Home / Вести / Нови униформи за полицајците

Нови униформи за полицајците

Владата на Република Македонија на денешната 30-та седница, со која претседаваше Заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и Министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, им препорача на сите министерства до крајот на оваа недела да извршат ажурирање на нивните обврски и динамика на исполнување на активностите предвидени во Планот 3-6-9 кои, треба да бидат реализирани во периодот од 6 месеци од почеткот на овој реформски процес за исполнување на обврските и критериумите за придвижување на евро-атлантските процеси.

На својата 30-та седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од набавка на униформи за припадниците на полицијата на Министерството за внатрешни работи, и го задолжи министерсвото да поднесе барања за добивање согласност до Советот за јавни набавки за спроведување на јавни набавки за повеќе делови од униформата за припадниците на полицијата. Во врска со оваа точка, владата донесе одлука да му се укаже на Советот за јавни набавки, поднесените барања од Министерството за внатрешни работи во однос на униформата за Полицијата, согласно закон да ги разгледа во пропишаниот рок и да донесе одлуки во рамките на утврдените законски надлежности.

Министерството за труд и социјална политика на седницата ја презентираше информацијата за подобрување на статусот на деца кои користат услуги во јавни установи за деца – детски градинки. Владата ја разгледа оваа информација и го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од еден месец да изготви измени и дополнување на Правилникот за поблиските услови, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца.

На седницата владата донесе одлука да се даде позитивно мислење на Предлогот на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!