Home / Колумни / Бомбата и кубурот на Заев

Бомбата и кубурот на Заев

Обично вицевите, кои речиси секој ден ги слушам од некои мои колеги, во последно време, колку што повеќе ги слушам, толку побрзо ги заборавам. Како новинар сум се изнаслушал секакви вицеви.

Мојот сега пензиониран колега, Стојан Дамјановски – Чотата, додека беше во Битолски весник, речиси секој ден ми кажуваше по десетици разни вицеви од сите жанрови. Во својот “хард-диск“ тој имаше илјадници вицеви и често пати знаеше да каже дека има таков “репертоар“ вицеви што може да кажува непрекинато од Битола до Истанбул и назад, без притоа ни еден виц да го повтори два пати. Некои од тие вицеви сум ги запомнил, но многу сум ги заборавил, дури во истиот момент кога сум ги слушнал.
Но еден виц добро го запомнив, а се однесуваше на Македонецот, кој во турско, со себе назад на појасот постојано носел кубур и го чувал за зол час. Во една прилика Турците толку многу го малтретирале и понижувале Македонецот, но тој сето тоа трпеливо и стоички на нозе го издржал. Кога во еден момент Турчинот забележал дека на појасот, носи кубур, го прашал зошто му е кубурот, Македонецот одважно и “храбро“ му рекол дека го носи за да му се најде во зол час.
Кутриот Македонец, во тој момент кога од страна на Турчинот бил толку многу тормозен, па дури и сексуално малтретиран, не собрал храброст да го извади кубурот и истиот да го употреби, туку го задржал за не дај господ, или за зол час.

Кога деновиве на трибината на СДСМ го слушав лидерот на опозицијата Зоран Заев, кога зборуваше за тормозењето на опозицијата од страна на власта, и кога со огромна самодоверба кажа за “бомбата“ која веќе подолго ја има и дека кога ќе ја “активира“, буквално, не само што ќе го “разнесе“ Груевски и неговиот режим, туку од “експлозијата на бомбата“ последците ќе ги чувствуваат и сите Македонци, кои ќе мора да се срамат од начинот на владеењето на Груевски, се потсетив на вицот за кубурот.
Во тој момент помислив дека на Заев му дошло преку главата од малтретирањето од страна на власта, па, конечно, собра храброст и ќе ја “активира“ бомбата, која последните денови е топ-тема во домашната и меѓународната јавност и на тој начин ќе ја најави дефинитивната пресметка со “режимот“ на Груевски.
Мислам дека таквото чувство во тој момент во Центарот за култура го делеа и другите присутни во салата, кои едвај очекуваа, конечно, Заев да проговори за каква “бомба“ станува збор. Но, за жал, од “бомбата“ што ја најави Заев не само што не се случи ништо. Наместо “бомба“ во салата на Центарот за култура, одекна ќор фишек.

Наводно “бомбата“ Заев ја чува за погоден момент и истата ќе ја “активира“ кога тој и неговите од најтесното раководство ќе оценат дека е најдобро, не само за партијата, туку и за државата, бидејќи, како државотворна партија, СДСМ не може и не смее да си игра со интересите на Република Македонија.

Иако во изминатите години сме навикнале во голем број случаи да бидеме сведоци на избрзани и “зајачки“ изјави на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, сепак, мислам дека со последната изјава околу “бомбата“, Заев си поигра со чувствата не само на членовите на неговата партија и симпатизерите, туку и со чувствата на граѓаните на Република Македонија.

Иако непредизвикан од никого, во последно време, по неуспешниот обид да го урне Груевски со случајот “Македонска банка“, Заев излезе во јавноста дека поседува докази и аргументи, кои ако ги обелодени не само што Груевски ќе мора да ја напушти премиерската фотелја, туку од нив ќе се срами цела Македонија.

Држејќи ја јавноста како заложник, Заев со неговата “бомба“ излегува во јавноста кога тој ќе осети потреба за тоа. Притоа освен што истата само ја најавува, барем досега, не излегол со аргумент и информации за каква “бомба“ станува збор.

Но, тоа е проблем на Заев. Тоа што е наш проблем и со кој никој, па ни Заев не може да си игра е дека Заев нема право да си игра со чувствата на граѓаните на државата. Ако тој има докази и факти, кои не мора да бидат “бомба“, по чие обелоденување во јавноста Груевски во рок од три дена, засрамен ќе мора да ја поднесе оставката, тогаш се поставува прашањето за какви докази станува збор и што всушност крие Заев.
Во македонското законодавство и криењето докази е казниво по закон. Доколку ги има компромитирачките докази против Груевски, Заев истите мора не на јавноста, туку на јавниот обвинител да му ги предаде истиот момент кога дошол до нив, а подоцна јавниот обвинител и јавноста ќе кажат дали тие се валидни, или не, и дали Груевски ќе поднесе оставка, или пак од лидерската позиција ќе мора да си оди Заев.
Секое поинакво однесување, како што тоа во овој момент го прави Заев, не само што е несериозно, туку е и казниво по закон, бидејќи прикривање на сторител на кривично дело е соучесништво.

СДСМ иако во моментот е слаба партија, сепак, се уште не е толку несериозна за со неа да си поигрува Зоран Заев.

Од неговите зајачки изјави нема штета само СДСМ, туку и граѓаните на Република Македонија, а со неа, барем така вели тој, нема право никој да си игра.

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply to Anonymous Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*