Home / Вести / Дали Милевски му сврте грб на Заев?

Дали Милевски му сврте грб на Заев?

Одлуката ЛДП да ја напушти коалицијата не го изненади само лидерот на СДСМ, Зоран Заев туку и пратениците на ЛДП.

Како „удар од ЛДП“ и одлука донесена во „најнезгоден момент“ го оцени  денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ставот на Либерално-демократската партија дека нејзините двајца пратеници, Боби Мојсовски и Моника Зајкова, во иднина ќе настапуваат самостојно во парламентот, надвор од Коалицијата „Можеме“.

Во соопштението на ЛДП се вели дека Централниот одбор на партијата ја донел оваа одлука уште пред седум месеци, но дека поради објективни причини, не можела досега да се реализира.

-Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно делување во македонскиот парламент заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор за дејствување на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневнополитички теми. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, стои во соопштението од ЛДП.

Одлуката на ЛДП Заев ја оцени како легитимна, но смета дека не е соодветна во време кога опозицијата зборува за ново парламентарно мнозинство.

– Одлуката на ЛДП е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција и чекаа соодветен момент.Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или на заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Ова го сметам за удар врз СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука – рече Заев.

Според неофицијални партиски информации, дел од членството било крајно изненадено од ваквата одлука на раководството на ЛДП , бидејќи претходно не биле известени за моментот кога оваа одлука ќе биде реализирана. Извори на ЛДП велат дека претседателот на партијата Горан Милевски не ги информирал дури ни двајцата пратеници дека ќе ја активира  одлуката.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*