Home / Колумни / Кога желбите на децата нема кој да ги слушни

Кога желбите на децата нема кој да ги слушни

Од пред  неколку дена училишното ѕвонче означи крај на уште една учебна година. Од понеделникот, 11 јуни, учениците заминаа на летен одмор. Иако од летниот распуст од три месеци поминаа само неколку дена децата веќе размислуваат како и каде ќе го поминат летниот одмор.

Темата летен одмор деновиве била  предмет на писмена работа на малите  ученици од седмо  одделение  во едно битолско основно училиште.

Кога учителката ги собрала писмените работи, буквално била изненадена од желбите на малите ученици каде да го поминат летниот одмор. Некои ученици напишале дека ќе одат на одмор во Охрид, други на море во Грција, Јадран, трети во Дојран, некои  на село, кај своите баби и дедовци. Но најголемиот број од децата напишале дека  сакаат да одат на летовање на Пелистер.

Кога учителката ги прашала зошто тие сакаат да летоваат токму на Пелистер  многу од децата рекле дека тоа го сакаат пред се  поради близината од градот, чистиот воздух и ладните сенки, кои на Пелистер ги има во изобилство, но и заради “слободните активности “, вечерните игранки, дружењето,играњето  криенка, фота…

Ваквата заинтересираност на малите битолски дечиња да летоваат на Пелистер уште еднаш, пред престојниот летен  распуст, го отвори прашањето за тоа што станува со детското одморлиште на Пелистер и до кога тоа ќе биде затворено.

Повозрасните битолчани добро се сеќаваат. Порано пред секој летен распуст битолските родители мака мачеа како да ги запишат децата да летоваат на Пелистер. Интересот за летовање на Пелистер беше секогаш огромен. Не само од Битола, туку и од другите градови во Република Македонија интересот на децата за летовање на Пелистер беше над капацитетот на одморалиштето. Тие години се користеа секакви врски за да се дојде до легло на Пелистер.

Во летните денови, кога температурите во Битола беа над 30 степени и кога битолчани  во градот се капеа во пот, Пелистер беше полн со дечиња. Покрај од Битола ги имаше   од Прилеп,  Скопје, Чаир, Шуто Оризари, Куманово, Кратово, Пробиштип, Радовиш, Струмица Св. Николе,Тетово, Гостивар, Кичево,  Кочани. Но најголемиот број од нив беа од Велес и скопската населба Петровец, кои на Пелистер во организација на Министерствата за труд и социјала и екологија доажѓаа на рехабилитација по труењето што го имаа преживеано од Топилницата во Велес  и рафинеријата Окта, да  ги наполнат своите бели дробови со свеж и чист воздух.

Возрасните битолчани добро се сеќаваат дека секогаш за Пелистер, а особено за време на  летните распусти, се бараше легло повеќе.

До пред само две години на Пелистер во летните месеци вриеше од деца, кои секој момент го користеа да рекреираат и планинарат во познатите детски патеки за Мала и Голема Ливада, Јоргов Камен, Бегова чешма, Копанки, Широка, Ластојчин Камен.

Министерствата за труд и социјала и екологија тие години мака мачеа како да ги задоволат барањата на заинтересираните дечиња и родители кои сака да летоваат на Пелистер за да дишат чист воздух.

Денес на сите тие места, во кои кислородот  го има колку ти душа сака, нема ни трага од детскиот џагор.

Од пред две години, кога двете министерства одлучија децата од социјало загрозените и ранливите категории  да ги носат наместо на планина, односно на Пелистер, на езеро, му се стави  клучот на детското одморалиште Пелистер.Од таа година детското одморалиште  Пелистер за летовање на децата стана неостварлива желба.

Ставањето клуч за одморалиштето е само логична последица дека ова одморалиште без децата како летовалци не може едноставно  да опстои, бидејки претходно ништо не се направи тоа да работи на комерцијална основа.

Тоа на сите  битолчани им беше јасно, само не на повиканите локални и државни институции, кои одлучија во името на децата и наводните одлуки  на Одборите на родителите,  децата наместо на планина да ги носат на езеро.

Едноставно веќе втора година детското одморалиште Пелистер е заклучено и оставено да пропаѓа, заборавено и од претходните концесионери и од надлежните, чија сопственост е, но и од децата.

Откако детското одморалиште на Пелистер замина во стечај, по неколкуте неуспешни продажби на одморалиштето му е ставен  клуч на вратите.

Во ова одморалиште  веќе втора година нема деца кои доаѓаат на одмор. Ни на летен, ни на зимски.

Во изминатиот период во неколку наврати детското одморалиште  Пелистер, кое за разлика од останатите одморалишта во државата  сеуште не е целосно  руинирано и е доста зачувано,  беше дадено на продажба, но на  неколкуте електронски аукции не се јави никој заинтересиран да го купи.

Иако во првиот момент се сметаше дека поради атрактивноста  на одморалиштето и поволната цена, од околу 400.000  евра, ќе се јават заинтересирани  да го купат одморалиштето,сепак тоа не се случи. Подоцна  Министерството за труд и социјала  распиша уште три  аукции за електронска подажба на одморалиштето, но сите тие пропаднаа. На крајот, на последната аукција одморалиштето беше понудено да се продаде за  48.646.684,50 денари, или нешто повеќе од 800 илјади евра, колку што изнесуваше почетната цена, но повторно никој не се јави.
По неуспешната четврта  аукција,  на  Одморалиштето му беше ставен катанецот и од тогаш  не беше организиран, ни летен ни зимски одмор за учениците.   Со тоа буквално се запечати судбината на детското одморалиште Пелистер.

Но и покрај таквата незаинтерсираност на купците за купување на детското одморалиште интересот за летовање  на Пелистер беше и натаму  мошне голем.

Некои   рекле, најдобар одмор е комбиниарн, на езеро и на планина.  Тоа што надлежните одлучија  на дрѝавна сметка да ги носат децата на капење на  езеро не е никаков грев. Но грев е што со таквата одлука им се одзеде правото на децата, кои наместо да се капат во езерата, во летните месеци  сакаа(т) да летоваат на планина, да дишат чист воздух, во нивното детско одморалиште, кое пред повеке од три децении со средства на битолчани беше изградено токму за нив.

Да  се стави клуч на едно од најубавите детски одморалишта во Република Македонија, какви што е детското одморалиште Пелистер  и тоа сега, кога најголемиот број, не само битолчани, туку и граѓани на Република Македонија и млади и стари, се жалат на енормното зголемување на загадениот воздух кој го дишат и кога поради нечистиот воздух  многумина заболеа од тешки болести, навистина е потез без преседан.

Самиот факт што тоа се вика детско одморалиште најдобро збоува дека тоа без  децата е објект кој тешко може да  го наполни својот капацитет.

Кога тоа беше во функција, поради огромниот интерес на децата и смените беа намалени, па така многу често наместо седумдневни летни одмори се практикуваше тие да бидат скратени на 5 дена.

Децата покрај на чистиот воздух и дебелите сенки под моликовите дрвја, секојдневните претпладневни и попладневни прошетки  најмногу му се радуваа на  “часовите” за слободни активности,  вечерните игранки и журки, кога некои од нив ги доживеаја и своите први љубовни романси.

Во детското одморалиште Пелистер  сега нема  ни трага ни глас од некогашната весела детска  атмосфера. Сега таму “ зборува” само тишината.

Но некогаш токму тишината најгласно зборува. А таа веќе втора  година укажува дека надлежното министерство за труд и социјала, која е сопственик на објектот,  заедно  со локалната самоуправа  на Битола, како и Министерствата за образование и екологија, треба да најдат начин не само како да го зачувааат  детското одморалиште Пелистер од пропаѓање и уништување, туку  конечно по неколкуте неуспешни  електронски аукции за продажба да најдат концесионер кој до породажбата ќе стопанисува со него и ова лето повторно ширум ќе ги отвори вратите за децата, а зошто не и за возрасните,  кои на комерцијална основа би сакале да летоваат на Пелистер.

Во спротивно и овој објект ќе замине во историјата на заборавени и напуштени објекти какви што од т.н. “соц реализам  “во Битола ги има (пре)многу, а поради  нашата (не)грижа  ќе страдаат  не само објектите, туку и децата.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*