Home / Колумни / (Не)конструктивност

(Не)конструктивност

                            

          Кога пред  две три недели се формираше новиот Совет на општината Битола, советниците, како од власта, така и од опозицијата дадоа збор дека ќе работаат во интерес на Општината и дека при носењето на одлуките  ќе бидат кооперативни и  конструктивни.

          На конструктивост и кооперативност повика и новиот градоначалник на Битола, Тони Коњановски, кој притоа се обврза дека ќе соработува со сите советници и  дека ќе ги прифаќа сите добри идеи, без разлика на тоа од која политичка партија или советничка група доаѓаат.

          На таква конструктивност и кооперативност  се обврзаа и советниците на  Левица и Поинаку, кои иако се во (не)формална коалиција со ВМРО ДПМНЕ нагласија дека  своите одлуки ќе ги носат по своја лична убеденост и увереност, без да заземаат страна, или да бранат нечии  партиски интереси.

          Безмалку сите до еден на конститутивната седница се обврзаа дека ќе работаат исклучиво во интерес на граѓаните, а не во личен интерес, или интерес на политичките партии кои ги предложија.

          Таквата определба влеа надеж дека конечно во Советот  на Битола ќе гледаме конструктвни и департизирани дебати, кои во преден план ќе ги имаат интересите на битолчани.

          Но за жал некои советници  многу брзо заборавија на тоа што претходно го ветија и веќе на втората седница почнаа повторно меѓупартиски да се обвинуваат и омаловажуваат, па дури и да се оцрнуваат.

          -Дури 22 проекти од сите 24 се отпочнати во изминатите четири години додека СДСМ беше на власт. Тоа значи дека сегашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ништо ново не им нуди на битолчани. Од тие 22 клучни проекти се “Илинденска” ние ја започнавме и ја завршивме, реконструкција на улица “Довлеџик” проект почнат, патот Трново-Магарево, реконструкцијата на “Солунска” започната и течи, АРМ, Офицерскиот дом сто проценти наш проект, стадионот, реконструкција на водоводи, рече советникот Методија  Илиевски, кој притоа нагласи дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја развива општина Битола во следните три години со проекти што ги отпочна СДСМ, обвини тој.

          Наместо да ја пофали новата  локална власт што не се откажа од ниту еден почнат,а не завршен  проект од претходната локална самоуправа, опозицијата со доста иронија ја обвини ВМРО ДПМНЕ дека” немаат” идеи или проекти за развој на Битола.

На таквите обвинувања  советниците од локалното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ,  возвратија дека тие имаат нивни проекти, но и дека ако некој друг  порано практикувал  локална самоуправа со правење пресеци и отфрлање на готови проекти што  се покажа како лошо, тие немаат намера и не  планираат тоа  да го практикуваат и прават.

-Развојната програма е се̍ она што како проект е спремно, ВМРО-ДПМНЕ со позитивна мисла ќе продолжи како локална самоуправа заедно со мнозинството да го дореализира, односно да го заврши. Така треба да функционираме. Не е работата дојде некоја друга власт, па да прекини се̍,  па сега ајде наново, граѓаните да страдаат и чекаат. Добро е кога се запазува континуитетот, кога правиме надградба, а не пресеци, возврати локалната власт.

          Без  да се ставам во улога на адвокат  и да оценувам кој е во право, а кој не, сепак морам да нагласам дека  определбата на новата локална власт да ги доврши сите почнати, а незавршени  проекти од претходната локална власт, а сега опозиција е за поздравување.

          Граѓаните на Битола веќе се сити од практиката во минатото сите проекти, усвоени во Советот по смената на власта да бидат прекинати или “замрзнати “.

          Таквата “ политичко- партиска- далтонистичка “политика, Битола во минатото ја плати мошне скапо.

          Токму поради таквите кусогледи  политики, денес сме сведоци како во Битола иако некои проекти  се изработени, усвоени  во Советот и платени, не се реализирани и стојат во некои фиоки.

           Политичарите притоа забораваат дека штом некој проект ги помини сите процедури  во Комисиите и бил усвоен од мнозинството во Советот, тој од истиот момент  не е повеќе партиски, туку  е проект на Битола и нејзините граѓани, со чиј пари всушност  тој се прави.

          “ Партиското присвојување” на проектите, од кои некои се реализираат меѓу две “општински  власти “ од страна на партиите не би требало и не би смеело да биде начин на однесување.

          Советниците во Советот наместо да се се (раз)убедуваат кој чиј проект бил, и дали истиот го почнала претходната или завршила оваа власт, треба добро  да размислуваат при планирањето и усвојувањето на проектите и дали за истите има  економска оправданост и финансиска конструкција.

          Политичарите не смеат при (раз)убедувањето на граѓаните да гласаат за нив да си прават “весели математики” и да нудат неисплатливи, сакпи  и непотребни мегаломански проекти кои и самите се свесни дека не можат да ги реализираат, како што беа проектите за изградба на голф терени, подземни гаражи, аеродроми, филмски студија, ски центри, агро берзи…

          Со парите  од  буџетот, со кој располагаат градоначалниците и советниците, од Битола може да се направи пристојно место на живеење.

          Парите на граѓаните на Битола, а и поддршката која општините ја добиваат од централната власт се  сосема доволни Битола да го врати својот стар сјај.

          Оттаму новата локална власт не треба (пре)многу  да се оптеретува со тоа  чиј бил проектот и од која политичка партија бил понуден. Доколку тој е добар и финансиски издржан,а  е во интерес на граѓаните никој нема да има ништо против  истиот да поддржи и да  се реализира.

          Притоа при нудењето на проектите мора да се води сметка дали тие ќе го подбрат животот на битолчани и истиот им е неопходно потребен.

Доста бевме сведоци на изградба на Потемкинови села, од кои некои никогаш не се изградија, или нудење на проекти за кои и тие кои ги пласираат  знаат дека не можат да се реализираат не во еден, туку во неколку мандати.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*