.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Uncategorized / Обвинение за организаторите на 27 април

Обвинение за организаторите на 27 април

Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение за организаторите на „27 април“, односно за насилниот упад во Собранието, за што обвинети се екс министерот Миле Јанакиески, пратеникот Трајко Вељаноски, екс министерот Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

За експремиерот Никола Груевски кој е во бегство во Будимпешта, и поранешениот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој е во бегство во Грција, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.

-По повеќемесечна сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд Скопје, поднесе обвинителен акт против четири лица. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик. За две лица, кои во моментов се недостапни на органите на прогонот, постапката е запрена до нивно пронаоѓање.

Наодите од истражната постапка укажуваат дека обвинетите, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети. Во исто време, еден од осомничените, за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за продолжување на мерката куќен притвор за еден од обвинетите, додека за двајца обвинети предложи определената мерка притвор да биде заменета со мерка куќен притвор, се вели во соопштението на обвинителството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*