Home / Вести / По долгогодишниот молк новинарите се сетија да прозборат за себе

По долгогодишниот молк новинарите се сетија да прозборат за себе

               

        Во организација на ЗНМ и ССНМ новинарите во петокот  излегоа на протестен марш од Владата до Собранието и го кренаа својот глас за актуелните состојби во новинартсвото и понижувачкиот и потценувачки однос од страна на владините функционери кон новинарите и медиумите.

-Законите важни за медиумите не се спроведуваат, владините функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, а државниот пи-ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција во државата, порача од протестот, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го изразија  своето незадоволство  и од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.
     Новинарите до Владата доставија  акциски план со точки и рокови за реализација на барања:
-Обезбедување услови за квалитетена и безбедна работа
-Достоинствени плати
-Имплементација на законите важни за медиумската фела и за независно работење на Јавниот сервис

        -Добро е што конечно новинарите се сетија еднаш за себе јавно да проговорат за состојбите и проблемите со кои се среќаваат во своето работење. Но добар дел од вината за ваквите најблаго речено загрижувачки состојби лежи и во самите новинари, кои дозволија во нивните редови да се инфилтрираат стотици “ фејсбук “ новинари и “фриленсери “, кои  буквално ја доведоа професијата на дното и го обезвреднија новинарството.

        Во ситуација кога со појавата на интернет порталите и социјалните мрежи, секој во Македонија стана новинар и уредник, непрофесионалноста и непочитувањето на етичкиот кодекс  владеат во медиумите.

Затоа  без јасна внатрешна  професионална  диференција тешко новинарите ќе можат да се изборат за своите права.

        Денес во Македонија секој може да биде новинар.Само за оваа професија не е потребно  никакво вложување образование и квалификација.

        Секој еден кој има мобилен телефон денес стана “новинар.“

        Асоцијацијата на печатени медиуми веќе подолго време предупредува(ше) дека во новинарството мора да се почитува професионализмот, етичкиот кодекс и  кредибилното новинарство, каде ќе се почитуваат стандардите.

        Печатените медиуми со години предупредуваа на ваквите состојби, но тоа  како да беше глас во пустина.

        Затоа Владата мора во најскоро време да изнајде законски решенија за подобрување на состојбата во медиумите, особено во печатените медиуми, кои во последно време, особено по војната мегу Русија и Украина,  поради поскапувањето на хартијата и печатарските трошоци  се среќава со огромни проблеми и да го субвенционира нивното излегување.

        Во економија како нашата, каде владее нелојална конкуренција и која е инфицирана од партизираност, тешко може да стане збор за  комерцијално работење на медиумите.

        Со поддршка на печатените медиуми во голема мера ќе се подигне  квалитетот на македонското новинарство и писменоста во новинарството која е под секое ниво.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*