Home / Вести / Интервју: Зоран Илиоски, кандидат за градоначалник: Битола ќе биде подобро и посреќно место за живеење

Интервју: Зоран Илиоски, кандидат за градоначалник: Битола ќе биде подобро и посреќно место за живеење

Битолски весник: Се наоѓаме само на 4 дена пред локалните избори. Какви се вашите впечатоци од досегашниот тек на кампањата?

Зоран Илиоски: Во Битола главно кампањата е коректна како од страна на кандидатите за градоначалници, исто така и од страна на политичките партии. Но за жал на ниво на Македонија тоа очигледно не се случува.Оние притисоци кои се прават спрема кандидатите за градоначалници од нашата страна, продолжуваат и натаму, за жал имавме и смртен случај во Кичево и во некои други поинакви времиња ова ќе беше голем аларм за сите нас дека вака не оди работата, но откако оваа гарнитура е на власт во  Република Македонија, во овие пет месеци, освем притисоци, освем закани, судски монтирани случаи, друго ништо не видовме.

Свесни сте дека само што се објавија имињата на кандидатите за градоначалници, на седум осум кандидати за градоначалници  му беа поднесени кривични  пријави кои не се воопшто издржани.

Б.В: Во изминатиот период имавте бројни средби со граѓаните од разни возрасти и социјални категории. Кажете ни,  кои прашања најчесто ви ги поставуваа граѓаните на кои бараа(т) одговори.

 З.И: Освен прашањата кои се однесуваат на инфраструктурата, подобрување на животот околу  сите нас, местото  каде што живеат, прашањата околу заштитата на  животната средина, околу подобрувањето на транспортот, битолчани се исто така живо заинтересирани за  националните прашања кои на еден начин ни висат на сите над глава. Да не заборавиме  дека планот на оваа Влада е да досели 20.000 мигранти на граничниот премин Меџитлија и на еден начин да ја претвори Македонија во земја каде ќе бидат примени околу 200.000 мигранти од другите земји и тоа ќе предизвика големи економски проблеми за оваа наша држава. Ние треба да се грижиме да овозможиме повеке  вработувања за нашите луѓе и да овозможиме подобри услови за живот за нашите граѓани. Исто така  се многу загрижени со ситуацијата во економијата. Веќе 5 месеци по ред оваа влада успеа да ја задолжи државата со половина милјарда  евра ново задолжување, а гледаме сите  на терен дека  со тие пари не направила буквално ништо. Нема никаква нова инвестиција, никаков  нов пат, никакво ново училиште. Само се потрошија парите во ветер. Луѓето затоа со право се загрижени во кој правец се движи оваа држава.

Б.В: Сега кога се наоѓаме на самиот крај  на локалните избори, дали сте поголем оптимист за исходот на изборите, од  пред почетокот на кампањата, или пак не се остварија вашите очекувања?

З.И: Како што кампањата се ближи кон својата завршница  јас сум се повеќе и повеќе оптимист. Јас бев оптимист и убеден уште пред почетокот на изборите и пред да бидам кандидиран за градоначалник, дека победата во Битола ќе ја извојува ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Откако станав кандидат јас сум цврсто уверен дека јас ќе бидам идниот градоначалник на Општина Битола и сум подготвен со целото мое работно, политичко и  животно искуство да придонесам за овој град уште повеќе да  се развива и овој град да биди уште  подобро и среќно место за живеење на сите битолчани. Убеден сум деке на 15 октомври  ќе извојуваме голема победа.

Б.В: Накусо кажете ни со кои проекти ќе ја барате довербата на битолчани?

 З.И:  Проектите во мојата програма ги поделив на три сегменти. Едни, кои означуваат континуитет на досегашната политика на ВМРО-ДПМНЕ и локалната власт, како што е инвестирањето  во индустриската зона “Жабени”. Да не заборавиме дека таму веќе работаат 4.500 наши сограѓани. Со инвестициите во Касарната ќе придонесам за  развој на инфраструктурата, прдолжување на проектот за топлификација, кој е многу важен за Битола, за гасификација. Тоа е  еден сегмент.

Вториот сегмент е во подобрување на некои работи во инфраструктурата, како што се дислокацијата на добиточниот пазар надвор од градското подрачје и изградба на кванташки пазар, за подобра комуникација на луѓето кои што се од селата  да  можат подобро да комуницираат со градот.

Третиот сегмент е заштита на животната средина, загадувањето на градот, преку проекти како што се изградба на велосипедски патеки, засадување на нови 10.000 садници, субвенционирање на купување на велосипеди на нашите граѓани, подобрување на градскиот јавен превоз, средување на паркинг просторот, оформување на нови паркинг места.  Тие се 3 сегменти  кои се опфатени во програмата. Тие проекти се базираат врз основа на тоа што јас лично имам искуство во проектирање и во изградба. Тоа што ќе го речиме тоа ќе се направи.

Б.В: Како ја оценувате кампањата на вашиот против кандидат Наташа Петровска?

З.И: Јас не би ја оценувал нејзината кампања. Јас чисто би се задржал на што таа нуди како против кандидат и што нудам јас, како кандидат за градоначалник. Сметам дека Битола  заслужува човек градоначалник, кој од првиот ден знае како да си ја работи работата. Со моето искуство како директор на комунално претпријатие 10 години и како пратеник, запознат  сум со проблемите на граѓаните од комуналната сфера., инфраструктурата. Ние од првиот ден ќе можеме да се зафатиме со работаа и да ја реализираме програмата.  Мојата противкандидатка нема некое работно искуство  во оваа сфера и ќе му треба многу повеќе време додека ги сфати проблемите суштински пред да почне да  ги решава. Иако таа е советник во Советот сепак функцијата градоначалник е различен тип на работа и бара друг ангажман.

Втората работа која сакам да ја потенцирам е ако бараш доверба од луѓето, треба да излезеш со конкретна програма, конкретни проекти, во кои ќе пишува колку пари чини секој проект, од каде ќе се обезбедат парите и во кој рок ќе ги направиш проектите. Не може да пишува во прогамата  дека ќе донесам чист воздух во Битола, а да не кажеш како ќе донесеш чист воздух. Ќе направам јавен еколошки превоз,  а да не кажеш како ќе направиш, колку автобуси ќе купиш, колку пари чини таа набавка, од кај ќе ги најдеш парите, Кој ќе стопанисува со нив. Во мојата програма секој проект има бројка, рок, има извори на финансирање.

Б.В:  На 15 октомври, кога ќе ги слушнете резултатите од изборите, што прво ќе помислите?

З.И: Прво ќе бидам радосен дека ги победивме, дека Битола ќе добие градоначалник и Совет  кој ќе се грижи за нејзиниот интерес и веќе од понеделник, на 16 октомври  ќе се фатам за работа.

Б.В: Дали кога ја почнувавте вашата политичка кариера некогаш помислувавте дека ќе станете градоначалник на Битола?

З.И:Искрено животот на еден начин ме донесе до овие позиции. Никогаш  не сум имал кој знае какви  големи размислувања и идеја дека ќе бидам прв човек во градот. За среќа мојот животен ангажман полека ме донесе до оваа позиција. Одговорно ќе си ја вршам работата.

Б.В: Долги години сте во политиката и јавниот живот во Битола. Како ја гледате Вие Битола?

З.И: Битола ја замислувам како најубав град во светот. Јас не знам колку нашите сограѓани знаат, но јас имам живеано и во странство. Три години живеев во Австралија, со целата моја фамилија. Таму си имав работа, нормален живот. Меѓутоа ме влечеше градот  и си дојдов во  Битола. Кога  се вративме, едни пријатели ме прашуваа зошто се вратив во Битола. Како одговор на ова прашање  јас обично ја кажувам песната на Владо Јаневски “Дома си е дома”. Значи дома си е дома . Така јас ја сфаќам Битола, така ја чуствувам и така ќе се грижам за неа.

Б.В: Каква општина очекувате да наследите?

З.И: Очекувам да наследам општина која во наредниот  период ќе треба уште повеќе да се развива, општина  која почна со капитални инвестиции, општина која почна со реконструкција на Касарната, која исто така ќе продолжи, која почна со средување на улиците и влезовите во градот, која во наредната  година  ќе изгради комплетен колекторски систем за прифаќање на отпадните води и изградба на пречистителна станица. Да најдам општина која е во развој и која уште повеќе да ја развиваме.

  Б.В: Кога  ќе седнете во кабинетот на градоначалникот кој ке биде вашиот прв потег што ќе го направите?

З.И: Мојот прв потег не знам кој ќе биде,  но првата активност  која ќе ја објавам и јавно ќе биде листата во наредните 3 месеци каде ќе бидам присутен во урбаните заедници на градот и селата, листа на распоред за состаноци со разни здруженија, спортски клубови, инвалидизирани лица, интерсни групи, невладиниот и граѓанскиот сектор, со кои ќе направиме план кои се проектите  кои треба да се решат во првите 4-5 месеци од мандатот, бидејќи за некои работи да се решат не треба многу пари, треба само желба, ангажман и упорност. Тоа заедно со  граѓаните ќе биди првата работа која ќе ја направам.

Б.В: Која е пораката до граѓаните на Битола?

З.И: Мојата порака е да излезат масовно на 15 октомври  на избори и да го дадат гласот за оној кандидат за кој сметаат дека заслужува да го води градот .

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!