Home / Култура / Фестивалот „Браќа Манаки“ во Кан привлекува внимание со проектот „Објективи низ времето“

Фестивалот „Браќа Манаки“ во Кан привлекува внимание со проектот „Објективи низ времето“

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ – Битола на големо го привлекува вниманието на меѓународната филмска професионална јавност, за време на одржувањето на Филмскиот фестивал во Кан.

Проектот „Lens thru time“ („Објективи низ времето“), подготвен од Агенцијата за филм и Кинотеката на Македонија, си го најде своето место на светскиот фестивал.

Разгледници со делата на браќата Манаки, дивидијата со творештвото на Манаки, во издание на Кинотеката на Македонија, флаери со информативен материјал за историјата на првите балкански кинематографери, но и за фестивалот, можат да се забележат на сите поважни пунктови места од каде филмските професионалци се информираат. Најинтересни за професионалците се изработените разгледници, во чиј избор на фотографии ни помогна фотографот Роберт Јанкулоски.

Во промотивниот материјал се најде и брошура за промоција на Битола и на проектот „Битола-Филмленд“. Поводот за проектот е 110-годишнината од творечкиот опус на браќата Манаки.

5  2

Во рамките на павилјонот на земјите од Југоисточна Европа, се одржа забава на која присуствуваа неколку стотици гости, претставници на фестивали, продуценти, режисери, дистрибутери. За пријателите на фестивалот, но и потенцијални соработници, им подготвивме изненадување.

Филмски професионалци мошне позитивно ја оценија реализацијата на проектот „Lens thru time“.

Голем пријател на нашиот фестивал е британскиот критичар Филип Бергсон. Тој нагласи дека Македонија има со што да се гордее и ги пофали подготвените материјали.

Од презентацијата и одѕивот од проектот е задоволен и директорот на фестивалот, Димитар Николов.

3

-Се познавам со многу луѓе како дистрибутер и сега кога им се претставувам во поинакво светло, позитивно ме прифаќаат. Сакаат да соработуваат, им се допаѓаат идеите што ги имаме и сакаат да се вклучат во тоа. Тоа за мене е добар знак, зашто овој фестивал со темпото што го почнавме во април, и со реализација на идеите, иако ми е прв, во голема мерка ќе ги исполни очекувањата. Рано е да зборуваме за септември. Убаво реагираа на самите материјали. На пример, сопругата на албанскиот продуцент и режисер Бујар Алимани, во чантата имаше полно материјали од нашите и ми рече дека во Грција и во Албанија ќе им покаже колку добра промоција сме подготвиле. И забавата помина многу добро. Во последните шест-седум години редовно доаѓам во Кан и навистина не паметам толку народ на забавата – смета Николов.

На забавата присуствуваа и директори на филмски фондови од Европа, како и важна претставничка на Министерството за културно наследство и туризам на Италија.

Фестивалот во Кан ќе трае до 24 мај.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*