Home / Uncategorized / Ченто: За 27 април се виновни политичарите

Ченто: За 27 април се виновни политичарите

Во вкрстеното испрашување по сведочењето на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, дел од обвинетите кои се се уште во притвор му поставија прашања посочувајќи ја одговорноста на политичките елити за насилниот упад во Собранието.

-Дали ќе се согласите со мене дека најголеми виновници за она што се случи се политичките елити бидејќи не дозволија да преовлада разумот за мирна транзиција на власта и затоа што некој калкулираше за да си ја зачува удобната фотелја и функција? – го праша Вељаноски обвинетиот Јане Ченто.

Вељаноски на тоа рече дека е правник, но дека во судот е како сведок и го праша Ченто од која позиција да му одговори. На тоа интервенираше судијката Кацарска која рече дека треба да одговори како сведок. Ченто го праша Вељаноски и дали народот ќе влезеше во Собранието да не беа отворени вратите, на што Вељаноски рече:

-Собранието е од прв степен на заштита, за него се грижи МВР и сите вработени од обезбедувањето се вработени во МВР – рече тој накусо. Потоа прашања му поставуваше обвинетиот Игор Југ, кој го праша Вељаноски дали се согласува со него дека оние, како што рече, кои скапуваат сега во затвор се кукли со кои си играат политичарите.

-Политичарите си ја играат политиката, водат политика. Јавноста и народот на избори кажуваат што направиле политичарите и дали ја заслужуваат нивната доверба – одговори тој. Југ потоа го праша: Дали може да заклучиме дека секој си ги извади своите, а во притвор останавме само ние жртвените јагниња? Но судот го усвои приговорот на одбраната за ова прашање, по што Вељаноски не одговори на прашањето. Прашање му постави и обвинетиот Горан Ангеловски Ќосето, кој го праша дали ќе се согласи со него дека Талат Џафери бил нелегитимно избран за претседател, на што Вељаноски се сложи.

-На 27 април во 18.00 часот ја прекинав седницата и во договор со претставниците на политичките партии се согласивме седницата да продолжи следниот ден во 11.00 часот. Се што се случувало понатаму е надвор од деловникот – рече тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*