Home / Интервјуа / Николов ќе докажува дека е незаконски сменет

Николов ќе докажува дека е незаконски сменет

Бившиот директор на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Димитар Николов-Таки, кој неодамна беше разрешен од ваа функција, е убеден дека е незаконски сменет и најавува дека преку суд ќе се обиде да докаже дека е незаконски сменет од функцијата директор на фестивалот. Деновиве тој во Основниот суд Скопје поднесе дури три тужби за неговата, според него, незаконска смена.

– Се одлучив да поведам судска постапка не за да ја зачувам директорската функција, туку затоа што не сакам да дозволам некој да си поигрува ниту со фестивалот ниту со моето име. Ако луѓето што ме сменија, на чело со директорот на Друштвото на филмски работници, Роберт Насков, мислеа дека лошо сум го организирал 37-то издание на „Браќа Манаки“, можеа да алармираат веднаш по завршувањето на фестивалот, а не сега, кога веќе ги привршував подготовките за годинашното издание. Иако судската пресуда, која сум убеден дека ќе биде во моја полза, нема да ме задржи на директорската функција, убеден сум дека ќе докажам дека сум незаконски и нелегитимно сменет, без да се почитува статутот на друштвото – вели Димитар Николов-Таки.

Николов вели дека кога бил избран за прв човек на фестивалот настојувал да ги обедини сите филмски работници да направат поквалитетен фестивал.

– Според мои сознанија, претходно, ниту еден друг директор на „Браќа Манаки“ никогаш во јавноста не излегол со извештај за организацијата на фестивалот или, пак, со финансиски извештај. Јас на собранието на Друштвото на филмски работници понудив комплетен извештај за тоа што беше сработено на 37-то издание на фестивалот и за сите потрошени пари. Речиси со истиот буџет што го имаше бившата директорка Лабина Митевска, а кој изнесуваше околу 10 милиони денари, успеав да го продолжам одржувањето на фестивалот од седум на десет дена, бројот на гости од 120 да се зголеми на над 500, а беа понудени четири нови програми, со што љубителите на филмот во Битола видоа двојно повеќе филмови, или вкупно 214 – вели Николов.

Тој подвлекува дека во текот на едногодишното работење ги вратил сите долгови наследени од претходната директорка, во висина од 350.000 до 400.000 денари, и бил единствен директор што досега не зел никаков хонорар за извршувањето на оваа функција. Наместо да добие признание за тоа што го сработил, од првите луѓе на ДФУ Николов бил обвинет дека наводно без да се консултира со нив вовел повеќе програми, нови награди и сл.

– Јас ветив дека фестивалот ќе се категоризира, дека ќе воведеме нови програми, кои ќе го збогатат, дека ќе најдам повеќе пари однадвор и дека ќе направам „Браќа Манаки“ да не зависи само од државни пари, туку дека ќе најдеме нови средства што ќе го гарантираат неговото одржување – подвлекува тој.

Додава и дека успехот што го постигна 37-то издание на фестивалот „Браќа Манаки “ очигледно не им се допаднал на луѓето од ДФУ.

– Лично мислам дека луѓето од ДФУ не можеа да ми простат неколку работи. Некому му пречеше тоа што ја збогатив програмата со нови содржини, што по 37 години успеав да го категоризирам, што првпат во историјата, во конкуренција на градови како што се Ерусалим и Даблин, успеавме да се избориме во Битола да донесеме 80 членки на ИМАГО, најголемата организација во светската кинематографија, да ја држат годишната конференција во Битола. Во меѓувреме Битола стана филмски град признаена од УНЕСКО. Ако на тоа се додаде дека во меѓувреме, откажувајќи се од хонорарот, ги вратив сите долгови на Митевска, мислам дека тоа е доволно да ги исплаши луѓето од ДФУ – конкретен е Димитар Николов.
Тој смета дека иако во фестивалот „Браќа Манаки“ нема големи пари, сепак, тој на неколкумина „им користел како дуќанче, од кое сите земале по нешто“. На луѓето од ДФУ дури им пречело што тој се откажал од хонорарот, кој изнесувал околу 400.000 денари.

– Како ние во иднина, откако ќе ти заврши мандатот, ќе најдеме директор што би работел волонтерски, ме обвинуваше тогаш Тозија – вели Николов.

Според него, симптоматична е и одлуката на ДФУ во новиот правилник, да има нов член – фестивалот „Браќа Манаки “ да може да се одржува и во други градови, а не само во Битола, со што лесно може да се повтори 2008 година, кога токму Насков и Салковски одлучија завршниот дел од фестивалот да го одржат во Скопје, кога битолчани мораа со протести да го бранат фестивалот и да бараат тој да се врати во Битола.

– Лично мислам дека луѓето од ДФУ не му мислат добро на фестивалот и дека си играат со неговата судбина. „Браќа Манаки“ не е само на ДФУ, туку тој е и на Битола, на Македонија, и на светот. Луѓето од ДФУ не случајно го одбраа моментот за моја смена и таквата одлука ја донесоа токму во моментот кога се одвива т.н. Шарена револуција, кога државата нема време да се занимава со фестивалот – категоричен е Николов.

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!