Home / Градска хроника / ЛДП: Да се усвојат итни мерки за ублажување на загаденоста на воздухот

ЛДП: Да се усвојат итни мерки за ублажување на загаденоста на воздухот

-Состојбата со квалитетот на амбиентaлниот воздух во Битола е катастрофална. Битолчани дишат загаден, нечист и смртоносен воздух, а Битола е еден од најзагадените градови во Македонија, со огромни дневни пречекорувања на дозволените концентрации на опасни материи во воздухот.

Имајќи предвид дека, доаѓа зимски период, кога интензитетот на загадување е поголем, советниците на ЛДП бараат, градоначалникот на Битола да изготви информација за краткорочни и долгорочни конкретни мерки и активности кои ќе ги преземе градот во насока на ублажување на алармантната состојба предизвикана од загаденоста на воздухот, истата да ја достави на Совет и во најбрзо време да започне нејзината реализација- побара денеска од прес-конференција, Валентин Груевски советник и лидер на битолската ЛДП.
Груевски побара во таа информација да се предвидат и реализираат следните конкретни мерки: зајакнување на инспекцискиот надзор во Битола, во насока на намалување на сите видови загадувања, интензивирање на соработката со надлежните државни органи, особено во контрола на загадувањето продуцирано од големите индустриски објекти, како што е РЕК Битола. Во најбрз можен рок купување на мерни станици и изработка на регистар на загадувачи, воведување на режим на движење на тешки товарни возила и градежни машини во услови на енормно загадување на воздухот, предлагање на мерки и активности кои ќе ги преземе градот за заштита на најранливите категории на население како што се децата, возрасните и хронично болните, воведување на режим на целосен бесплатен јавен превоз во одредени денови и мерки за ограничување на движења на возила во централното градско подрачје.
-Согласно деловникот и статутот на Општина Битола бараме истата точка да биде поставена на дневен ред на седницата во ноември , а истата да бидат поканети претставници на Управата за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и Институтот за јавно здравје- истакнаа од ЛДП.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*