Don't Miss
Home / Вести / Дејан Трајковски: Битола го доживеа пикот на ковид на 27 август

Дејан Трајковски: Битола го доживеа пикот на ковид на 27 август

           

– Судејќи според седумдневната подвижна средина на дневниот број на нови случаи, врвот на заразувањето во Битола бил околу 27 август (жолтата линија на дијаграмот на првата слика). Последниве два дена стагнира и бројот на активни случаи, односно достигнат е и неговиот врв.

 Ова го тврди професрот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски.

Според  Трајковски на дијаграмот на 14-дневната инциденца  можеме да направиме една интересна споредба. Гледаме дека на државно ниво (црвената линија) инциденцата бргу искачувала, а потоа бргу слегувала, со еден прилично остар врв.

Во Битола пак (зелената линија) инциденцата помалку стрмо искачувала, а врвот е широк и разлеан на повеќе денови, т.е. настапило плато. Намалувањето исто така ќе биде бавно.

         Објаснувањето го дава теоретскиот модел и има врска со репродукцискиот број (R0) на епидемијата во определена средина. На државно ниво R0 бил повисок и затоа кривата е повисока и потесна. Во Битола R0, односно преносливоста била пониска, па затоа бранот е понизок и поразлеан.

          Ова сме го виделе порано преку математичките симулации на динамиката на епидемијата, при различни репродукциски броеви R0.

       Покрај чисто математичкото, има и епидемиолошко објаснување (математиката само служи за опишување на истото). Колку преносливоста на епидемијата е повисока, вирусот побргу заразува и „исклучува од игра“ (ги става во изолација или ги имунизира) таман толку лица колку што треба да се постигне колективен имунитет, па откако нема да има доволно чувствителни (сусцептибилни) бранот спласнува. При помала преносливост тоа „исклучување од игра“ е побавно и бранот трае подолго. Интересно е што при помала преносливост колективниот имунитет се постигнува при помалку прележани (така кажуваат и математичките симулации), а со тоа и помалку хоспитализирани и починати, што не е мала работа.

           Кога велиме „колективен имунитет“, тој се постигнува при дадена преносливост, која зависи од сојот на вирусот, сезонската преносливост, но и од дисциплината на населението, државните мерки и вакцинацијата. Токму благодарение на дисциплината на населението Јапонија никогаш немала големи бранови, дури и без никакви вакцини. Македонија е на другиот крај од спектарот. Благодарение на отсуството на дисциплина и целосната негрижа, како од страна на населението така и од здравствените власти, имавме бранови какви што имавме, вели  проф. Дејан Трајковски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*