Home / Uncategorized / Лобирањето-катализатор на јавните процеси

Лобирањето-катализатор на јавните процеси

Македонскиот центар за лобирање-Битола и Друштвото на лобисти од Црна Гора, ја продолжуваат цврстата и континуирана соработка воспоставена пред четири години во Подгорица.

Деновиве, во Битола, престојуваше претседателот на Друштвото на лобисти на Црна Гора, универзитетскиот професор д-р Костадин Пушара, кој оствари средба со раководителот на Македонскиот центар за лобирање – Битола, доцент д-р Марјан Танушевски, со кого договорија насоки за заедничко дејствување во 2015 година и одбележување на малиот јубилеј на центарот во Битола, пет години од формирањето.

Според професорот д-р Костадин Пушара и доцент д-р Марјан Танушевски, лобирањето се повеќе е атрактивна дејност, законски регулирана и посакувано знаење кое во двете држави е поставено и на академска подлога, како што тоа од поодамна го прават западноевропските држави.

-Со Центарот за лобирање во Битола и со почитуваниот колега Марјан Танушевски имаме заеднички предизвици. Повеќе од три години работиме на теми од сферата на лобирањето учествувајќи на научни собири, конференции и стручни работилници, преку кои во ова турбулентно време, време на кризи, се трудиме науката да даде соодветен одговор, да ги анализира процесите и да даде решенија кои се потврдени низ практиката. Голем и одлучувачки фактор во глобализациските процеси е феноменот лобирање кој е застапен во секоја држава и затоа важно е лобирањето да биде професионално и одговорно, рече професор д-р Костадин Пушара, првиот човек на Друштвото на лобисти на Црна Гора.

Според професорот Пушара, во современите услови на живеење нема посилен и поубедлив поим во меѓународно-општествените и економските односи, па дури и посилен од работата на економските дипломати отколку лобистите како персонификација во модерна смисла на економската дипломатија.

-Ние имаме обврска да помогнеме правилно да се лобира на меѓународно, национално и локално ниво, а тоа може да го прават само едуцирани лобисти кои во светот на капиталот, во светот на инвестиции, во светот често неразбирлив, мора да се влезат подготвени поседувајќи многу вештини. Мистериите на современиот капитал во сите негови појавни облици, денес го достигнаа највисокиот врв и затоа треба навреме да се најде одговор на отворените прашања. Катализатор на тие процеси може да биде и е лобирањето, рече д-р Костадин Пушара, професор на универзитетите во Белград и Подгорица.

Република Македонија и Република Црна Гора се првите две држави на Балканот и во поширокото окружување кои со закон ја регулирале сферата на лобирање, со што овозможено е легално и легитимно да се практикува, анализира и развива во оваа професија.

-Соработката со Друштвото на лобисти на Црна Гора датира од пред четири години, од денот кога во Подгорица престојував на основачкото собрание и научниот собир посветен на лобирањето и придонесот на оваа професија во развојот на државите во транзиција. Во меѓувреме соработка е интезивирана со заедничко учество на неколку меѓународни собири, размена на авторска литература и трудови, а во наредниот период ќе бидат вршени и заеднички истражувања чија крајна цел е применливост и практикување на знаењата од страна на студентите, но и претставници на трите сектори – јавен, бизнис и граѓански сектор, потврди доцент д-р Марјан Танушевски.

Двата експерти од сферата на лобирањето приредија и свои презентации на меѓународната научна конференција што деновиве во Битола ја организираа БАС Институт за менаџмент, БАС – Скопје и Белградската деловна школа од Србија.

Професорот Пушара говореше на темата: “Улогата на лобирањето во современите општествено-економски односи“, додека д-р Танушевски одржа презентација на тема “Примената на проактивна стратегија за лобирање, услов за конкурентност на граѓанските организации“.

За време на престојот во Битола, претседателот на Друштвото на лобисти на Црна Гора професор д-р Костадин Пушара оствари средба со почесниот конзул на Црна Гора, Миодраг Андријашевиќ со кого разменија информации и идеи за интензивирање на соработката во сфери од надлежност на Конзулатот во овој град.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*