до породувањето или во прашање е нешто друго, засега останува без одговор.

Близначињата вратени во Детската клиника!?

Двете женски близначиња што на свет ги донесе мајката В.У. од Охрид, според последните информации на „Нова Македонија”, се наоѓаат во Детската клиника, на Одделението за неонатологија. Со оглед на тоа што се работи за дечиња што сѐ уште се доста слаби, тие не можат да бидат згрижени во Домот за доенчиња во Битола и се вратени на Детската клиника.
Во болницата буквално не знаат што да прават со нив, бидејќи никој не ги бара, не можат да бидат префрлени во дом, а истовремено држат место на деца што навистина имаат потреба од медицинска нега во болницата.
– Сериозен проблем за нас претставува и фактот дека не знаеме кому да му ги фактурираме високите трошоци за нивното лекување, бидејќи засега никој не пројавува грижа за нив – вели д-р Софијанова.

 

„Без решение на Центарот за социјални работи, ние никого не можеме да згрижиме”

Во Домот за доенчиња во Битола, каде што се згрижени стотици бебиња напуштени од своите родители, велат дека тие без решение на Центарот за социјални работи не смеат никого да згрижуваат. Бидејќи мајката В.У. еднаш веќе била згрижена во домот, а таа потекнува од Охрид, потребно е за згрижување на близначињата да добиеме решение од Центарот за социјални работи од Охрид, велат во домот, но, според нив, засега такво решение нема стигнато во Битола.

 

 

Менде Младеновски

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*