Don't Miss
Home / Колумни / Делби

Делби

                                    

          Најголемиот македонски празник Илинден беше и помина.

          Македонците и сите граѓани кои живеат во Македонија (неработно) го прославија овој празник, на кој се удрени темелите на македонската држава.

          Наместо на светите места каде со децении се прославува Големиот Илинден:  Крушево, Смилево, Трново, Прохор Пчински… Македонците овој пат празникот го одбележаа во туристичките места: Охрид, Дојран, Преспа.

          Одбележувањето на 117 годишнината од Илинден 1903 и 76 годишнината на АСНОМ, овој пат помина во најблаго речено во “безгласна” атмосвера.

          Овој пат изостана познатиот фолклор на прослава на Илинден со зурли, свирки, тапани…

           Државните институции и политичките партии,  повикувајќи се на следење на здравствените протоколи на здравствените работници се обидоа што помалку народ да се собере на светите славенички места.

          И тоа не  е толку битно.

          Тоа што остави лош впечаток кај најголемиот број од граѓаните на оваа држава е што и овој пат, иако сите политички партии и лидери, како и порано повикуваа на единство и семакедонско помирување, сепак повторно ни се случија нови делби.

          Повторно  бевме сведоци дека едни се прогласија себеси за патриоти, а други за предавници, едни кои ги чуваат и негуваат  придобивките на Илинденците, а други за луѓе кои едноставно не само што ги изневерија идеалите на Илинден, туку  како што во Трново рече еден беседник извршија  класично велепредавство, за кое еден ден сите ќе одговараат пред Народниот суд на правдата.

          И на годинашниот Илинден, како и на претходните, слушнавме веќе слушнати работи и глаголења за патриотизам и предавства.

          Многу стари говорници во сите свои нови говори ги истакнуваа(т) истите мисли и пораки.

          Но се чини дека и на овој Илинден, како и на сите претходни постојано се повторуваат пораките за обединување и помирување и ставање на крај на делбите и поделбите на овој народ по сите основи.

          Разликата на годинашната прослава на Илинден беше во тоа што тие пораки  немаше кој да ги слушне.

          Дали поради короната, или пак поради режијата на сценаристите, годинашното прославување на Илинден помина колку да помине.

          Овој пат речиси безгласно се изговараше и името Македонија.

          Во говорите на говорниците беа изоставени и имињата на Илинденците, на славните Македонци кои во 1903 и НОВ и Револуцијата покажаа и докажаа со своите животи како се сака и треба да се сака својата татковина. Хероите кои покажаа колку е човечкиот живот безначаен доколку истиот се посвети на татковината.

          Годинава многу тивко поминаа и пораките кои некои говорници полугалсно ги изговорија за мир, толеранција, добрососедство, слобода, демократија…

          Навистина фрустирачко е чувството и на Илинден да се внимава дали ќе се изговори името на  Даме, Питу, Гоце, Карев,Ченто…

          Народ без минато, нема иднина, рекол во една прлика еден познат историчар.

          Иако македонската историја, која и пред и по Илинден е постојано 

цел на негации, непризнавање, оцрнување… сепак не треба да се биде кој знае каков историчар па да се знае дека на Илинден 1903 година, македонскиот народ, заедно со сите останати народи кои живеаја во Македонија го кренаа својот глас против турското ропство и со пушка во рацете се обидоа да ја извојуваат својата национална и социјална слобода.

          Тој слободарски дух, Македоцните од 1903 скапо го платија.

          Крушево, првата слободна  Република на Балканот беше буквално спалено и пеплосано, а Илинденците кои не беа убиени самите си ги одзедоа своите животи. Но на нивното херојство и храброст почесен плутон испали дури и Турскиот аскер, кој беше вчудоневиден од нивната храброст.

Гледајќи ги дрновиве тие веќе избледени слики од играните филмови на македонската кинотека, само по себе ми  се наметна прашањето што се случи со овој народ, како и кога тој ја изгуби својата храброст  и достоинство.

          Народот кој ги имаше Солунските атентатори, храбрите војводи и комити, славните Илинденци,  кои со пушка в раце се крена против многукрато понадмонќниот окупатор, денеска се доведе во ситуација да нема храброст да ги споменува ни имињата на славните Илинденци.

          И додека едни се тие да се слават и почитуваат, други се да не чепкаме многу по историјата бидејќи тоа ќе ги налути нашите соседи и ќе ги закочи нашите интеграции кон ЕУ.

          Иако Македонија ги живее 117 години од создавањето на првата слободна република  на Балканот, 76 годишнината од поставувањето на темелите на АСНОМ и 30 години од независноста и самостојноста на државата, сепак на овој народ сеуште му се наметнува чувство на вина  што сака да има  своја  самостојна, суверена и независна држава.

          Слепо и послушнички исполнувајќи ги сите барања на европските ментори постојано од граѓаните на оваа држава се бара одрекување од сите придобивки кои ги стекнавме со акламативното изјаснување за независна држава, право кое го имаат  192 држави во светот.

          Таквата наша послушност која се граничи со понизност досега скапо не чинеше.

          Колку ќе не чини во иднина останува да с евиди.

          Но на тој пат до Брисел и ЕУ не се оди сам, или само со своето партискио членство.

          Тој пат мора да се изоди заедно со цел народ и сите  останати народи кои живеат во Македонија и кои оваа држава сеуште ја чувствуваат како своја и на нотар не се откажале од неа.

          Затоа сега од било кога порано ни е потребно единство. Но не единство само  за доаѓање или  останување на власт. Туку национално единство кое ќе го чувствуваат како аманет кон сите кои ги дадоа своите жиоти за оваа држава.

Колумната можете да ја прочитате во најновиот број на Битолски весник кој излегува утре

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*