Home / Колумни / И пописот “жртва” на пандемијата

И пописот “жртва” на пандемијата

                       

        Да не е смешно би требало да биде трагично.

        Ако се суди според политичката клима во државата, кај нас и одржувањето на пописот на граѓаните станува невозможна мисија.

        Во деновите кога голем број семејства ги пребројуваат жртвите од пандемијата и кога човечките животи кај нас  станаа статистичка бројка, а Ковидот сеуше не попушта и си го наплаќа данокот, политичарите претстојниот попис го наметнаа како најактуелна тема, од која безмалку зависи опстанокот на Макеоднија.

         Во последно време СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат вистинска политичка војна за претстојниот попис на населението.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која откако на чело на партијата е лидерот Христијан Мицкоски, постојано бега од соочување со народот и избори, сега го проблематизира и претстојниот попис, кој според СДСМ е статистичка операција, а според ВМРО ДПМНЕ чисто политичко прашање од кое зависи сегашноста и иднината на државата.

Мицкоски во негов стил смета дека  СДСМ и Зоран Заев  ќе го злоупотребат и претстојниот попис и истиот ќе го фалсификуваат, како што тоа наводно го направиле со насилните и криминални процедури на сите досегашни избори!?

Според Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, власта турка насилен и криминален попис што може да резултира единствено со фалсификувани резултати.

– Законот за попис се носи на насилен начин. Стандардите според кои треба да се спроведува пописот се по добро познатите теркови на Заев. За меѓународни стандарди за ваква процедура власта воопшто нема интерес. Земји од Европската унија како Германија, Ирска, Романија поради пандемијата со корона ја одложија оваа статистичка операција за следната 2022 година. Ама Заев може да истурка попис во пандемија затоа што тој планира да направи политичка, а не статистичка операција, по неговите добро познати насилно-кримнални мерки,  велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски и овој пат остана доследен  на своите теории на заговор и како за време на Референдумот за името, подоцна парламентарните избори, па локалните избори во Штип,  најавува бојкот.

Според Мицкоски  во моментот поради пандемијата не постојат услови за одржување на пописот.

Истото тоа го тврдеше и за време на одржувањето на предвремените парламентарни, а и за недомана одржаните локални избори во Штип, кои  се одржаа без притоа да се загрози здравјето на граѓаните.

Мицкоски смета дека  попис со диктирање на податоци и со врзани потписи на две политички партии не може да биде ништо друго освен политичка операција која ќе резултира со фалсификувани резултати.

Во настојувањето да го спречи одржувањето на  пописот Мицкоски  најави дека ВМРО ДПМНЕ  ќе почне со процедура за собирање на потписи, со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече овој закон.

На ваквите ултимативни условувања на ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски, од  СДСМ велат дека пописот ќе се спроведе оваа пролет, а институциите ќе приберат точни и квалитетни податоци, потребни за носење издржани среднорочни и долгорочни политики и стратегии.

Законот кој е во собраниска процедура, велат од СДСМ, гарантира попис по сите светски стандарди и по сите прописи на Евростат, а обидите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја спречат оваа статистичка операција се злонамерни и деструктивни.

– Државата, 19 години е без попис, токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, која не успеа да спроведе попис во 2011 година. Разбирливо е дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по шест изборни порази, имаат страв од граѓаните, но не треба да се плашат, на пописот не се гласа, тоа не се избори, тоа е статистичка операција, во која нема губитници и победници – смета СДСМ.

Навистина делува фрустрирачко чувството дека кај нас   се е политика.

Буквално  во државата не може да се одржи ништо без притоа да не му се даде политичка боја или  димензија.

Како на овој свет да не може ништо да се случи без политиката да ги смеша прстите.

Политичарите толку многу брзо  ја шират  политичката зараза, што се добива впечаток дека таа е повирулентна дури и од пандемијата.

Кај нас според политичарите се е политика, па сега и пребројувањето на населението, кое не е преброено речиси две децении,  стана политичко прашање.

Во мандатот на Груевски, пописот на населението заврши уште пред да почни. Од засега сеуште неутврдени причини         пописот беше стопиран, а дотогашните резултати и пописните материјали експресно уништени.

Таа година залудно беа потрошени неколку милиони народни пари. Двајцата лидери Груевски и Ахмети одлучија да го  стопираат пописот.

И наместо Македонија како држава да се срами пред себеси што по цели 19 години конечно се одлучи да го реализира пописот, опозицијата се обидува истиот повторно да го пролонгира за некои подобри времиња.

  Македонија е една од ретките држави не само во соседството, туку и Европа, која  две децении не се има преброено. Затоа денеска прашање за еден  милион долари е некој  кај нас да одговори на прашањето колку жители има  Македонија.

Да не зборуваме за тоа кој се бројките на граѓаните по етничка основа.

Денес ретко кој точно ќе ви каже и колку жители има Битола.

Некои велат 80.000, некои, 70.000, други 60.000, а има и такви кои тврдат дека во градот моментно живеат нешто над 50.000 жители, а останатите во изминатите години се иселиле.

На ова прашање нема да ви дадат одговор ни во  Заводот за статистика.

И сега бидете паметен погодете колку сме.

Порано филозофијата кај нас  беше, колку сме толку сме, токму сме.

Но сега изгледа  таа не важи повеќе.

Изгледа ние како народ не сме токму, затоа што поради недокваканите политики не можеме ниту  да се преброиме колку сме.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*