Home / Колумни / “Патриотско“ (само)понижување

“Патриотско“ (само)понижување

Пишува:

М-р Марија Младеновска Димитровска, психолог.

Како народ, кој со векови бил поробуван и понижуван  последните години го доживуваме најголемото самопонижување откако постоиме.

 Иако во нашата историја многупати сме биле поробувани, но не сме биле покорени, сепак, сметам дека никогаш како последните декади не сме биле повеќе  покорени и понижени.

И сега ни нема спас, зашто покрај тоа што сме покорени, ние сме  (само)понижени а од тоа ни нема спас. Оти тогаш не ти е телото покорено  туку душата ти е покорена , умот ти е поробен. А од тој затвор и ропство нема спас. Најстрашен затвор е оној кој човек сам ќе си го наметне, во кој сам ќе се затвори, на кој сам ќе се осуди.

Човек и в затвор може да биде слободен. Човек и осуден на доживотна робија може да биде слободен, ако духот му е слободен, ако умот му е слободен, ако душата не се дава и се надева, ако душата му живее надвор од решетките на занданите, тоа е неговиот спас, надежта, непокорот, пркосот. Но нема спас за оној човек или народ, кој сам се ставил во внатрешен затвор, кој сам си ја заробил мислата, душата, надежта, тој е мртов човек, мртов народ, кој нема надеж повеќе, кој сам си го згазил достоинството, си ја продал честа…

         Него не треба никој да го понижува и осудува бидејки  тој веќе е осуден на доживотна робија и пропаст. Е, токму тоа ни се случува нам како народ. Првпат во историјата Македонецот сам се отпиша, сам се откажа од себе си, од своето достоинство, од своето име, од својата историја, се откажа и од минатото, за кое гинеле генерации, а со тоа се откажа и од сегашноста и од сопствената иднина. За прв пат тој самиот се одроди од себе си, се самоукина, се самоизбриша… Многу пати сме биле поробувани, прекрстувани низ вековите, но не сме го изгубиле сопствениот идентитет, зашто не сме се помириле со тоа, не сме се покориле, но сега за прв пат ние самите се прекрстивме, се самоукинавме и сега е готово со нас. Каков ли тоа генетски инженеринг му е направен на овој народ за самобришење од сопствената колективна и лична меморија, тоа е невидено злосторство во светската историја и е рамно на геноцид. Многу народи доживеале геноцид во својата историја вклучително и ние, но ваков геноцид не доживеал ниеден друг народ, зашто ова е самогеноцид, самобришење, самопоништување од личната и колективната меморија. Ние самите веќе не смееме да се наречеме Македонци, вековното име на државата не смееме да го спомнеме ни надвор, а сега ни дома. За прв пат ние самите се прекрстивме, се самоизбришавме и сега е грев ако некој и дома се нарече Македонец и ја спомене Македонија. Па ова не ни се случило ни во најцрните денови од нашите многубројни поробувања низ историјата. И да биде парадоксот поголем, сето тоа под плаштот на патриотизмот и грижата за иднината на државата и идните генерации. Па ние им ја избришавме историјата на нашите предци и им ја украдовме иднината на нашите потомци и уште пострашно ние им ја украдовме и душата и надежта и вербата. Нема поголемо предавство и поголемо злосторство од тоа. Дури хипокризијата и налудничавоста оди дотаму што во сопствената држава веќе не смееме да го споменуваме вековното име зашто веднаш го прогласуваат за предавник кој работи против интересите на државата и иднината на прекрстената земја. Ова е врв на лудилото. Дочекавме и да си правиме самопрогон во сопствената држава. Веќе никој не ни е виновен за тоа, зашто овојпат самите си го направивме сопствениот геноцид и генетски инженеринг.

Затоа крајно лицемерно е да го чествуваме денот на независноста на (не)постоечката и безимена држава. Да бидам докрај цинична, почесно е да почнеме да чествуваме од почеток, од првата годишнина на новата (не)зависност, на новата северна држава, зашто и онака избришавме се’ што постоело претходно и можеме скроз да се ресетираме од нула и да се рестартираме…Ние ги предадовме идеалите и на Илинден и на АСНОМ и на генерацијата која ја прогласи независноста на државата. Ние ги предадовме идеалите на сите претходни и на сите идни генерации. Во овие 3 децении систематски разнебитивме се’ што беше вредно, се’ што беше свето за овој народ. Го поткопавме националното ткиво и го поделивме, разединивме и пониживме народот по сите основи. И во тоа разнебитување одговорност сносиме сите и тие што директно учествуваат во распродажбата на државните интереси и сите полтрони и опортунисти кои од лични лукративни побуди аминуваат се’, но и сите останати што се неми набљудувачи на она што се случува во овие три децении. Нека го поштедат барем народот од лажниот патриотизам, од лицемерието, од поделбите, од понижувањето. Никој не го понижил овој народ како нашите современици квази патриоти, кои коленичејќи пред своите ментори и странски спонзори не фрлија сите на колена и ни го погазија и националното достоинство и човечкото достоинство. Но за тоа ќе им суди историјата и сопствените деца. Боли душата до каде ја дотуркавме работата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!