Home / Колумни / Кој си игра со локалните медиуми?

Кој си игра со локалните медиуми?

                              

          Дали на локалните медиуми во Битола  му претстои дефинитивен крај и згаснување?

          Ова прашање деновиве беше отворено поставено  пред првите луѓе на Советот за етика, кои беа во посета на Битола и заедно со битолските новинари дебатираа за состојбите со медиумите во Македонија, а посебно во Битола.

          И покрај огромното значење што го имаат локалните медиуми за информирање на јавноста, сепак општ заклучок беше дека локалните медиуми  во Битола не само што се наоѓаат  во крајно незавидна состојба, туку тие едноставно преживуваат, од денес за утре, а сега како што стојат работите прашање е до кога и дали  ќе можат да преживеат.

-Без локални медиуми практично   не постои ни новинарство  во државата.Со оглед на тоа што дел од националните медиуми, со одредени исклучоци, како електронски, така и печатени, ги укинаа дописничките места и им се заблагодарија на услугите на дописниците од внатрешноста,  локалните медиуми, кои во државата можат на прсти да се избројат, имаат огромно значење за информирање на јавноста.

Но за жал тие се оставени на милост и немилост, едноставно  самите да се снаоѓаат како да преживеат,  беше речено на состанокот со Советот за етика.

Новинарството во Битола е на дното. Новинарите во Битола, оние најупорните, кои се одважија да останат во оваа професија и кои секојдневно добиваат  разни покани и мејлови да стигнат на разни настани, одбележувања, прослави,јубилеии, свечености… се буквално растргнати и не можат воопшто да стигнат  да ги следат сите случувања во градот.

Поради слабата финансиска состојба во медиумите и нерешениот статус на новинарите, во Битола веќе никој не сака да  се занмава со новинарството и сите кои имаа можности и понуди веќе го напуштија новинарството.

И наместо затворањето на некои локални медиуми да придонесе надлежните  во Битола да си го стават прстот на умот  и да размислат како да ги спасат од згаснување медиумите кои моментно егзистираат, локалните власти  веќе неколку месеци едноставно ги прекинаа сите извори на финансирање на локалните медиуми.

Додека во градот има пари буквално за се и се прават разни напори да се вратат долговите кои оваа власт ги наследи од претходната, веќе неколку месеци  од Општината Битола нема ни денар за локалните медиуми во Битола.

Општината Битола  неколку месеци не ги продолжува договорите со печатените медиуми и електронските медиуми и не објавува никакви ни соопштенија, ни огласи, или честитки.

И покрај сите апели на локалните медиуми дека ваквата состојба  е веќе неиздржлива, барем засега  освем вербална поддршка, не е најдено никакво решение како да им се помогне на локалните медиуми во Битола.

Од општината Битола велат дека се законски оневзможени да  склучат договори за соработка со медиумите и дека прават големи напори како да се најде излез од состојбата.

Од “белата куќа” велат дека тие ја сфаќаат состојбата во која се наоѓаат медиумите во Битола, но немаат намера да го кршат законот и  дека ни на крај памет им паѓа незаконски да извдојуваат пари за медиумите.

Со такви законски ограничувања, да не се финансираат медиумите со јавни пари се  среќаваат и јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.

Во овие неколку месеци се изнаслушав такви “ алиби објаснувања “ за (не)можноста да им се помогне на локалните медиуми.

 Кој беше толку паметен кој го измисли тој закон не знам, но едно знам дека за тоа  новинарите  не беа консултирани  и дека тој  кој го смислил тој закон ниту бил новинар, ниту ги знаел проблемите на новинарството.

 Но едно не ми е јасно како може оваа власт, која го смени Уставот за да го смени името  на државата,  сега откако  ги виде сите небулози на овој закон, да не покрени иницијатива  истиот да го смени и толку брзо да се откаже од локалните медиуми, каде кога во режимот на Груевси имаа забрана за настапи во националните медиуми, трчаа да се промовираат  кај нив и колку толку да ги промовираат своите политички ставови.

Мене ми е јасно дека во времето на владеењето на Груевски непотребно и незаконски се истурија милиони евра во некои медиуми.

Но искрен да бидам тое не беше финансирање за рекламирање,  туку класично перење пари. Јас лично  ниту тогаш, ниту сега не ја поддржувам таквата политика на финансирање на  медиумите и затоа во неколку наврати јавно сум апелирал СЈО да ги испита сите такви плаќања за рекламирање, како на државно,така и на локално ниво.

Но не може никој да ме убеди дека сегашната локална власт не може да најде (законски )начин да им помогне на локалните медиуми.

Иако локалните власти секојдневно се дружат со битолските новинари, сигурен сум дека тие не ја знаат вистиснаката слика за состојбата во која се наоѓаат новинарите во Битола. Тие едноставно се на маргините на интересот на јавноста, без речиси никаков статус, а за платите кои ги “ заработуваат “ да не зборувам и се далеку под минималните.

Како човек кој 40 години работи во локален медиум и кој  со натчовечки напори и многу жртви го спаси Битолски весник од згаснување упатувам  јавен апел да се реши проблемот со локалните медиуми во Битола зашто во спротивно Битола ќе падне во информативен мрак, од кој никој подоцна не ќе може да прогледа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!