Don't Miss
Home / Колумни / Денови кога сите имавме иста желба

Денови кога сите имавме иста желба

Новата година беше и помина. И битолчани, како и најголемиот број граѓани на Македонија, старата 2016 година, за која сите се согласни дека беше една од најтешките, ја испратија со желби никогаш повеќе да не се повтори и да не се врати.

Можеби ќе звучи цинично, но деновиве еден средовечен битолчанец во новогодишна анкета што се емитуваше на некои од локалните битолски телевизии, дали во шега дали во знак на револт, буквално изјави дека сите што успеаја да ја преживеат старата 2016-та и да ја дочекаат новата 2017 година заслужуваат, во најмала рака, да добијат орден за храброст.

Според него, требаше да се има многу храброст, но во исто време и трпение и умешност, да се издржи и истрпи сето тоа што обичниот граѓанин на Македонија го доживеа и преживеа во 2016 година, кога, освен малобројните среќници, најголемиот број обични смртници не знаеја што носи наредниот ден.

Поплави, земјотреси, нечист воздух, дишење на жабри, протести на средношколците и на студентите, „бомби“, „шарени револуции“, партиски пресметки, очај, гнев, револт, омраза, блокади на стотици фирми, стечаи, закажани па одложени избори, голем број најавени но одложени проекти, тапкање во место на патот за Брисел, поделба на народот на патриоти и предавници, чесни и криминални политички структури, преговори за судбината на Македонија во Пржино, нови предвремени парламентарни избори…

Така беше кај нас. А во светот уште полошо и пострашно. Речиси секој ден бевме сведоци на војни, самоубиствени напади, тероризам… човечки страдања во кои живите им завидуваа на мртвите. Тероризмот не ја одмина ни „демократска Европа“, каде што секој ден бевме сведоци на (само)убиствени напади, во кои жртвите се броеја во десетици или стотици.
А кога човекот станува бројка, тогаш смислата за живот едноставно се губи. Долг е списокот на сѐ лошо што нѐ следеше во 2016 година, во која за најголемиот број граѓани едноставно важеше правилото не како да се живее, туку како да се преживее. Наместо живеењето, преживувањето стана ноќна мора за најголемиот број македонски смртници.

Но да бидеме објективни, имаше и некои што, иако во секојдневниот живот глумат скромност, според оние што ги следат нивните фејсбуци и блогерски страници полни со фотографии направени во разни егзотични места, слободно може да се каже дека и во таква лоша година, мошне убаво си живееле. Нив едноставно нашата реалност не ги допира, зашто тие најголемиот дел од своето „безделничење“ и трошење пари на своите дедовци и татковци го минуваат во европските метрополи и на егзотични места.

И сега, кога им појде од рака на најголемиот број обични смртници да ја „преживеат“ 2016 година, сите тие со право се надеваат дека оваа 2017 година ќе им донесе барем малку среќа и дека најголемиот број проблеми со кои се судираа во минатата година нема да им се повторат и во оваа, зашто во тој случај тие ќе бидат поголеми маченици и од оние на Данте Алигиери.

Вечерта, точно кога се поклопија стрелките на часовникот, кој означи полноќ, сите посакавме да ни се исполнат некои желби. Тие беа различни, како што впрочем се различни и барањата и потребите на луѓето. Но сигурен сум дека токму вечерта на 31 декември сите, во истиот момент, помислија иста желба. А таа беше божјиот син во новата 2017 година да ни донесе само здравје. За другото белки можеме самите да се погрижиме.

Оваа желба во тој момент ја помислија и тие што во животот едноставно биле осудени на маки и страдања, а и тие што својата лична среќа во најголем број случаи ја изградија и сѐ уште ја градат врз несреќата на другите.
Во изминатата 2016-та, особено за време на изборната кампања, се изнаслушавме секакви ветувања од страна на безмалку сите македонски политичари, и од власта и од опозицијата, дека по изборите ќе направат сѐ за животот да ни биде подобар и поубав. И едните и другите на обичните смртници им ветија мед и млеко, од зголемување на минималната и просечната плата, зголемување на пензиите, нови вработувања, поволни кредити за станови и семејни куќи, бесплатно образование, здравство, бањско и климатско летување и лекување, бесплатно возење со автобуси, возови, субвенции за земјоделството, греење на палети во домовите…

Но овие празнични денови уверен сум дека ние заборавивме на сите тие ветувања. Едноставно посакавме да бидеме здрави, зашто кога човек е здрав, тогаш тој може да се избори за сите други свои желби и потреби. А токму кога е во прашање здравјето и тоа веќе, како и многу други работи, не зависи само од нас. За жал, не зависи ни од божјиот син ни од Дедо Мраз, туку зависи од тие што нѐ трујат сите овие години од македонската транзиција.
По сите труења што нѐ следат во изминатите години, во последно време сите сме подложни на труењето од загадениот воздух што го дишеме и кој почнаа да ни го продаваат во конзерви. Во последно време најголемиот број битолчани, скопјани, тетовци дишат на жабри.

Само за потсетување, иако пред Нова година, за време на изборната кампања ни ветија сѐ, никој не ни вети чист воздух. На него едноставно заборавија. Не се сетија ни тогаш, ни за Нова година. Него го нема никаде во градовите. Сѐ помалку го има и во природата, која е опустошена и загадена. Сега го има само во некои конзерви, кои некои активисти ни ги продаваат по тротоарите во своите „герила-акции“. А без свеж воздух животот едноставно е неподнослив, за сите нас.
За среќа, или за жал, кога станува збор за (нечистиот) воздух никој нема привилегија. Него мора да го дишат и тие, како и ние.
Затоа, доста беа игри. Време е конечно во Македонија надлежните сериозно да се зафатат со решавање на овој проблем, кој не само што нѐ задушува туку и тивко нѐ убива.

Решавањето на овој проблем не зависи од добрата волја ни на Дедо Мраз.

Во тоа мораме и ние да дадеме свој придонес, зашто токму и ние сме тие што со своето однесување придонесуваме за загадувањето на воздухот. Од оваа вистина никој нема право да бега. Доста чистевме само пред нашите куќни прагови. Време е секој од нас да даде свој личен пример и придонес за заштита на животната средина. Да бидеме барем малку силни и на дела како што сме на зборови.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*