Home / Македонија / Новинарите на кафе со градоначалникот Богоев

Новинарите на кафе со градоначалникот Богоев

По повод четириесет и првиот роденден на Општина Карпош, денеска во кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев на кафе дружба беа новинари и претставници на медиумите. Во неформалната средба, првиот човек на Општина Карпош ги информираше новинарите за актуелната состојба во Општината, со структурата на вработеност и затекнатите човечки ресурси, досегашните и идни приоритетните проекти  кои новото раководство на локалната самоуправа ќе ги спроведе, како и за визијата за развој на Општина Карпош во наредните четири години.

Како што ветивме во програмата, планираме да изградиме три реонски базени  во некои од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош, еко-паркинзи во оние населби каде што има најголем проблем со паркирањето, голем  повеќенаменски парк на Кејот на реката Вардар, изградба на рекреативен центар за пензионери и пензионерски дом во населбата Злокуќани, воведување на картичката „ Мој Карпош“, потенцираше Богоев.

Првиот човек на Општина Карпош, истакна дека Општината ќе се урбанизира во оние делови каде што има простор, односно каде што не е населено или во понеразвиените делови, како што се Касарната Илинден, делови од Бардовци, Злокуќани и Зајчев Рид. Богоев напомена дека инспектори вработени во Општина Карпош постојано се на терен на локацииите каде што се гради на територијата на локалната самоуправа да ги контролираат градежните активности и почитувањето на прописите при градење.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, прецизно појасни дека на 42 вработени им престанал договорот за вработување, но притоа не станува збор за политички реваншизам.

По прецизен преглед на вработените во Општината, констатиравме дека има вработени кои примаат плата, а воопшто не оделе на работа. Исто така, има вработени кои работеле во одделенија каде што имало превработеност. За илустрација, морам да направам споредба со Општината Аеродром , и да истакнам дека во таа општина има помалку вработени одошто кај нас во Карпош, а има повеќе жители. Општина Карпош има преку 400 – тини вработени, и е локална самоуправа, меѓу првите со најголема вработеност во Република Македонија, дециден беше градоначалникот Богоев.

Општинскиот татко Стефан Богоев, потенцираше дека посебно ќе се освне на проблемот со загадувањето, кое координирано ќе се решава со Градот Скопје и со Министерството за животна средина.

-Немаме намера да имаме дисконтинуитет во позитивните активности кои и досега се спроведувале во Општината, како што се сите хуманитарни, спортски и други активности по повод Денот на Општината, но и други кои се спроведуваат со усвоените програми. Во соработка со граѓаните ќе ги решаваме проблемите и забелешките со урбанистичките планови кои тие ги имаат и каде што е можно според закон ќе се интервенира, но, тоа не значи дека Општината ќе остане во состојба „status quo“. Во Карпош паркирањето и натаму ќе биде бесплатно, но  ќе градиме и еко паркинзи, паркови за миленичиња и сл.

Конечно, истакна Богоев,  и во иднина со медиумите максимално ќе комуницираме на отчетен и транспарентен начин, сé со цел граѓаните на Карпош да бидат известени за сите проекти и настани кои се однесуваат на локалната самоуправа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Општина Карпош

                                                            Одделение за односи со јавноста

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*