Home / Колумни / Крај на маките и понижувањата

Крај на маките и понижувањата

               

        Со одигрувањето на натпреварите од 33  превнствено коло спуштена е завесата на првенството во Првата фудбалска лига.

        Фудбалерите на Пелистер и на последното гостување во Скопје, во натпреварот со Работнички очекувано доживеаја пораз (2:1) и на тој начин се збогуваа од Првата фудбалска лига.

        Само 2 победи, 8 нерешени игри, дури 23 порази,  негативна гол разлика од минус 38 гола и освоени 14 бодови е билансот кој го постигнаа “пелистерци “ во ова првенство, кое што љубителите на фудбалот во Битола ќе сакаат што побрзо да го заборават.

        Пелистер  повторно се врати во Втората фудбалска лига.

        Се случи тоа што сите искрени љубители на фудбалот во Битола го  предвидуваа дека ќе се случи.

        По многу импровизации и купи -продај политики, смени на сопственици, стручни штабови, тренери, фудбалери …Пелистер испадна од Лигата и се најде во Втората фудбалска лига.

        Иако пред почетокот на првенството од страна на раководството на клубот и локалната самоуправа се најавуваше висок пласман и излез на меѓународната фудбалска сцена не само што тоа не се случи, туку Пелистер повторно се најде во Втората лига, па во наредната сезона натпреварите на модерниот стадион под Тумбекафе ќе ги игра во второлигашката конкуренција.

        Иако во вториот дел од првенството оваа локална самоуправа се обиде да спаси тоа што може да се спаси и истури доста пари за покривање на загубите и редовна исплата на фудбалерите и вработените во клубот, како и ангажирањето на тренерот Ванчо Мицевски и новиот тренер Марјан Секуловски, сепак Пелистер не успеа да се спаси од испаѓање.

        Сега, кога Пелистер е веќе второлигаш се наметнува  потребата од длабока анализа  на локланата самоуправа, која е  сопственик на клубот  за состојбите во Пелисетр.

        Се покажа дека кога бродот ќе почне да тоне тешко може некој да понуди спасоносно решение.

        По несупешната купо-продажба на Пелистер пред локалните избори минатата година  и нудење на светла перспектива, клубот повторно се врати под капата на Општината.

        Сопственикот на фирмата “ Спорт Бит “ која го купи клубот пред локалните избори подоцна се откажа од клубот и Пелистер и го врати на Општината.

        Локалната самоуправа предводена од актуелниот градоначалник Тони Коњановски веднаш се зафати финансиски да го санира клубот, но се покажа дека ни тоа не беше доволно Пелистер да се спаси од испаѓање.

        И кога станува збор за купо-продажбите на Пелистер упатените тврдат дека во тој дел состојбите не се сјајни.

        Имено, иако  пред неколку месеци  фирмата “Спорт Бит “ го купи Пелистер од претходниот сопственик Пеце Стојчевски , промената на сопстевничката структура сеуште не е направена и Стојчевски сеуште фигурира како сопственик на клубот.

        Зошто локалната самоуправа не свика ново изборно собрание засега никој не знае.     Никој не знае ни зошто сеуште се одолговлекува со промената сопствеништвото на клубот.

        Во таква ситуација  во јавноста се шпекулира со долговите на Пелистер,кои спред некои  упатени изнесуваат  дури  неколку стотини илјади.

        Иако постојано  сопствениците на Пелистер и од претходната локална самоуптава јавноста се уверуваше дека исплатени се сите долгови на клубот, сепак тие и натаму се таложат па дури и се  зголемуваат за да сега според  некои Пелистер должи дури 400.000.00 евра.

        Кои се причините за ваквите долгови јавноста никогаш не дозна.

        Токму поради тоа се наметнува прашањето за целосна ревизија за работењето на Пелистер и утврдување на вистинската финансиска  состојба,  како и изнаоѓање на друго решение за спас на клубот.

        Коаг е во прашање Пелистер се покажа дека приватизациите на клубот беа крајно неуспешни и дека мора да се бара друго решение.

        Никој нема право да си поигрува со судбината на клубот, кој има 77 годишна  традиција.

        Воедно и локалната самоуправа треба конечно да се запраша како мисли да ги води натаму  Пелистер.

        Со вакви необмислени и импровизаторски на купи-продај политики,  на Пелистер не му се пишува добро.

        Овој период до почетокот на новото првенство  во Втората лига  треба да се искористи на најдобар начин за целосно скенирање на состојбите и барање излез од безизлезот, во кој се наоѓа клубот.

        Во спротвно на Пелистер му нема спас.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*