Home / Колумни / Лет во место, или лет кон ЕУ

Лет во место, или лет кон ЕУ

Старата 2017 година беше и помина. Помина и новогодишното славје. Битолчани, во зависнот од своите можности, секој на свој начин и со разни желби ја испратија старата 2107 и ја дочекаа новата 2018 година.

Но во едно сум сигурен, а тоа е дека сите ние, без разлика кој каде ја пречека новата 2018 година,  во моментот кога сказалките на часовникот се поклопија  на бројката 12, во  оваа година влеговме со една иста желба, а таа е Новата 2018 година, нам и на нашите најблиски  да ни донесе многу здравје и среќа.

Тие желби се заеднички за сите  нас. Здравјето и среќата е тоа што сите си го посакуваме, бидејки тие две желби се нераскинливо поврзани, бидејќи кога чоевк е здрав ќе може да ги оствари своите желби, а кога пак покрај здравјето има и среќа, тогаш навистина нема побогат од него.

Но покрај здравјето и среќата во Новата 2018 година ќе ни треба и многу работа, упорност, настојчивост да ги оствариме сите желби кои си ги посакавме на крајот на Старата и дочекот на Новата  година.

Деновиве прелистувајќи ги веќе пожолтените страници на Битолски весник, кога на крајот на 2016 година ја пишував колумната за дочекот на  2017 година, меѓу другото сум напишал дека сите од нас, чест на исклучоци,  кои сме успеале да ја преживееме 2016 година сме заслужиле орден за храброст, бидејќи навистина ни требеаше многу храброст, да се издржи и  испрати  тоа што најголемиот број граѓани го издржаа во 2016 година.

За најголемиот број  од нас  тоа беше година во која не се знаеше што ќе донесе следното утро.

Но сега потсетувајќи што се преживеавме  ништо подобра за обичните смртници не беше ни 2017 година. Само што во  2017 година се сменија улогите.

По победата на СДСМ и коалицијата на парламентарните и локалните избори, во Македонија треба  конечно да дојде животот.

Но според тоа како се одвиваат работите повеќе од јасно е дека и животот кај нас мошне бавно доаѓа.

Старите рекле нема леб без мотика. Но ова правило изгледа младите македонски политичари или не го слушнале, или не го научиле.

Затоа без работа, освем за некои,  тешко може да се верува дека ќе дојде животот. Затоа кога станува збор за враќање на животот како што стојат работите тоа ќе оди (по)бавно и тоа, како што најчесто бидува кај  нас  нема да биде исто за сите.

Но во овој момент сакам да се задржам на тоа што е клучно за нас  во 2018 година.

Иако уште од осамостојувањето тоа е желба на сите наши политичари, влез во НАТО и ЕУ, цели 26 години Македонија талка на  патот за Брисел. Благодарение на блокдите од соседните држави и недокваканите политики на нашите политичари, иако според Бадинтер покрај Словенија најмногу ги исполнуваше условите  за влез во НАТО и ЕУ, Македонија од лидер во регионот стана земја која во моментот е мошне далеку од евроинтеграциите.

Според сите аналитичари 2018 гдоина  е клучна за нашата иднина и остварување на желбата на најголемиот број граѓани за влез во  НАТО и ЕУ.

Сите сметаат дека оваа година за  Македонија  е пресудна да се избори за европската иднина.

Но иако сите наши политичари се колнат во таквата европска  идеја, сепак во праксата  тие  прават се  до тоа да не дојде.

Како што стојат работите по се изгледа нашите политичари не можат да ги надминат своите политички суети, да најдат заеднички јазик и да изградат консензус околу  нашите европски интеграции.

Притоа како да забораваат дека влезот во ЕУ и НАТО ниту може, ниту пак ќе биде  победа само на владеачката партија која моментно е на власт. Како да се заборава дека тоа би било победа на целиот македонски народ и остварување на вековната желба на сите македонски генерации, кои уште од памтивек сонувале  да ја видат Македонија самостојна, независна, суверена во Европското семејство.

Изминатите 26 години од нашата самостојност покажаа дека влезот на Македонија во ЕУ ќе биде  тежок и болен процес, бидејки условот  за отпочнувањето на преговорите е речиси невозможен.

И наместо таквата пречка да ги обедини сите македонски политичари   да изградат заедничка платформа во преговорите со Грција за надминување на спорот,  тие цели 26 години се натпреваруваат меѓу себе кој е поголем патриот или предавник.

Не знам како на никој од нив не им е јасно дека од решавањето на спорот нема да профитира ниту една политичка партија, бидејки познато е дека при градењето компромис мора да има остапки.

Затоа крајно време е власта и опозицијата и таа во парламентот и надвор од неа да седнат и конечно да се надминат себеси во градењето на заедничкиот став за решавањето на овој проблем.

Време е да се надминат политичките суети.

Паѓањето на Груевски од власт и од лидерската позиција во ВМРО ДПМНЕ е потврда дека Македонија  не е ниту може да биде монархија,ни  царство и дека  политичката кариера е и минлива и менлива.

Искуството не (на)учи дека за да се биде среќен во оваа држава не се потребни  милиони евра.

Затоа крајно време е политичарите да се надминат себеси и во оваа година  сите заеднички да се обидат да го надминат спорот со Грција и да се изборат за почеток на преговорите  за влез во НАТО.

Во спротивно, ако и оваа шанса се пропушти убеден сум дека дури тогаш Македонија ќе (о)стане само географски пои и држава  во која најмалку ќе живеат Македонци, бидејќи најголемиот број од нив  сигурно ќе се иселат.

Доколку тоа се случи најмалку ќе биде битно кој  бил во право, а кој згршил, кој бил патриот, а кој предавник.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*