.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Култура / Куќниот притвор на Талески го “затвори“ Битфест!?

Куќниот притвор на Талески го “затвори“ Битфест!?

Дали по 10 години континуирано и успешно опстојување,   Битола ќе остане без своето познато битолско културно лето “Битфест“?

Ова прашање, деновиве, во Битола се почесто си го поставуваат не само љубителите на културата и летната разонода, туку и најголемиот број културни работници и  уметници, не само од Битола, туку и од другите градови во земјата и странство,  кои се (при)јавија на годинашниот конкурс за учество на “Битфест“.

Иако вообичаено секоја година при крајот на јуни, со многу помпа и гламурозни најави, беше свечено отворано Битолското културно лето, истекува половината од јули, засега никој во Битола не знае не само кога, туку и дали воопшто “Битфест“ ќе се одржи.

Иако конкурсот за учество на годинашниот “Битфест“ одамна  заврши, засега никој во локалната самоуправа, па ниту во Службата за културни дејности,  не знае ни кога, ни дали во Битола ќе се случи Битолското културно лето.

Засега  со одговор на прашањето дали ќе има “Битфест“ или не, не сакаат во јавноста да излегуваат ни од Комисијата која ги разгледуваше пристигнатите проекти на конкурсот, бидејќи според некои информации тие се уште немаат направено селекција на проектите кои ќе земат учество на Би-толското културно лето.

Сите се некако воздржани и не даваат никакви  информации, бидејќи по одредувањето на куќниот притвор за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој беше иницијатор и идеен творец на “Битфест“, работите едноставно како да застанаа.

Иако во изминатите денови, во неколку наврати се обидовме да добиеме одговор за тоа дали “Битфест“ ќе се одржи или не, сепак сите настојувања да добиеме одговор останаа залудни. Никој во Општината Битола не сака(ше) да ни одговори што ќе се случи со  годинашното Битолско културно лето.

Додека некои сметаат дека, одговорот на прашањето дали ќе има годинава битолско културно лето или не, го знае само градоначалникот на Битола,  Владимир Талески, многумина  мислат дека ни тој не знае дали “Битфест“ воопшто ќе се одржи.

Во ситуација кога Основниот суд Скопје 1 на Талески му одреди мерка куќен притвор во траење од 30 дена  и кога се уште не е решена жалбата што одбраната на Талески ја поднесе до Апелациониот суд во Скопје, никој не знае дали годинашното културно лето во Битола ќе се одржи.

Според некои, покрај куќниот притвор, причина за оддолжувањето и одлагањето на одржувањето на “Битфест“ се и “герила акциите“  кои учесниците на невладините здруженија “Протестирам“ ги правеа во последно време во Битола, на некои од манифестациите на кои присуствуваше градоначалникот Владимир Талески.

Таквите акции, тврдат упатените, го  налутиле  градоначалникот Владимир Талески, кој, по нивното случување, едноставно бил во дилема дали да има, или  да нема  “Битфест“.

Инаку “Битфест“ беше културна манифестација која минатата година го одбележа својот јубилеј, 10 години од неговото одржување.

На ова културно лето, кое се одржуваше во месеците јуни, јули и август, покрај  афирмираните ѕвезди на битолската и македонската естрада, имаа можност да настапат и големи  екс-ју и балкански ѕвезди, но  и млади и неафирмирани творци и уметници, кои своите први чекори во областа на културата, уметноста или музиката  ги правеа токму на “Битфест“.

Во добрите времиња на “Битфест“ се одржуваа по над  250 културни настани.

Вообичаено цели 2,5 месеци љубителите на културата во Битола имаа можност да проследат по најмалку 3 културни настани во една вечер, а во некои вечери дури по пет.

Битолчани и големиот број туристи кои во летните месеци престојуваа во Битола имаа можност секоја вечер на неколкуте летни сцени едноставно да избираат каде ќе присуствуваат.

Овие летни месеци, од крајот на јуни, па се до крајот на август, цели 10 години Битола  наликуваше на отворена летна сцена, во која  се одржуваа разни културни и музички  настани.

Ги имаше  на бројни локации во Битола, на плоштадот “Магнолија“, Офицерскиот дом, Широк Сокак, Градскиот парк, Магазата, Тумбе Кафе, Ракометното игралиште, Центарот за култура, Народниот театар. Универзитетската библиотека.

Програмата на “Битфест 2015“  беше шаренолика и содржеше разни културни содржини, од детски програми до концерти на сериозна и популарна музика, ликовни изложби, театарски претстави, промоции на книги,  и др.

Ги имаше за сите вкусови и за сите возрасти. Тие денови во Битола имаше инфлација од културни настани. Цели 10 години Битола, а особено градоначалникот Владимир Талески се гордееја со  “Битфест“.

Никој во Битола, па дури и најголемите скептици не можеа ниту да помислат дека  некогаш ќе дојде во прашање одржувањето на  Битолското културно лето.

Иако во последните години поради рецесијата и помалите приходи кои се собираа, во општинската каса беа намалени средствата за одржување на “Битфест“, сепак секогаш имаше пари за негово одржување, а битолските уметници буквално се натпреваруваа меѓу себе кој со каков проект ќе настапат.

Дали со одредувањето на мерката куќен притвор за градоначалникот Талески му е одредена и судбината на “Бит-фест“ останува да се види.

Но, како што стојат работите, годинашното Битолско културно лето  изгледа ќе чека подобри вре-миња за негово повторно одржување.

За тоа време љубителите на културата и уметноста во Битола изгледа ќе мора да се задоволат со следење на културните настани кои ќе им ги  понудат некои менаџери, или одредени културни работници, кои настаните ќе ги организираат на своја рака и за своја сметка.

Тоа што останува во овој момент нејасно е дали на “Бит-фест“ (ќе) му пресуди судството, или политиката?! Одговорот на ова прашање на кое чекаат битолчани ќе се знае наскоро.

 

 

 

Автор: М. Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*