Home / Колумни / Бугаризација на отворена сцена

Бугаризација на отворена сцена

Деновиве, кога политичките партии и лидери кај нас водат битка до истребување во врска со Преспанскиот договор, секој ден  државата, а во таа смисла и Битола, ја напуштаат по  десетици млади семејства кои заминуваат во странство.

Додека политичарите секојдневно  во јавноста и медиумите се  пенават  за тоа кој е поголем Македонец, предавник,  или патриот, кој се бори за зачувување на македонскиот идентитет, а кој прави (веле)прадавство, во Македонија на отворена сцена се врши класична бугаризација.

Секојдневно државата ја напуштаат десетици и десетици Македонци, кои како Бугари заминуваат, сами, или со своите семејства во некоја од европските, или прекуокенските земји.

За разлика од политичарите кои имаат трпение да ги решаваат проблемите за Македонските евроинтеграции, младите Македонци го изгубија трпението и  спасот од бесперспективноста го побараа во земањето на бугарски пасоши, со кои заминуваат во потрага за подобра среќа во светот.

Деновиве во јавноста излезе податок дека над стотина илјади Македонци во изминатите години се стекнале со бугарски пасоши и како Бугари ја напуштиле Македонија.

Во изминатите неколку дена сведоци сме како во Бугарија и соседна Србија истражните органи водат интензивни истраги за злоупотребите кои се правеле за издавање на бугарски пасоши.

Некои бугарски медиуми деновиве објавија дека партијата на ВМРО на Красимир Каракачанов  дури наводно  се финансирала од бизнисот што го правела со издавањето на бугарски пасоши за Македонците.

Воопшто не криејќи дека тие не учествувале во таквите игри, од партијата на Каракачанов дури со жалење констатираа(т) дека некои Македонци, кои барале бугарски пасоши, дури биле во неравноправна состојба со граѓаните на другите земји,  кои многу полесно и преку ред добивале бугарски пасоши.

И додека во Бугарја и соседна Србија се водат опсежни истраги за тоа како биле издавани бугарските пасоши и дали при тоа имало злоупотреби, или не, кај нас во Македонија за тој скандал ниту се зборува, ниту пак се пишува.

Македонските власти и политичарите од опозицијата  едноставно се однесуваат како тоа  нас да не не допира.

Кај нас сите политичари кои  сите овие 27 години од Македонската независност ни ја кројат судбината едноставно се прават на “Тошо” и се однесуваат како тоа да не се однесува за нас.

Земањето на  македонските граѓани бугарски пасоши не е проблем ни од денес, ни од вчера.

Напротив тој е проблем кој се јавува со децении, уште од осамостојувањето на Македонија.

На почетокот некои Македонци  срамежливо  и задскриено бугарските  пасоши ги бараа за упис на факултет, за да ги избегнат високите партиципации, потоа за купување на автомобили, други за почнување на сопствен бизнис, трговија… трети за да не одат в затвор.

Но во последно време барањето на бугарски пасоши кај нас  доби епидемиски размери.

Тоа што е загрижувачко е што сега во бројните редови пред бугарските конзулати или амбасадата,  стојат наши граѓани кои себеси постојано  се прикажуваа(т) како најголеми патриоти и Македонци.

Секој еден од нив, опседнат со своите проблеми не гледајќи тука спас од бесперспективноста и партизираноста на државата, попрво се одлучува да застане во редовите за да земе бугарски пасош и да ја напушти Македонија, отколку да седи  во партиските редови пред седиштата на владеачките партии и да чека да добие вработување.

Потребата од работна сила во светот  во моментот е огромна. Постојано се нудат разни бенифиции за вработувања на млади и работоспособни  стручни кадри за вработување во Германија,  Шведска, Норвешка, Данска, Канада, Австралија, САД.

И кога станува збор за миграцијата на овие простори таа постоела и ќе постои. Впрочем Македонија е позната печалбарска земја, а македонскиот народ како печалбарски. Но тоа што е проблематично со земањето на бугарски пасоши за нас е што Бугарија  ги присилува Македонците кога бараат бугарски пасош да пополнуваат изјави на нотар во кои пишувата дека се чуствуваат Бугари и дека имаат бугарски корења.

Доколку не беа овие услови, кои Бугарија како држава кога тогаш ќе го (зло)употреби, земањето на бугарски пасоши немаше да преставува никаков ерес, како што не е ерес поседувањето на германски, шведски, норвешки или американски пасош.

Но  начинот на кој сега се добиваат бугарските пасоши тоа еден ден Македонија скапо ќе ја чини.

А нашите политичари,  кои секојдневно се чукаат в гради како големи Македонци и патриоти се однесуваат како тоа воопшто да не се се случува.

Како никој да не гледа дека на Македонија и се случува класична бугаризација на отворена сцена.Како тој процес на бугаризација да е сосема нормален.

И додека кај нас политичките лидери се натпреваруваат кој е поголем Македонец и кој е тој кој се залага за заштита на македонскиот идентит, а кој не, Македонците  секојдневно стануваат Бугари.

Еднаш во една прилика напишав, а сега само ќе повторам. Бранејќи го името ние го изгубивме народот. Иако можеби ќе звучи непријатно, сепак мислам дека еден  ден Македонија ќе биде земја во која најмалку ќе има Македонци и дека Македонците како Бугари ќе ја напуштат Македонија во потрага овој пат  не по корка сув леб, за каква сонуваа претходните печалбари, туку по подобар живот и поголема среќа, зашто оваа несреќа, која ни ја сервираат  нашите политичари сите изминати 27 години кај нас станува веќе неподнослива.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*