Home / Култура / Концертна промоција на најновиот албум на “Фолтин“

Концертна промоција на најновиот албум на “Фолтин“

“Пијан славеј“  е албум кој треба да се доживее

11430360_594207674015502_4883316062982135463_o

Синоќа, во преполнетата голема сала на Центарот за култура во Битола, битолската група “Фолтин“  го одржа својот промотивен концерт пред публиката и го претстави нај новиот албум „Пијан славеј“.
Уникатна и страсна во музичкиот израз, битолската група „Фолтин” секогаш умее да ја плени публиката и секој нејзин нов албум се чека со нетрпение и буди љубопитство да се чуе што ново нудат музикалните битолчани овој пат.

Неодамна во интервју зборувајќи за називот на нивниот албум “Пијан славеј“ од “Фолтин“ истакнаа:

– Би направиле една аналогија меѓу имињата на песните и имињата на луѓето. Кога имаш нова песна, ѝ даваш име и ја пријавуваш во ЗАМП. Кога ти се раѓа дете, имаш потреба да го именуваш. Му даваш име и го запишуваш во Матичната книга на родените и така, заедно со крштевањето, го официјализираш. На почетокот изборот на името на детето повеќе зборува за неговите родители, за културата на предците. Меѓутоа, често се случува возрасниот човек да има потреба од дополнително именување. Тогаш името од личната карта е недоволно за онаа, човечка идентификација. Во таков случај се измислуваат прекарите. Е така е и со имињата на песните. Во нашата сет-листа половина од песните имаат прекари. Ги именуваме со сосема други, заживеани имиња, а не со оние под кои се пријавени во ЗАМП. А „Пијан славеј” е многу среќен наслов. Може слободно да биде наслов на сите песни од албумот. Тоа е состојбата на духот, од самиот почеток, дури го работевме, па и сега кога треба да заживее меѓу луѓето. Пренесува такви пораки какви што може да си замислите. А всушност е многу едноставен. Слушајте ги песните и само ќе се каже.

„Фолтин“ досега ги има објавено албумите „Outre-Mer“ (1997), „Archimed“ (2000), „Donkey Hot“ (2003), „Lo-Lee-Taa-Too“ (2005), „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ (2008), „Penelope X“ заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски (2011) и „Антитело“ (2012).

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*