Home / Uncategorized / Хималајските споменици на вечноста(4)

Хималајските споменици на вечноста(4)

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Иако остана засекогаш замрзнат во тие бели опасни беспаќа на големите височини на Хималаите каде и птиците не летаат, еден од нашите најдобри алпинисти, Димитар Илиевски-Мурато, првиот освојувач на највисокиот врв на светот, Монт Еверест од Македонија, сепак не е заборавен, ниту пак некогаш ќе биде заборавен неговиот подвиг. Во спомен на него и на овој алпинистички потфат тука некаде на половина пат до Монт Еверест е поставена спомен плоча, на која е изгравирано неговото име и датата на освојувањето на Монт Еверест.

По трагичната смрт на Илиевски постоеше голема зелба неговото тело да биде симнато до глечерот Кунгу, каде се спалуваат сите пронајдени алпинисти кои останаа замрзнати на тие хималајски беспаќа, бидејки непалските власти не дозволуваат телата да се транспортираат до Катманду.

Меѓутоа таа желба и обид пропадна, бидејќи беа потребни огромни средства,  за да се ангажира покрај нашата и непалска експедиција составена од искусни шерпаси, да се исчисти теренот до местото каде се претпостсавуваше дека се наоѓа телото на Илиевски, потоа и со години се чека дозвола од непалската влада која чини околу 70.000 долари.

Но сепак од средствата што ги има(ше) обезбедено Македонскиот Олимписки Комитет, една група на алпинисти од Македонија, предводена од водачот на експедицијата кога беше освоен Монт Еверест, Јове Поповски, 2007 година, тука под Монт Еверест, кај глечерот Кунгу, со поглед кон  него, постави спомен плоча во чест на Димитар Илиевски-Мурато, на местото каде што се поставени голем број спомен плочи на загинатите алпинисти од целиот свет, наречени хималајските споменици на вечноста.

-Спомен плочата е поставена и изгравирана на еден голем камен блок, на едно од највидните места на глечерот Кунгу, ни раскажуваше тогаш водачот на експедицијата Поповски. Тука покрај спомен плочата минува патот кон највисокиот врв на светот, покрај тие споменици се поклонуваат сите алпинисти кои се обидуваат да го освојат Монт Еверест. Тука е вечноста на светските алпинисти, бидејќи според една статистика, секој дваесетти освојувач на Монт Еверест останува вечно во неговите прегратки.

На плочата јасно пишува: Во спомен на нашиот член Димитар Илиевски-Мурато кој се искачи на Сагармата / така непалците го викаат Монт Еверест/ на 10 мај 1989 година, но загина при спуштањето од врвот.

Интересно е да се напише дека кај глечерот Кунгу има споменици и на познати шерпаси, и на алпинисти  што го освоиле врвот и на тие што не успеале да стигнат до него. Тука се спалуваат и телата на загинати и симнати од височините алпинисти. Доколку се утврди нивниот иденитет, урните со пепелта се пракаат на семејствата. На Монт Еверест, како света планина, според традицијата на непалците, не смее да се пали оган со хартија на височина од над 4.950 метри. Дури ниту едно гранче. Тоа го почитуваат сите, бидејќи според верувањето на непалците тоа ќе предизвика голема несрека и лошо време.

Од големиот подвиг на Димитар Илиевски, Стипе Божик и Виктор Грошељ на највисокиот врв на светот постои само една фотографија и тоа токму на Димитар Илиевски, но многу нејасна. Кога  Божик и Илиевски се нашле сами на врвот,се разбира сакале да направат неколку фотографии со своите апарати, но тие не реагирале. И двата апарати биле смрзнати од ниската температура од минус 40 степени. Сите обиди подоцна да се стопли апаратот на Божик, подоцна и на Грошељ не вродиле со плод. Истото се случило и со апартот на Виктор Грошељ кој стигнал подоцна на врвот. За среќа имал и една рачна камера со федер, која се обидел да ја активира снимајќи го Илиевски на врвот. Во тоа некако успеал, направил само 3 -4 снимки од кои едната била успешна, но доста матна. И тоа е цел материјал од врвот. Апаратот на Илиевски останал заедно со него во белата гробница под Монт Еверест.

Еве ги и имињата на македонската експедиција на Монт Еверест 1989 година: Јован Поповски, водач на експедицијата, Борче Јовчевски, Серафим Серафимовски, Ѓорѓи Костовски, Страшо Лозановски, Димитар Тодоровски, Слободан Ѓорѓевик, Владимир Андреевски, Румен Камилов, како и докторите Горазд Росоклија и Владимир Бошков. На нашата експедиција се приклучија и Стипе Божиќ и Виктор Грошељ.

Покрај Димитар Илиевски-Мурато Монт Еверест го имаат освоено и уште четворица алпинисти од нашата држава: д-р Глигор Делев / 20 мај 2007/,  д-р. Сашко Кедев /19 мај 2009/, Здравко Дејановиќ /24 мај 2010/ и единствена Македонка Илина Арсова /24 март 2013 година/.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*