Home / Политика / Груевски: Народот е со нас и го чека своето време за жесток одговор

Груевски: Народот е со нас и го чека своето време за жесток одговор

Премиерот Никола Груевски на денешниот народен собир одржан во Битола истакна дека тие го знаат начинот како да се борат за македонскиот народ и земјата.

-Некој очигледно има други планови за Македонија. Некој сака нашата држава и нашиот народ да бидат негови заложници, и да го киднапира вниманието и да го насочи кон деструкција, провокации, меѓусебни закрвувања, лоши сценарија за рушење на институциите на државата и на имиџот на државата.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски на народниот собир кој денес се одржа во Битола.

Премиерот Груевски повторно потенцираше дека тоа нема да го дозволат.

-Ние сме на бедемот на кој сите оние кои плетат секакви сценарија ќе се заглават, сите ние заедно сме силата, која знае добро што значи да ја сакаш својата држава, која знае како се работи за државата и народот и што значи да создаваш иднина за идните генерации, потенцираше премиерот.
Груевски додаде дека нивната сила е во народот, и во неговата љубов кон сопствената земја.
-Затоа тие што наумиле да прават лошо се излажале, тие што наумиле да му направат зло на овој народ не ја предвиделе вистинската сила на Македонците, но и на сите останати кои се нераскинлив дел од оваа држава и кои си ја сакаат нашата заедничка татковина.

Погледајте го овој народ кој дојде да не поддржи, собрани и овде во салата, но и надвор пред салата, сите овие луѓе, кои како река доаѓаа накај салата, почувствувајте ја нивната енергија, и на сите ќе им биде јасно, еве со кого е народот, во овој народ е нашата сила, во сите овие луѓе, но и оние ширум Битола, кои не поддржуваат но не стигнаа да дојдат овдека денес, во сите луѓе ширум Македонија, кои знаат зошто не поддржуваат.
Ова денеска пред битолчани на Нардониот собир на ВМРО-ДПМНЕ го истакна премиерот Никола Груевски.
Тој појасни дека најголема дискусија пред овој Собир се водела за тоа каде да се одржи истиот.
-Пораките од Битолчани до нас беа да се одржи на плоштадот Магнолија, каде најчесто правиме наши митинзи, но нашиот одговор е, …има време за митинзи, има време за големи митинзи, за кои знам дека долго ќе се зборува. Денес идејата ни беше да дојдеме во Битола, да организираме настан за да ја канализираме големата енергија која тлее сиот овој изминат период, енергија која е карактеристична за ВМРО –ДПМНЕ, од која се плашат оние кои смислуваат разни сценарија за нашата држава, која тлее и го чека своето време за жесток одговор, нормално политички, за да не се уплашат премногу овие што не слушаат, истакна премиерот  Греувски.
Овие луѓе, рече тој, знаат точно кои сме и какви сме, што правиме и зошто го правиме тоа, кои ја гледаат нашата борба за Македонија, го препознаваат нашиот вистински лик, и знаат дека тоа не е оној кој опозицијата сака да го претстави, затоа што нашиот вистински лик се нашите дела, се нашите проекти, мерки, чекори.

-Тоа се секое ново отворено работно место, грижата за пензионерите, вработените, земјоделците, студентите, невработените, социјалците. Тоа е посветеноста и отворениот однос кон синдикатите и коморите. Тоа е нашата макотрпна работа за да направиме нешто добро за нашата држава, истакна премиерот Груевски.
Зоран Заев и неговите следбеници залудно ќе чекаат трговија. Нема трговија. Ние може да разговараме и да водиме дијалог, но никогаш нема да учествуваме во сценарија кои имаат за цел да го премостат народот, истакна денеска од Битола премиерот Никола Груевски.
Ние сме свесни за нашите грешки, и ние знаеме како да ги исправаме, одговорно, слушајќи го народот и неговата волја, рече Груевски.
– Но, нема да има простор за заташкување на скандалот кој самите го конструираа. Одговорноста со сите затезни камати за дестабилизирањето на земјата, за омаловажувањето на гласачката волја, за валкањето на угледот и на граѓаните и на државата, за лагите и оговарањата што ги пласираат во светот, ќе ја носат во секоја форма сите кои учествуваа во потфатот на рушење и дестабилизација на државата, нагласи тој.

 

Ние во Владата, државните иснтитуции кои раководиме по волја на избирачите нема да дозволиме марионетки да ја втурнат Република Македонија во граѓанска војна.

Ни македонско- партиска ни меѓуетничка ни меѓурелигиска. Наша судбина е соживот и меѓусебна соработка, уважување и почит. На провокации сме имуни, на опасни дејства како закана сме подготвени.
Ова го истакна премиерот Никола Груевски пред битолчани на народниот собир кој се одржа во салата „Младост”.
– Им упатувам порака и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ , бидете будни и внимавајте на провокации, не дозволувајте некој да ве наседне, тоа им е намерата. Бидете горди и достоинствени, ние знаеме што правиме и која е нашата цел, ние и сакаме добро на оваа држава и на целиот наш народ. Апелирам до граѓаните на Република Македонија, до Македонците како мнозински народ, да не подлегнуваат на пропаганда, да не дозволат да бидат цел на манипуланти водени од своите чувства и политичка припадност. Никогаш да не забораваат дека партии ќе доаѓаат и ќе си заминуваат од власт на избори и по нивна мнозинска волја.

Но победник секогаш и единствено е народот. Особено во вакви опасни и историски пресвртни ситуации, потенцираше премиерот.
Груевски  нагласи дека народот е историски победник дури и кога наспроти себе има десеткратно посилни противници, само ако е единствен и како таков ја дочекува секоја опасност по неговиот опстанок.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*