Home / Економија / Политички „хаварии“ и за најмали дефекти во РЕК „Битола“

Политички „хаварии“ и за најмали дефекти во РЕК „Битола“

„Нови хаварии во РЕК ’Битола‘“, „РЕК ’Битола‘ пред колапс“, „Трите блока надвор од електромрежата во Македонија“, „Само прашање на ден е кога поради дефектите во РЕК ’Битола‘ ќе колабира електроенергетскиот систем во државата“, „Нестручни партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ си поигруваат со судбината на најголемиот електроенергетски систем“. Ова се само некои од катаклизмичните најави и предвидувања што во последно време беа пласирани во битолската и македонската јавност и во медиумите од страна на некои партиски челници на неколку битолски опозициски политички партии во врска со работењето на РЕК „Битола“.

Таквите „црни прогнози“, како што на шега деновиве ни изјави еден вработен во РЕК „Битола“ на некои од битолските политичари, тој ги објасни на следниот начин.

– Некои од политичарите, кои РЕК „Битола“ го виделе само на фотографии или на телевизија, најпрво кога ќе се разбудат гледаат кон него и доколку забележат дека некој од високите оџаци не чади, тогаш веднаш свикуваат прес-конференција, на која наместо да дадат одговори, поставуваат прашања за тоа што се случува со комбинатот и зошто некој од блоковите не работи и е испаднат од мрежата. Притоа без да се има чувство за стратегискиот интерес на комбинатот, кој произведува над 75 отсто од електричната енергија во Република Македонија, со полуинформации и полувистини, добиени најчесто од свои партиски кадри вработени во РЕК „Битола“ се (дез)информира јавноста, дека наводно деновите на работењето на РЕК „Битола“ се изброени и само прашање на ден е кога системот ќе колабира – ни вели нашиот соговорник Б. Т., кој над 35 години работи во РЕК „Битола“ и е добро упатен во „курцшлусите“ што ги предизвикуваат битолските политичари во врска со неговото работење.

Последната прес-конференција на советникот на опозицијата Благојче Котевски, одржана завчера, на која тој праша зошто од електроенергетскиот систем во државата е исклучен вториот блок на битолските термоелектрани и експресниот одговор од АД „ЕЛЕМ“, дека не се работи за никаков дефект, туку за планско исклучување на блокот, поради поволната хидролошка состојба и потребата во наредниот период да му се даде предност на производството од хидроелектраните, само е уште една потврда за (не)сериозните политички „хаварии“, кои постојано ги предизвикуваат политичарите дури и за најмал технички дефект.

– Веќе станаа дегутантни реакциите на одредени политички субјекти, кои прават медиумски циркус од сите погонски настани во РЕК „Битола“, кои во рамките на еден сложен техничко-технолошки систем не се ништо необично, туку составен дел од тековното работење на РЕК „Битола“ – се вели во реакцијата на АД „ЕЛЕМ“.

Ваквото објаснување на портпаролот на АД „ЕЛЕМ“, Мирче Котевски, по повод најновите (дез)информации изнесени на завчерашната прес-конференција на советникот Благојче Котевски на најдобар начин зборува за непотребните медиумски политички расправии околу работата на РЕК „Битола“.

Додека „загрижените“ битолски политичари за состојбите во битолското стопанство и за неработењето на неколку крупни капацитети, кои деновиве заминаа во стечај, а стотици работници останаа без работа, воопшто не реагираат, тие и за најмал, па дури и безначаен технички дефект во РЕК „Битола“ веднаш одржуваат прес-конференции, на кои иронијата да биде поголема наместо да дадат одговори на прашањата што тие ги поставуваат, најчесто поставуваат прашања до раководството на комбинатот, иако во најголем дел одговорите ги знаат.

Впрочем, тоа што советникот Благојче Котевски знаеше дека исклучувањето на „Битола 2“ е поради вишок на електрична енергија, а не поради дефект, не му пречеше сепак да свика прес-конференција на која праша дали зад таквата официјална информација, дека блокот е исклучен поради вишокот на електрична енергија, која во моментот Македонија ја има од производството на струја од хидроелектраните, се крие нешто друго?

Инаку според АД „ЕЛЕМ“, нивните производни капацитети работат во согласност со потребите на тарифните потрошувачи, односно на домаќинствата и на субјектите што се наоѓаат на регулираниот пазар за електрична енергија.

– Планското исклучување на ТЕ „Битола 2“ се должи на поволната хидролошка состојба, и потребата во наредниот период да му се даде предност на производството од хидроелектраните. Овој термоблок е целосно функционален и подготвен во секој момент да биде вклучен во електроенергетскиот систем доколку биде потребно – изјави портпаролот на АД „ЕЛЕМ“, Мирче Котевски, по повод дезинформациите искажани на прес-конференцијата на советникот Благојче Котевски за исклучувањето на вториот блок.

Инаку од АД „ЕЛЕМ“ одговорија и во врска со прашањето поставено на пресот, дали во РЕК „Битола“ има доволно јаглен за негова работа и дали и покрај сите милионски договори за ископ на јаглен, менаџерите од ДПМНЕ во РЕК „Битола“ не можат да обезбедат јаглен за работа на комбинатот во текот на грејната сезона.

– Што се однесува до состојбата на депонијата за јаглен во РЕК „Битола“ таа е во согласност со плановите за работа за овој период од годината, а ископот на овој енергент се одвива според дневните потреби. Со оглед дека следува период во кој се очекуваат врнежи од дожд, постои потреба од обработка на поголеми количества вода од акумулациите и создавање простор за прием на очекуваните есенски дотеци. Со целосна оптимизација на постојните термо и хидроелектрани, АД „ЕЛЕМ“ во целост ги испорачува планираните количества електрична енергија – стои меѓу другото во реакцијата на АД „ЕЛЕМ“.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!