Home / Uncategorized / „Окупација“ на Битола во неколку слики

„Окупација“ на Битола во неколку слики

Повреден бивш пратеник на СДСМ од истрел со огнено оружје, скршени камери, натепан новинар, нападнати полицајци пред општинската зграда, легитимирање и партиско селектирање на новинарите, меѓусебни тепачки на демонстранти, закани кон граѓаните што не сакаат да протестираат, блокада на улиците и работата на Советот на општината, демолирана зградата на општината, преплашена општинска администрација.

Тоа е во најкратки црти сликата што деновиве имаат можност најчесто да ја гледаат битолчани како резултат на Шарената револуција, која веќе десетина дена го потресува градот под Пелистер. Иако сите овие случувања во Битола сериозно ги загрижуваат граѓаните, сепак во т.н. Шарена револуција се случуваат и некои комични ситуации. Тие најмногу дојдоа до израз откако демонстрантите на „Протестирам“ и ГДОМ, во „договор“, како што велат организаторите, ги сменија локациите на собирање и протестирање. До ваквата размена на „територии“ дошло, ни објаснуваат актерите во нив, во договор меѓу организаторите на протестите, за да не дојде до нивна блиска средба.

Така, локацијата кај Офицерскиот дом, која беше почетно место за демонстрантите на „Протестирам“, сега е збирно место на ГДОМ, кој таму се собира. За тоа време првите како почетна позиција за своите собирања ја зедоа локацијата кај споменикот на Филип Втори, од каде што се упатуваат кон општинската зграда.

– Јас не знаев дека ги смениле локациите. Кога пред почетокот на собирањето, мислејќи дека Офицерскиот дом е наша локација, го извадив свирчето да свирам, веднаш ми пристапија луѓе од ГДОМ и ме предупредија дека ако сакам да свирам да одам кај тие што протестираат кај „Магнолија“, зашто Офицерскиот дом веќе е во нивни раце. Дури подоцна, кога видов дека кај Офицерскиот дом почнаа да доаѓаат луѓе со знамињата на Вергина, сфатив дека Офицерскиот дом, кој беше симбол за нашата слобода, сме го изгубиле, заминав кај „Магнолија“, кај споменикот на Филип Втори, каде што порано никако не можевме да се собираме дури ни за прослави, а камоли за протестирања – ни вели еден од демонстрантите на „Протестирам“.

Приказната на еден бивш опозициски пратеник е уште покомична. Имено, тој не знаејќи дека организаторите на протестите се договориле да ги сменат локациите, движејќи се со својата сопруга кон Офицерскиот дом, кој до пред таа вечер беше збирно место за опозицијата, заглавил меѓу демонстрантите. Во меѓувреме, додека настојувал да го напушти местото, многумина од ГДОМ му „честитале“ што им се придружил ним, а неговото присуство кај Офицерскиот дом некои веднаш со своите апарати и телефони го регистрирале и сликите ги ставиле на Фејсбук. Не требаше да помине многу време, тој веднаш да биде прогласен за предавник и сега опозицискиот пратеник со денови не може да им објасни на дел од своите сопартијци дека тој случајно се нашол кај Офицерскиот дом.

sarena revolucija  11

Сепак, наспроти ваквите примери, протестите во Битола се навистина сериозни и во одредени момент дури и драматични, кои потсетуваат на некогашните протести на штедачите на ТАТ. Но, со оглед на тоа што Битола е град во кој секој со секого се познава, има ситуации кога демонстрантите, пред почетокот, или по завршувањето на протестите, се дружат меѓусебно, седат заедно на Широк сокак и пијат кафе, разменуваат фотографии, се шегуваат на некои случувања, дебатираат, бистрат политика. На таквите кафе-седенки паѓаат и облози дали ќе има избори на 5 јуни или нема да има, кој бил а кој не бил во „тефтерчето“ на Катица Јанева, кој кого ќе затворел, Груевски – Заев или обратно. Но тоа што особено загрижува е што партиската поделеност и недовербата меѓу битолчани одат и дотаму што протестите не ги поделија само партиските членови туку и некои семејства.

Па, така, има случаи кога на протестите заедно од дома излегуваат двајца браќа, па едниот брат заминува на протестот кај ГДОМ, а другиот кај „Протестирам“. Жртви на таквата недоверба и поделеност се и фоторепортерите.  Во овие протести не се сигурни ни новинарите, кои демонстрантите почнаа да ги „селектираат“ на нивни и туѓи, пожелни и непожелни. Селекцијата важи и за камерманите и добро се знае кој може, а кој не може да снима. Па, така, на еден од протестите настрада фоторепортерот П.С., кој беше удрен со боксови од еден свештеник, со кого наводно имал нерасчистени сметки од порано.

А нетрпеливоста не е присутна само помеѓу демонстрантите на ГДОМ и „Протестирам“. Таа е сѐ поприсутна и меѓу самите демонстранти, па деновиве на еден протест, пред општинската зграда, полицијата мораше да ги разделува од тепачка двајца демонстранти од истата група.

Без спокој и мир деновиве беа и станарите што живеат во близината на зградата на градоначалникот Владимир Талески во Нова Битола, кога демонстрантите протестираа пред неговиот дом.

По протестите веќе и Широк сокак не е безбедна улица. На удар се најдоа и луѓето што не сакаат да протестираат ни за едните ни за другите, па тие што ќе се најдат тој момент на оваа фреквентна улица добиваат закани, зошто гледале сеир, додека тие се бореле за смена на „режимот“, како што велат од „Протестирам“, или за одбрана на државата, како што сметаат луѓето од ГДОМ.

Покрај блокадата на улиците, демонстрантите речиси во целост ја блокираа и работата на општинската администрација, која е трауматизирана по демолирањето на општинската зграда, која е доста оштетена. Деновиве и Советот на општината беше блокиран со тоа што советниците од опозицијата ја напуштија седницата и им се придружија на демонстрантите, кои бараат градоначалникот Владимир Талески да им се обрати на советниците.

Да биде комплетна иронијата на овие случувања, најдобра потврда е што додека демонстрантите на „Протестирам“ пред општинската зграда бараа оставка од градоначалникот Талески, советниците на опозицијата бараа Талески да дојде на седницата и да им се обрати на советниците. На ваквите барања реагираше претседателката на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Ангелевска.

– Јас не можам да ги сфатам советниците на СДСМ. Бараат оставка од Талески, а се против избори. Евентуално ако, ете, Талески се смилува и даде оставка, како ќе избереме нов градоначалник, кога тие не сакаат да има избори – иронично вели Ангелевска.

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*