Home / Вести / ЦИА со месеци го предупредувале Трамп за коронавирусот

ЦИА со месеци го предупредувале Трамп за коронавирусот

Коронавирусот со огромна брзина се шири во САД, а Вашингтон пост во петокот објави дека разузнавачките служби со месеци го предупредувале Доналд Трамп за тоа што може да се случи, но тој ги игнорирал сите предупредувања.

Во моментов во Америка од коронавирусот се заразени најмалку 18.763 лица, а 258 луѓе починале. За само неколку дена во државата Њујорк се откриени повеќе од 8.000 заразени, при што гувернерот Ендру Куомо побара 100.000 болнички кревети. Цела Калифорнија е блокирана, а американските држави се сè уште помалку или повеќе оставени на себе затоа што сојузната влада многу слабо реагирала.

Според Вашингтон пост, набргу откако вирусот почнал да се шири во Кина ЦИА предупредила дека станува збор за потенцијална пандемија, но Трамп во старт ги отфрлил ваквите теории, нарекувајќи ги претерување. ЦИА од првиот ден ја следи состојбата со вирусот во Кина и предупреди дека тамошните власти ја прикриваат вистинската слика која е многу сериозна. Разузнавачите не предвиделе кога вирусот би можел да ги погоди САД или што да направат во тој случај, но навремено ги информирале сите клучни луѓе во американската влада.

„Доналд Трамп можеби ова не го очекуваше, но многу луѓе околу него го очекуваа. Но, не можеа да го убедат да направи нешто. Се вклучија сите можни црвени светла“, изјави неименуван извор од разузнавачките кругови за Вашингтон пост.

Првиот состанок на кој Трамп се согласи по ова прашање со своите соработници се случи на 18 јануари. Неговиот советник за здравство Алекс Азар се обидел да му објасни што може да се случи, а Трамп во еден момент го прекина и го праша кога ќе продолжи продажбата на електричните цигари.

До крајот на јануари се одржувале редовни состаноци на Трамповиот кабинет на кои редовно се зборувало за коронавирусот, но Трамп не го сфати сериозно, тврдат високи извори за Вашингтон пост. Наместо да им верува на своите луѓе, Трамп наводно му верувал на кинескиот претседател Си Џинпинг. Разузнавачите го предупредувале дека Кина манипулира со вистинските податоци и дека не се точни, на што Трамп одговорил дека Кина одлично се справува со епидемијата на вирусот.

Дури и откако коронавирусот се појави на територијата на САД и стана сериозна закана, Трамп при неговото враќање од Индија се пожали дека Ненси Месониер од Центарот за превенција на заразни болести непотребно шири паника, велејќи дека вирусот ќе го промени начинот на живот на Американците. На Трамп најмногу му сметало дека тоа ги одвраќа потенцијалните инвеститори.

Дури откако луѓето навистина почнаа да умираат и заразата почна неконтролирано да се шири низ целата земја, Трамп го стави во сила  Законот за производство за одбрана, воен закон од 1950 година, со кој владата ја презема контролата над производните процеси во земјата. Сè уште нема вистински федерален одговор ниту е објавена национална стратегија за борба против вирусот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*