Home / Вести / Потписи за свикување седница на Парламентот

Потписи за свикување седница на Парламентот

Пратеници од СДСМ и од нивните коалициски партнери денеска се уште се консултираат, но и собираат потписи за иницијативата за свикување седница на распуштеното Собрание на Република Северна Македонија, за како што информираат, претседателот на Парламентот да свика седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба од по 30 дена во земјата поради пандемијата со корона вирусот.

Седница, како што посочуваат од СДСМ, може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во кој што во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови. Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.

За тоа како би се одржала седницата, тој вели, дека би било согласно препораките на здравствените власти за држење дистанца односно електронски или во сали во Собранието каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците, како Салата во Куполата на најгорниот кат во Парламентот.

Премиерот Оливер Спасовски во „Утрински брифинг“ денеска го повтори ставот дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во неколку наврати посочи дека не може да свика седница на Парламент којшто се самораспуштил. Џафери, како што велат од неговиот Кабинет, за иницијативата ќе се изјасни откако пратениците ќе ја достават до него.

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува иницијативата на СДСМ, а засега нема информации кој се од пратениците од албанскиот блок ќе ја поддржат оваа инцијатива.

-Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус. Очигледно станува збор за две работи, или Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратенции, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*