Don't Miss
Home / Колумни / Медиумите дежурни виновници

Медиумите дежурни виновници

Иако сеуште се свежи сеќавањата  за медиумското едноумие кое владееше во државата, во сите 11 години, кога лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски буквално 24 часа на ден беше присутен во медиумите, кои  дење ноќе известуваа за неговите успеси и реализирани проекти, во саботата, на одбележувањето на 27 роденден на партијата, Груевски се пожали  дека за само две недели откако дојде до смена на власта,  власта на Заев ги натерала медиумите да направат салто мортале во уредувачката политика.

„Погледнете што направија со најгледаните медиуми, на најгледаните телевизии нема ниту еден критички прилог за новата власт. 80 одсто се афирмација на новата власт. Тоа никому не му пречи, се е идеално, рече Груевски на роденденот и остана жив.

Замислете според оценката на Груевски за само две недели, откако власта ја презеде Зоран Заев медиумите се свртиле против него.

И ако е од Груевски многу е.

Човекот кој буквално 11 години беше главен и одговорен уредник безмалку на сите медиуми во државата,  во чиј мандат беше рамно на велепредавство  да се напише нешто добро за опозицијата, сега се жали дека бил цел на непринципиелно известување на медиумите.

Тој безмалку ја обвини новата власт дека ги свртела најгледаните телевизии и медиум против него и ВМРО ДПМНЕ и дека таа е виновна за пропаѓањето на весниците на МПМ.

Иако во едно време кога Груевски диркетно од говорницата на плоштадот “Рекорд” во Скопје јасно и гласно им порача на неговите членови и симпатизери на партијата  да не гледаат повеке  А 1 телевизја и да не читаат Утрински весник, овој пат не беше толку многу конкретен кој се тие најгледани телевизии и медиуми кои се свртија против него.

Ако се имаат предвид критериуите за тоа кои медиуме според Груевски беа најгледани и најдобри додека тој беше на власт, тогаш сигурно тој  мислеше на ТВ Сител, Канал 5, Алфа, а од весниците на Дневник, Вечер, Република…

Со таквата изјава тој практично им испрати порака на “своите” медиуми дека мошне брзо се свртија против него.

Иако воопшто не се сложувам со  ваквиот став на Груевски сепак тој во едно е во право.

Само за кусо време неговите медиуми  Сител  и Канал 5, во кои тој се истури од давање државни (читај народни пари ) преку ноќ је сменија уредувачката политика. Тие не полека, туку нагло почнаа да известуваат во корист на власта.

Таквото нивно свртување многумина ги изненади, но  има и такви кои не се изненадени, бидејќи едноставно луѓето, кои во времето на Груевски  навикнаа да прават “куртонски вести” научиле да ја фалат власта и тоа им премина во навика.

Но Груевски мора да биди искрен и да признае дека за разлика од порано, кога овие медиуми сега  ја фалат сегашната власт, во добар дел известуваат и за неговите успеси и ги следат неговите активности како лидер на опозицијата, кој сеуште себеси се доживува  дека е премиер.

Но за таквото свртување во уредувачката политика Груевски има најмалку право да го критикува Зоран Заев.

За критиката кон уредувачката политика на “најгледаните” и “најчитаните”  негови медиуми Груевски има право да се лути,бидејки тој се чуствува предаден и изигран.

Имено во изминатите 11 години Груевски се истури од фрлање пари на телевизите Сител, Канал 5, Алфа, МТВ, весниците на МПМ,  Република, како и на некои свои регионални и локални телевизии, портали.

Покрај на телевизиите Груевски истури огромни пари и на транскациските сметки и на главните негови мегафони Латас, Мирка, Миленко, Јанко Јади Бурек, Ивона,  Славица, кои преку ноќ станаа  најплатени новинари не во државата, туку и во Европа.

И само што ја изгуби Груевски власта тие медиуми не само што ја свртија уредувачката политика, туку  некои од нив, прикажувајки се себеси како “жртви” на режимот на Заев  престанаа да излегваат, иако по парите кои ги имаа(т) добиено од Владата на Груевски можеа  без  да добијат никакви реклами од новата власт  лефтерно да живеат со децении.

Поради таквиот нивни (не)очекуван потез Груевски има право да им се лути. Јас би додал дури и да им ги бара парите назад.

Но без разлика што се работи за Никола Груевски, кој по политичкото предавство од ДУИ, сега доживува предавство и од своите медиуми, тој нема  право  да ги обвинува медиумите за  сегашното информирање, кое иако не е идеално, сепак не е како што беше кога народот беше подложен на деноќно медиумско труење.

Кога се во прашање медиумите, Груевски од секогаш  знаел да ја купува нивната лојалност и приврзаност.

Додека Велија не му беше пречка во политиката тој се истураше од давање пари во А 1 телевизија,  велејки тогаш дека таа  е најгледана телевизија.

Кога одлучи да го затвори Велија  преку ноќ тааа телевизија стана најнегледана и  Велија заврши зад решетки.

Затоа сега Заев и неговиот кабинет треба да ги извадат сметките на виделина и еднаш за секогаш граѓаните на Македонија да слушнат и видат  колку пари Владата издвојуваше за медиумите. И тоа не само за националните, туку и за локалните и регионалните, елекрронските и печатените, па и порталите.

Сигурен сум дека тогаш и Груевски ке се срами од  самиот себе колку пари фрлал  за да си ја одржи популарноста, која сега неговите медиуми се обидуваат да му ја срушат.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*