Don't Miss
Home / Економија / Никој не сака да распише тендер за бесплатен превоз во Битола

Никој не сака да распише тендер за бесплатен превоз во Битола

Бесплатниот превоз на учениците од основното и средното образование стана ноќна мора, не само за учениците и родителите туку и за училиштата и локалната самоуправа во Битола.

Иако од неодамна требаше да се знае кои автопревозни претпријатија и по која цена „бесплатно“ ќе ги возат учениците, сепак засега сѐ уште не се знае кој ќе го распише тендерот за превоз на учениците.

Откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го отвори случајот со бесплатниот превоз „Транспортер“, во кој се осомничени градоначалникот на Битола и уште дваесетина други лица, никој не сака да распише тендер за колективна јавна набавка за превоз на учениците.

Општината Битола, која во изминатите години, за да постигне пониска цена за превозот, го распишуваше тендерот за сите училишта, сега, откако се осомничени првите луѓе на општината и најголемиот број директори на училиштата, од тендерот за превоз на учениците бега како ѓавол од темјан.

Иако според директорите на училиштата постапката со тендерот за превозот на учениците требаше да биде почната уште во јуни, сепак иако сега е октомври, сѐ уште во Битола не се знае кој ќе биде носител на тендерот.

Во ситуација кога локалната самоуправа се откажа од објавувањето заеднички тендер за сите училишта, по препорака на службите на општината, наводно било начелно договорено тоа да го стори средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“, кое според упатените во условите во битолското образование било едно од ретките што нема блокирана жиро-сметка.

Но на таквиот предлог жестоко се спротивставиле вработените во училиштето и едноставно ја отфрлиле таквата понуда, со образложение дека тие не сакаат да влегуваат во таков ризик да распишат тендер за превоз на учениците од сите училишта, бидејќи најголемиот број од нив се со блокирани жиро-сметки.

Во таква ситуација, кога техничкото училиште го отфрли предлогот тоа да биде носител на јавната набавка за превозот, деновиве, според информации на „Битолски весник“, наводно од страна на локалната самоуправа бил даден предлог основните училишта што не користат градски линиски превоз сами да си објават тендер за превоз на своите ученици, а тендерот за бесплатниот автобуски превоз за средните училишта да го распише гимназијата „Таки Даскалот“, која, според упатените во состојбите, има блокирана жиро-сметка и која должи најмногу средства токму за превоз на учениците.

Бесплатниот превоз на учениците и тендерот што треба да се распише деновиве беа предмет на жестока пресметка меѓу политичките партии.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ убедуваат дека, според законот, е дозволено едно училиште да распише тендер во името на сите образовни институции од градот, кои користат бесплатен превоз и дека за тоа добиле согласност од Бирото за јавни набавки.

Токму од тие причини општината бара тендерот да го распише некое од училиштата. А тоа се прави за да се постигне пониска цена за превоз на учениците.

– Колку што мене ми е познато, општината Битола, како основач на училиштата, има право да пренесе дел од своите надлежности на некое од училиштата и тука нема ништо страшно, бидејќи сѐ е во согласност со Законот – смета советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Соња Карапашовска.

На ваквото нејзино тврдење жестоко се спротивставуваат од опозициската СДСМ, кои тврдат дека бесплатниот превоз на учениците досега, а и отсега многу скапо ја чини Битола.

– Со оглед на тоа што ние како советници досега немаме никаква официјална информација како се планира да се реши бесплатниот превоз на учениците, не знаеме како планира општината да го направи тоа. До нас стигна информација дека наводно тендерот за превоз на учениците требало да го распише средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“, но по острото спротивставување на родителите и наставниците се отстапило од таквата намера. Сега, колку што ни е познато, се врши огромен притисок врз директорите на други училишта, од кои најголемиот број имаат блокирани жиро-сметки, да го распишат тендерот. Некои од директорите се под голем притисок да го направат тоа, но сите се плашат и сѐ уште не се знае кој ќе го распише тендерот – вели советничката на СДСМ, Наташа Петровска, според која, во ваква ситуација најдобро би било тендерот за превоз на учениците во Битола и во Битолско да го распише Министерството за образование.

Инаку, кога станува збор за бесплатниот превоз на учениците во Битола, тој во изминатиот период многу скапо го чини градот под Пелистер.

Поради некои погрешни калкулации и недоречености во финансирањето на превозот, досега општинската каса на Битола е олеснета за неколку стотици илјади евра, а според упатените во состојбите со превозот, вкупниот долг за бесплатниот превоз на учениците во Битола достигна дури до 2 милиони евра.

Токму бесплатниот превоз беше причина СЈО да го отвори предметот „Транспортер“, во кој се осомничени 21 лице, меѓу кои и првите луѓе на општината, градоначалникот Владимир Талески и секретарот Слободан Бончановски, како и дваесетина директори на основни и средни училишта и автопревозни претпријатија.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*