Don't Miss
Home / Uncategorized / Лисици за активистите на Левица

Лисици за активистите на Левица

Со образложение дека го попречуваат јавниот ред и мир и дека носат транспарент кој повикува на омраза, четворица членови на Левица биле спречени во обидот да направат мирен протест – обвинуваат од партија. Велат дека половина час биле држени со лисици на рацете, откако претходно не им било дозволено да дојдат до местото каде се презентираше воената опрема.

„Вчера со неколку луѓе се собравме да протестираме против покажувањето на воена сила од страна на војниците на АРМ и на војската на САД. Тргнавме од плоштадот кон Триумфална капија и бевме сопрени од еден ред обични полицајци и позади нив еден ред ЕБР. Кога ми ѕвонеше мене телефонот, не ми дозволија да се јавам, ми рекоа дека сум лишен од слобода, иако сега велат дека тоа било само легитимирање. Значи петнаесетина минути не држеа со лисици, после тоа ни ги извадија лисиците за да може да дадеме лични карти, и тогаш не легитимираа“, изјави Гораст Муратовски – Левица.

Од Левица упатија бројни обвинувања кон МВР – велат прекршено е уставното право на мирен протест, како и законот за јавни собири и правилникот за полициски работи. Бараат внатрешната контрола во МВР да го испита случајот.

„Припадниците на униформираната полиција, обични полицајци во сини униформи, и припадници на специјалните сили во маскирни униформи направиле квалифицирано дело , односно сплет на кривични дела, тоа е попречување на мирен протест, којшто доколку го направи службено лице  предвидена казна затвор од три месеци до три години и второтокривично дело е противправно лишување од слобода бидејќи не е составен никаков записник, бидејќи полицијата мислела дека не постојат снимки“, вели Димитар Апасиев – Левица.

Од МВР велат дека приведување немало, но сепак внатрешната контрола испитува дали имало пречекорување на полициските овластувања.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР веќе постапува по налогот за детално истражување на полициското постапување при протестот на неколкумина граѓански активисти. Притоа, доколку се утврди пречекорување на преземените полициски дејствија, тоа ќе биде соодветно санкционирано. Министерството за внатрешни работи категорично ги демантира сите наводи за некакво приведување на лица, а во врска со посочениот настан“, велат од МВР.

Настанот на кој вчера изби инцидентот е дел од големата воена вежба на американските и македонските војници на Криволак. Во наредните денови, војниците ќе ја презентираат својата опрема и низ другите градови низ земјава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*