Home / Македонија / Духот на Мурато живее на Пелистер

Духот на Мурато живее на Пелистер

Со својот  успех тој се запиша во книгата на вечните. Доказ за тоа се стотиците алпинисти и планинари, кои секоја година по повод одбележувањето на 10 мај, денот на неговото искачување на Монт Еверест го одбележуваат со традиционалниот марш

Мнозина битолчани, не само љубителите на планините, на екстремните спортови и воопшто на возбудите, и денес живо се сеќаваат на случувањата од пред 27 години. Точно на 10 мај 1989 година, од Монт Еверест, Покривот на светот (8.848м), само за еден ден во Битола стигнаа две вести, кои прво ја воодушевија, а подоцна ја трауматизираа битолската и македонската јавност. Прво пристигна веста што предизвика ерупција воодушевување кај сите. Димитар Илиевски, кого во градот сите го знаеја како Мурато, заедно со алпинистите Виктор Грошељ и Стипе Божиќ, по неколкучасовно напорно искачување го освоија највисокиот врв на светот Монт Еверест.

И денес, 27 години подоцна, сѐ уште се чувствува изливот на емоции на водачот на македонската хималајска експедиција Јован Поповски, кој, откако Диме им се јави по радиостаницата дека се искачил на самиот врв пресреќен со плачлив глас говореше „Браво Диме, Браво Диме! Цела Македонија е со тебе!”. Иако тие години комуникациите не беа како денешните, сепак веста дека Димитар Илиевски-Мурато се искачи на Покривот на светот веднаш го обиколи целиот свет.

Не само Битола и битолчани туку сите беа горди што Диме успеа да го оствари својот вечен сон, за кој уште како мало дете копнееше и живееше, еден ден да се искачи на Монт Еверест.

Но неговата животна судбина си поигра со него. Само неколку часови подоцна, откако алпинистите Виктор Грошељ и Стипе Божиќ се вратија во базниот логор без нивниот Диме, со уште поголема брзина се разнесе страшната вест, која никој не ја очекуваше и не сакаше да ја чуе, дека Мурато не се вратил во базниот логор и дека останал во хималајските беспаќа.

Иако сите беа убедени дека Диме ќе се врати и дека ќе ја подели радоста со своите другари од експедицијата, сепак како што минуваа часовите оптимизмот се губеше кај нив, па дури и кај Божиќ и Грошељ, кои заедно со него го освоија врвот и по неколкуминутниот престој и фотографирањето почнаа да се спуштаат назад.

Врвеа часови, на Хималаите падна мракот, но од Диме немаше ни трага ни глас.

Можеби залутал или останал да се одмори си велеа неговите другари.

Наредниот ден кога се раздени на сите ним им се стегнаа градите. Иако на Монт Еверест осамна убаво сончево утро, сепак од Диме немаше ни трага, ни глас. Дури по неколку дена чекање, со скршено срце, сите членови на експедицијата се спуштија од Монт Еверест и тажни се вратија во Македонија.

Истиот ден, тој 10 мај 1989 година, по големата радост, Битола ја зафати уште поголема тага, по сознанието дека Диме не се врати во базниот логор, дека на враќање се изгубил во хималајските беспаќа. Кога по неколку дена неговите колеги ја посетија Битола и семејството на Илиевски, во куќата на Диме атмосферата беше траурна. Неверување, тага, скршени срца, натажени лица, испиени очи од безбројните изронети солзи, беше глетката што тој ден ја затекнаа во куќата на Мурато. Иако беа свесни дека Диме остана на Хималаите сепак сите веруваа дека тој е жив и дека еден ден сепак ќе се врати.

И денес, 10 мај 1989 година, исто како пред точно 27 години кога првпат се завиори македонското знаме на највисокиот врв на светот, Монт Еверест, Битола живее со измешани емоции за големиот успех на својот Мурато. Гордоста и радоста дека со тој успех Диме се запиша не само во списокот на великаните на македонскиот спорт, туку влезе и во легендите. Но, истовремено и тагата дека по успехот со кој се запиша во вечноста тој ќе остане вечно на планината, која покрај Пелистер, толку многу ја сакаше и сонуваше.

Оттогаш изминаа точно 27 години. Диме остана на Хималаите, но неговиот дух, неговиот препознатлив од и невообичаена насмевка останаа трајно да живеат во сеќавањата на битолчани и сите љубители на алпинизмот. Духот на Илиевски остана вечно да живее, не само на Пелистер, на Димевиот врв на Антената на предавателот на МРТВ, каде што Диме беше вработен. Денес на истиот тој работен стол работи неговиот син Јонче Илиевски, кој продолжи да чекори по патеките на својот татко.

Немаше врв што Димитар Илиевски-Мурато го немаше освоено. Покрај сите врвови во Македонија и поранешна Југославија, тој се искачи на Мон Блан, Матерхорн, Памир, Хуаскаран, Андите, Манаслу… Тој е еден од ретките битолчани што повеќе имаше престојувано на Пелистер отколку во Битола. Секој слободен момент од денот го користеше, како што знаеше да рече, „да тркне до Пелистер”. Без разлика на временските услови, дали тоа било во пролет, лето или во зима, тој беше на својата планина. Иако тој одамна е починат, на Пелистер остана да живее неговиот дух.

Со својот успех тој се запиша во книгата на вечните. Доказ за тоа се стотиците алпинисти и планинари, кои секоја година по повод одбележувањето на 10 мај, денот на неговото искачување на Монт Еверест го одбележуваат со традиционалниот марш. Така беше и викендов, пред 10 мај, кога на традиционалниот планинарски марш „Димитар Илиевски-Мурато” учествуваа неколку стотини планинари не само од Македонија, туку и од Косово и Србија, кои и по тешки услови се искачија на Пелистер.

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*