Home / Uncategorized / Единствено верата во Бога му носи вистинско ослободување на човекот

Единствено верата во Бога му носи вистинско ослободување на човекот

Игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, архимандритот Партениј, кој иако во минатиот месец и на почетокот на годинава беше максимално ангажиран во подготовките за прослава на Бадник и Божик, за големиот православен христијански празник Рождеството на нашиот Спасител Исус Христос, сепак оддели време да даде ексклузивно интервју за читателите на „Битолски весник”.

На прашањето на нашиот дописник од Гостивар, Киро Кипровски, што го израдува, а што го натажи во 2018 година, отец Партениј одговори:

-Најголема радост отсекогаш ми претставувал духовниот напредок на луѓето, нивниот раст во верата Христова и во познанието дека единствено Христијанството му носи вистинско ослободување на човекот, а со тоа нелажна и неминлива радост. Особено се радувам кога младите доаѓаат во автентичен допир со Христа во Црквата и стануваат нејзини активни членови. Оваа година Бог ме удостои да видам како многу млади во нашиот Манастир ја спознаа убавината на Христовата вера, благородството на Неговата љубов и чистата радост во Него.

Она што во последно време ми создава голема тежина во срцето е непрестајниот одлив на млади луѓе од Македонија. Лично јас имам многу духовни чеда коишто ја напуштиле својата Татковина, барајќи подобра егзистенција, или барем основни услови за нормален живот. Голем дел од нив, пред да заминат, дошле кај мене за благослов. Гледајќи дека некои навистина немаат од што да живеат тука, со тага во душата им го дадов својот благослов, но истовремено со тоа и еден духовнички завет – кога еднаш со Божја помош ќе успеат да ги обезбедат неопходните средства за еден пристоен живот, да се вратат и да почнат да вложуваат во својата земја, бидејќи тука се нивните корени, нивните светињи, гробовите на нивните прародители.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*