.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Култура / Нова фасада за стариот Безистен во Битола

Нова фасада за стариот Безистен во Битола

Наскоро, Безистенот во Битола ќе добие нова фасада.

Деновиве фирмата “ БВ инжинеринг “ од Битола, која ќе ги  изведува градежните зафати ги постави скелињата за почеток на работите околу реновирањето  на Безистенот.

Покрај новата фасада,  стариот Безистен ќе добие и сосема нов покрив, со што ќе се реши и проблемот од прокиснување на Безистенот.

Според зборовите на првиот човек на Националната установа “Завод и Музеј“  од Битола, Зоран Алтипармаковски  фасадата и покривот на Безистенот,   ќе  бидат изведени со средства на Министерството за култура на Република Македонија.

-И покрај тоа што со денационализацијата,  Безистенот   кој  е еден од ретките споменици на културата во Битола им е вратен на сопствениците и нивните наследници,  државата нема  буквално никакви ингиренции за негово  одржување , сепак Министерството за култура го прифати нашиот предлог  годинава да биде изведена новата фасада и да се смени комплетно покривот  на Безистенот.  Со тоа тој не само што во голема мера ќе го добие својот стар изглед и лик, туку и ќе се заштити од  натамошно пропаѓање,  истакнува директорот на “Заводот и Музеј“  од Битола,  Зоран Алтипармаковски.

Инаку,  Безистенот во Битола е споменик од културата од исклучителна  важност за  градот.

Според добрите познавачи на   историјата на Битола,  тој изграден  во 15 век и претставувал  вистински трговски центар во срцето на Битола,  кој во изминатите неколку векови во неколку наврати ги менувал своите намени.

Битолските  хроничари тврдат  дека во Битола имало два безистени. Мал и голем  Безистен.

Малиот безистен не го преживеа (не)времето и бил срушен, додека големиот Безистен, кој се наоѓа во срцето на Битола, покрај реката  Драгор,  наспроти  Градскиот чосовник,  во непосредна близина на двата моста,  за среќа и радост на битолчани  успеа да се одржи сите овие векови.

Во Безистенот, во кој  од трите страни во внатрешноста  водат три улици, имало околу шеесетина дуќани.

bezisten 2

Возрасните битолчани се сеќаваат  дека во  Безистенот во разни периоди се продавале  разни производи и стоки.

Едно време во дуќаните на Безистенот имаше неколку златарници , јувелирници,  каде се продаваше златен и сребрен накит, разна  бижутерија, потоа зеленчук и овошје, а имало и голем број дуќани, во кои битолчани можеа да купат најубави штофови за  шиење на костуми и фустани, потоа  разни специјалитети на леб и тестенини,  бела техника.

Во самиот Безистен имаше и неколку угостителски објекти, во кои се разладуваа битолчани.

Денес, најголемиот број од дуќаните се на јавното претпријатие за станбен  и деловен простор, но по донесувањето на Законот за денационализација,  над триесетина дуќани им се вратени на приватните сопственици,  или нивните наследници.

И токму враќањето на дуќаните на сопствениците на површина ги извади сите проблеми околу (не)одржувањето на Безистенот.

Многуте сопственици,  или кираџии,  кои работаат во Безистенот со години никако не можат да се договорат околу (не)одржувањето не само на хигиената, туку и внатрешноста на објектот, па затоа тој во некои делови,  буквално пропаѓа.

Сопствениците на дуќаните, или корисниците на деловните простории, со години никако не можат да се договорат дури  ни околу одржувањето на чешмата, која подолго време  едноставно не функционира и  наместо за разладување на битолчани служи како  контењер за фрлање на ѓубрето.

Некои од  наследниците на дуќаните  пак на своја рака , на наколку  места  во Безистенот дури ги рушија  дебелите ѕидови  да си обезбедат  влез или  излез, бидејќи по денационализацијата на некои од нив им беа затворени излезите или влезовите во  нивните дуќани.

Посебна приказна се оние дуќани кои имаат повеќемина наследници, кои не можат  никако  да се договорат околу нивната судбина и намена и едноставно со години стојат затворени.

И покрај сите залагања на јавното претпријатие за станбен и деловен  простор , засега  не е најдено решение за заедничкото одржување не само на надворешноста, туку и внатрешноста на Безистенот.

Посебен проблем  е решавањето на прокиснувањето на покривот, како и проблемите  кои ги прават бројните климатизери кои се поставени во дуќаните и електричната инсталација, која во некои делови преставува вистинска опасност за граѓанитекои минуваат низ Безистенот.

– Враќањето на дуќаните во Безистенот  по законот за денационализација  мислам дека ги покажа сите недостатоци и маани на овој закон. Лично мислам дека вакви објекти, кои имаат историска и културна вредност, а кои имаат бројни наследници,  не требаше да им бидат враќани на сопствениците, туку требаше  да останат во сопственост на државата, а  таа  нив да ги обештетеше на друг начин, со давање на други објекти, или обврзници.  На тој начин, доколку  државата останеше газда на  Безистенот таа ќе знаеше да се грижи за одржувањето на  комплетниот објект. Вака, сега тој има многу сосптвеници,  но за жал само малкумина од нив се грижат за неговото одржување, вели  првиот човек на “Заводот  и Музеј“ од  Битола, Зоран Алтипармаковски.

Сега, кога благодарение на разбирањето на Министерството за култура со изведбата на фасадата и смената на комплетниот покрив, Безистенот не само што ќе добие сосема нов лик и ќе стане уште едно култно место за посети на странските туристи, туку и во голема мера истиот ќе се заштити.

Со неговата реконструкција  битолчани се надеваат дека конечно  ќе се смени и свеста на сопствениците на дуќаните и дека  тие во иднина  повеќе ќе се грижат  за неговото внатрешно и надворешно одржување.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фотографија: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*