Home / Свет / Грција ги поскапува патарините: на Евзони наместо 1,8 ќе се плаќаат 3 евра

Грција ги поскапува патарините: на Евзони наместо 1,8 ќе се плаќаат 3 евра

Патарината по граничниот премин Богородица-Евзони во соседна Грција од 1 јануари наместо досегашните 1,8 евра ќе чини 3 евра за автомобили, а со ова поскапување на патарините во цела Грција на некои места ќе се плаќаат дури 150 проценти повисоки цени, објави вчера грчкиот весник „Иефимерида“.

Во списокот на патарини што го објави весникот како пример се наведува дека за растојание од 59,7 километри за кое досега се плаќало 1,2 евра патарина, сега ќе се плаќа 2,98 евра.

Потоа, на излезот кај Аспровалта ќе се плаќаат 1,42 евра, а на излезот за Кавала ќе се плаќаат 2,36 евра. На наплатната рампа Тириа, меѓу Игуменица и Јанина, наместо досегашните 2,10 евра, отсега ќе се плаќаат 3,42 евра. Инаку, на автопатот „Игнатија“, кој води од јонскиот брег сè до границата со Турција, како што се најавуваше уште летоска, патарините ќе поскапат драстично, според договорот на грчката влада со концесионерите.

Но, покрај сега познатите патарини, ќе се воведат уште 43 излезни наплатни рампи.

Во заедничката министерска одлука, потпишана од министрите за финансии и за инфраструктура се наведува дека од плаќањето патарина ќе бидат ослободени невработените лица кои ќе покажат документ дека се невработени. Оваа отстапка за нив нема да важи само на автопатот „Игнатија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*