.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Uncategorized / Одлуките на Владата од денешната седница

Одлуките на Владата од денешната седница

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлуки за постапка за именување на државен јавен обвинител, за стопирање на владините реклами, за подготвка на Национална стратегија за дијаспората, а покрената е иницијатива за усвојување на програма за лична асистенција на лица со телесна попреченост.

– Владата на Република Македонија на денешната 24 седница донесе заклучок да му предложи на Собранието на Република Македонија да го огласи именувањето на Јавен обвинител на Република Македонија, согласно член 41 од Законот за Јавното обвинителство, со оглед на тоа што досегашниот јавен обвинител на РМ Марко Зврлевски е разрешен од страна на Собранието на РМ, на седницата, одржана на 17 август 2017 година, стои во соопштението од владината прес-служба.

Владата на денешната седница ја усвоила мерката од Планот 3-6-9 која се однесува на стопирање со владините реклами на комерцијалните радиодифузери и печатени медиуми, билборди, интернет портали (со исклучок на социјалните медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис. Согласно оваа мерка Владата на РМ донела заклучок според кој се задолжуваат сите органи на државната управа, им се укажува на институциите кои немаат статус на органи на државната управа и им се препорачува на единиците на локалната самоуправа да престанат да емитуваат, односно рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали, со исклучок на социјалните медиуми, согласно усвоената мерка од Планот 3-6-9.

Во однос на Планот 3-6-9, на денешната седница Владата ја разгледала и усвоила Информацијата за динамиката на реализација на одделни точки од планот и ги задолжуви институциите носители на мерките во Планот 3-6-9 да доставуваат извештаи за реализација на мерките до Секретаријатот за европски прашања секоја недела.

На владината седница била разгледана и усвоена информацијата за потпишување на Билатерален договор помеѓу Република Македонија и Европската Унија за ко-финансирање на големиот проект за „Изградба на експресен пат на делница клучка Дреново-Градско, како дел од крак 10-д на патниот Коридор 10“, кој преставува дел од програмскиот период 2014-2016 во рамките на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија.

Пред владините министри денеска била презентирана и информацијата за искористеност на ИПА програмите. – Владата им препорача на министерствата и на другите владини институции кои имаат пристап до овие фондови да ги преземат сите потребни активности со цел навремено аплицирање и користење на овие финансиски средства, се вели во соопштението.

На предлог на Министерството за надворешни работи, Владата на РМ денеска донела заклучок до Собранието на Република Македонија да го достави Предлог-законот за ратификација на Договорот од Париз, кој се однесува на глобалните климатски промени и емисиите на штетни гасови.

Членовите на Владата на Република Македонија денеска едногласно ја прифатиле Информацијата за потребата од изготвување Национална стратегија за соработка со дијаспората (2018-2023). Владата задолжила повеќе министерства и државните органи, во рок од 10 дена до Кабинетот на министерот без ресор, Едмонд Адеми, задолжен за дијаспора, да достават номинации на член и заменик – член за Работната група за изготвување Национална стратегија за соработка со дијаспората.

Владата денеска ја усвоила и Предлог програмата за Изменување на Програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Република Македонија за 2017 година. – Со активностите предвидени во оваа програмата се овозможува континуитет на активностите кои државата ги превзема за спречување на појава и ширење на ХИВ/СИДА-та кои се спроведуваат повеќе години наназад од страна на здравствените домови во соработка со невладините организации. Со оваа програма се овозможува подобра едукација на населението и на здравствениот персонал за навремено спречување на појавата на ХИВ/СИДА, се наведува во соопштението.

На денешната, 24-та седница, Владата ја разгледала и ја усвоила Информацијата за потребата од ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција).

На предлог на Министерството за труд и социјална политиката, Владата денеска ја разгледала Информацијата за воведување на програма за лична асистенција на лица со телесна попреченост. – Оваа услуга е еден од клучните елементи за остварување на самостоен живот за лицата со физичка попреченост. Овозможувајќи ваква поддршка, општеството добива активен член на заедницата кој има право на избор и одлука за тоа на кој начин и во кои услови ќе живее и ќе овозможи активно вклучување и придонес во заедница во која живее, појаснуваат од владината прес-служба.

Владата денеска ја усвоила и Информацијата за реализација на Проектот формирање и поддршка на земјоделски задруги, како можност за развој на земјоделските стопанства, кои преку поттикнување на економско здружување во земјоделски задруги, со заеднички настап во производството, продажбата и пласманот на своите производи, ќе се стекнат со можност за зајакнување на нивната пазарна улога, за зголемување на конкурентноста и ефикасноста во работењето и за зголемување на индивидуалниот приход на земјоделецот.

На денешната владина седница биле разгледани и усвоени и повеќе други информации за тековното работење на повеќе јавни претпријатија, агенции и државни претпријатија во сопственост на Република Македонија.

Меѓу овие информации Владата го разгледала и Годишниот извештај за работењето на Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје во 2016 година и препорачала банката, во рок од 3 месеци, да изготви и да достави Стратегија за зголемување на капацитетите за финансирање на македонските компании, со поконкурентни цени и услуги, како и за подобрување на условите за осигурување на извозот на македонските производи.

Владата го разгледала и Ревизорскиот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи на Централниот регистар на Репуболика Македонија и годишна сметка за 2016 година како материјал за информирање, и го задолжила Централниот регистар да достави Информација за одржливоста на финансиското работење за периодот од 1 септември 2017 година до 30 јуни 2018 година.

На денешната седница Владата му препорачала на новото раководство на Централниот регистар да ја преиспита правната основа за одлуката на Упавниот одбор на Централниот регистар, добивката од минатата, 2016 година да ја уплати на сметката на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, со што била нанесена штета на редовното работење на Централниот регистар.

Владата го разгледа и прифати Акцискиот план за Проектот „Контрола на здравствените установи од страна на Фондот за здравствено осигурување на Македонија со цел еднаков квалитет на здравствената услуга за секој граѓанин секаде во Македонија“, за период јули-декември 2017 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*