Home / Градска хроника / Нечистиот воздух ја загади и политичката клима во Битола

Нечистиот воздух ја загади и политичката клима во Битола

Деновиве Битола повторно е меѓу градовите со најзагаден воздух во Република Македонија. Загадениот воздух во последно време буквално ги труе битолчани, кои мака мачат како да дојдат до чист воздух.

Сега, кога во најголемиот број семејни домови во Битола се запалија печките на дрва, кога од оџаците на домовите, на некои државни институции и јавни установи се издигнуваат високи црни облаци од чад, битолчани буквално дишат на жабри.

За најголемиот број битолчани проблемот со загадувањето на воздухот во Битола е најприоритетен. Овој проблем е како елементарна непогода, велат битолчани.

– Проблемот со загадувањето на воздухот во Битола е навистина мошне сериозен. Иако и јас лично како научен работник, кој бев вклучен како консултант за надминување на проблемот, а и советничката група на СДСМ и нашите коалициони партнери му дадовме огромна поддршка на здружението „За нас се работи“, сепак и тогаш тврдев, а и сега сум убеден дека граѓанските здруженија сами не можат да го решат овој проблем. Тие можат единствено да го иницираат проблемот, некогаш површно, некогаш потемелно, но генерално тие не се оние што треба да го решаваат. Нашата поддршка за нивните активности за решавање на проблемот со загадувањето ниту тие, ниту кој било друг треба да ја сфати како поддршка за нивна (политичка) промоција, или наша наивност за манипулација – смета советникот на СДСМ, Томе Наумов.

За најавата од страна на еколозите дека тие како граѓанско здружение ќе излезат на следните локални избори и ќе бараат поддршка од граѓаните за влегување во советот на општината, Наумов вели:

– Тие нема да бидат ни први, ни последни што од здружение ќе прераснат во политичка партија – смета тој.

Токму поради сериозноста на проблемот со згадувањето на воздухот во Битола и одложувањето на неговото решавање, некои граѓани, кои деновиве учествуваа на завршната конференција на здружението „За нас се работи“, дури предложија во знак на револт битолчани да ги бојкотираат предвремените парламентарни избори и да не излезат на гласање. Со ваквиот предлог за бојкот на изборите уште еднаш се разгоруваат шпекулациите дека некои граѓански организации, кои беа формирани наводно да се борат за прочистување на воздухот, одвреме-навреме сакаат да прикажат поинакви амбиции. Иако и самите се свесни дека со бојкотот на изборите не само што нема да се реши проблемот со загадувањето на воздухот во Битола, сепак токму на самиот почеток на изборната кампања тие излегоа со предлог за бојкот на изборите, кој не само што нема ништо еколошки во себе, туку дополнително (ќе) ја загади политичката клима во Битола.

– Воздухот во градот навистина е доста загаден. Но овој проблем ниту можеме ниту ќе го решиме со адхок-решенија. Со оглед на актуелноста на проблемот, ние во изминатите месеци направивме неколку мерења за загаденоста на воздухот во Битола. Тие мерења покажаа дека воздухот е најзагаден токму за време на грејната сезона. Во преостанатите месеци, а особено во летото, воздухот беше релативно чист. Но во текот на овие месеци, кога сите домаќинства ги греат своите домови кој како ќе стигне и со што ќе стигне, а со оглед на тоа што Битола по заминувањето во стечај на битолската топлификација нема централен начин на греење, загадувањето на воздухот е најголемо во зима. Овој проблем ќе се реши единствено кога ќе биде реализиран проектот за топлификација на градот од РЕК „Битола“, проект што чини над 58 милиони евра, а кој веќе е почнат да се реализира. Кога во Битола, а и во соседните општини Новаци и Могила ќе биде реализиран овој капитален проект, тогаш се надеваме дека ќе биде решен и проблемот со загадувањето на воздухот во градот – смета градоначалникот Владимир Талески.

Интересно е да се потсети дека здружението „За нас се работи“ уште по самото негово формирање, кое наиде на огромна поддршка кај граѓаните, најави дека ќе направи регистар на загадувачите во Битола. Сепак, досега таков регистар не е направен и затоа битолчани сѐ уште не знаат кој ги труе. Долго време се сметаше дека тоа е РЕК „Битола“, но некои мерење покажаа дека комбинатот иако е, сепак не е ни најголемиот, ни единствен загадувач, туку дека нивниот број е многу поголем.

Бројот на загадувачите драстично се зголемува во грејната сезона кога најголемиот број битолчани ќе ги запалат печките на дрва. Се разбира, има и други загадувачи што своите објект, работилници, индустриски погони, установи, фирми ги затоплуваат кој како ќе стигне, а некои дури со отпадни гуми и пластики, но сето тоа надлежните инспекциски служби во Битола како да не го забележуваат. Затоа сите во Битола со нетрпение го очекуваат топловодот, кој по неколку децении работење на РЕК „Битола“ конечно треба да биде реализиран и би требало драстично да ја смени сликата на загадувањето кон подобро.

Како и да е. Едно е јасно, Битола, градот под Пелистер, кој во изминатите децении важеше за град во кој граѓаните дишеа исклучително чист воздух, во последните неколку години се вбројува меѓу градовите што дишат најзагаден воздух.

Проблем што бара сериозен пристап и трајно решение, а не само политичко надмудрување и тапкање во место.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*