Don't Miss
Home / Вести / Катица за Орце Камчев

Катица за Орце Камчев

Предметот „Империја“ започна од еден разговор помеѓу Цветан Панделески и Миле Јанакиески за купување на земјиштето зад „Рамстор“, сведочи денеска Катица Јанева.

„Орце Камчев доаѓаше и беше заинтересиран дали бил таргет во прислушувањето. Од други дознав дека бил многу среќен кога дознал дека не е таргет. Но, Орце Камчев заборавил да праша за неговите миленички кои, за жал, беа таргет и многу често им се исповедуваше. Посебно беше многу радосен кога во еден ден купи банка, ги купи ‘Зик Пелагонија’ и ‘Здравје Радово’. Колку имам да кажувам… ‘Нетаргетот’ Орце Камчев беше несекојдневно многу лукав човек. Тоа го знаев од почеток, за жал, некои други сѐ уште живеат во заблуда и, за жал, се конструира овој предмет врз изјава на лице на кое не треба ништо да му довериме, а не па да засноваме обвинение“,

рече Јанева.

Таа рече дека обвинителката Лиле Стефанова, која го води случајот „Империја“, и ден-денеска ја има нејзината целосна поддршка и е пример како треба да постапува еден обвинител.

Предистрагата за „Империја“ траела 10 месеци, а во еден момент Лиле Стефанова предложила да се побара од судот да се одредат ПИ-мерки за прислушување.

„За наше чудо судијката Весна Димишкова ги прифати ПИ-мерките. Но, не знам како да кажам, од сведочењето на Камчев тука дознав дека тој дознал дека го прислушуваат од Васил Димишков, кој не го знам лично. По извесно време, обвинителката Стефанова рече дека добила искази од други лица, не од Орце, тој ништо не зборувал на телефон зашто знаел дека е прислушуван, и дека смета оти треба да отвориме истрага за ‘Империја’“,

рече Јанева.

Поранешната специјална обвинителка зборуваше и за денот кога се отвори истрагата и се вршеше претрес, и рече дека истражителите на Лиле Стефанова ѝ кажале дека лицата во домот на Камчев и во „Орка холдинг“ не биле изненадени од претресот и оти расчистиле сѐ, меѓутоа ги немало и старите телефони, туку сите биле нови. Во домот на Камчеви, рече, бил и Зоран Милески-Кичеец.

Но успеавме, рече Јанева, да земеме доволно материјални докази од „Орка холдинг“ за кои тие мислеле дека нема да им требаат.

„Жал ми е што судот не го прифати исказот на Камчев во ‘Империја’. Тој во него ни потврди дека знаел дека ќе вршиме претрес кај него и од кој го дознал тоа, и ни кажа дека телефоните му ги дал на сега осудениот Зоран Милески, кој имал задача да ги сокрие и да ги уништи“,

раскажуваше Јанева.

Таа нагласи дека Камчев не бил единствениот за кого се барало притвор и за кого потоа било донесено решение да се укине, како и дека тоа решение било донесено од Апелацискиот суд Скопје.

Не вршевме влијание врз судии, рече Јанева, додавајќи дека не се заканувале оти ќе „тресат од гаќи судии“, алудирајќи на пораката која Вилма Русковска ја испрати до судија од Апелација кога нејзиниот притворот од Шутка беше заменет со куќен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*