Home / Колумни / Постизборен молк

Постизборен молк

Парламентарните избори завршија, барем што се однесува до предизборната кампања, гласањето и до пребројувањето на гласовите.

Остана недовршена само работата на Управниот суд, каде што полека ги приведуваат докрај сите оние недоречености или неправилности (зависи од која страна на гласачката кутија гледате) што избија на површина за време на гласањето.

Но она што дополнително ја крена температурата во и онака подгреаната атмосфера, беа неколку манифестирани појави што во суштина не се нови или невидени на овие наши простори, но кои повторно оставија лош впечаток во јавноста. За жал, иако во предизборието партиите се залагаа за фер и коректен однос кон неистомислениците, дел од партиското членство го практикуваше токму спротивното.

Не водејќи грижа за дигнитетот на политичките неистомисленици, некои наши сограѓани повлекоа потези што никого не можат да радуваат, а ретко кој би можел да ги одобри или поздрави. Наместо да се залагаат за здрава партиска борба на идеи, ставови и мислења, тие се определија за нецивилизациски чинови, кои, за жал, нѐ вратија малку наназад во времето.
Повозрасните битолчани добро се сеќаваат. Во блиското минато, додека не беше изградена Градската капела, покојните во Битола, од своите семејни домови, каде што „преноќеваа“, до Светонеделските гробишта се носеа на раце. Но од пред 1,5 деценија сите покојни со погребни коли се испраќаат до вечното почивалиште.

Кога пред неколку години, измамените млекопроизводители од Битола и од Битолско, во аферата „Сведмилк“ предводени од фармерот Душко Илиевски, до зградата на општината Битола на раце го носеа мртовечкиот сандак, во кој „покојник“ беше поранешниот премиер Никола Груевски. Битолчани беа згрозени од таквиот потег на Душко Илиевски и на неговите истомисленици. Тие, многу порано од Основниот суд во Битола, кој му судеше за навреда, му „пресудија“ за таквиот нецивилизациски и морбиден потег. Зарем дотаму дојдовме револтот спрема одредени политичари да го искажуваме со тоа што живи луѓе ќе прогласуваме за мртовци, се прашуваа тогаш најголемиот број битолчани.

Тие денови битолчани навистина се срамеа што во нивниот град Душко и неколкумина измамени фармери си поиграа со нивните чувства и Битола ја ставија на столбот на срамот. Без разлика на која политичка партија луѓето припаѓаа, сите безрезервно го осудија таквиот начин на изразување гнев од страна на Душко.
И тукушто битолчани, во најголем број, го заборавија случајот со Душко Илиевски, а тој за таквиот потег доби судска пресуда, пред само нешто повеќе од две години, во Битола повторно некои, наводно незадоволни битолчани од одлуките на Комисијата за верификација на фактите, својот револт го изразија на тој начин што едно утро Битола ја излепија со некролози дека наводно „ненадејно“ починал првиот човек на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев. Веста за неговата наводна смрт веднаш се пренесе во Битола.

Вознемирен и згрозен од таквиот потег, Томе Аџиев мораше цел ден да шета низ Битола за битолчани да се уверат дека тој е жив. Иако овој скандал длабоко ги потресе не само Аџиев и неговото семејство, туку и најголемиот број битолчани, сепак досега никој нема сносено одговорност и не е познато кој го направи тој срамен чин.

Деновиве Битола повторно е на столбот на срамот. Во градот на конзулите и на културата, како што себеси милува да се нарекува, повторно некои битолчани се обидоа живи луѓе да прогласат за мртви. Да биде срамот уште поголем овој пат сторителот на таквиот не само нецивилизациски, туку и безбожен чин, не е никој друг, тука учителка, која треба да ги воспитува учениците од основното училиште во битолското село Логоварди, Жанета Петровска, која воопшто не се криеше, ниту пак се срамеше да го носи крстот на кој го пишуваше името на „покојниот“, Зоран Заев.

По завршувањето на предвремените избори, откако беа објавени неслужбените резултати, учителката Жанета Петровска, „воодушевена“ од победата на ВМРО-ДПМНЕ, а револтирана од тоа што претходниот ден во Битола победа славеа членовите и симпатизерите на СДСМ, застана на чело на колоната, носејќи крст на кој беа испишани името и презимето на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Таквиот нејзин чин веднаш ги преплави социјалните мрежи и се најде на насловните страници на некои медиуми.

Овие се само три настани што се случија во Битола, во кои некои поединци, поддржувани, за среќа, од малобројни свои истомисленици, ја изразуваа(т) својата припадност кон едната политичка опција, или омраза кон неистомислениците и политички противници. Но во Република Македонија има и многу други случаи во кои, особено последните години, бевме сведоци како живи луѓе се прогласуваа(т) за покојни или, пак, како во јавноста и на социјалните мрежи се испраќаат клетви за божји казни, доколку не се гласа за оваа или за онаа политичка партија. Да се потсетиме и на случајот со новинарот Борјан Јовановски, на кого на домашна адреса му беше доставен посмртен венец. Некои поединци, заслепени од својата партиска верност, омразата кон политичките противници, ја искажуваат на крајно нецивилизиран и најблаго речено непримерен начин. Да се прогласи жив човек за покоен или, пак, да му се посакува смрт на својот политички противник, тоа е навистина потег, кој не само што заслужува секаква осуда, туку и жалење.
Таквите луѓе, кои, за жал, себеси се претставуваат како големи верници, но не кон бога, едноставно се за жалење.

Затоа, пак, за таквите „верници“, Библијата има само една мисла. Прости им боже, не знаат што прават.

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*