Don't Miss
Home / Колумни / (Пред)изборниот аманет на Ајри

(Пред)изборниот аманет на Ајри

                    

          Колку што се наближуваат предвремените парламентарни избори, така се вжештува атмосферата во јавноста околу резултатот на изборите.

          Прашањето кој ќе победи на претстојните предвремени парламентарни избори како сите да не доведе во кожата на Хамлет да се биде или не?

          Македонија како да стана кладилница, на која сите се опкладуваат кој ќе победи  на изборите.

          Иако  барем кога е во прашање Битола засега (политичките ) дебати се одвиваат на културно  и цивилизирано ниво, сепак во многу случаи “дебатата”за изборите се претвора во жестока кавга и расправија, кои се на гранцата на инциденти.

          Поради политиката деновиве се караат не само политичките неистомисленици, туку и другари, пријатели, соседи, па и некои семејства, па и новинарите.

           Се добива впечаток како од овие избори  да ни зависи судбината на сите нас, заедно, или  поединечно.

          Ваквата предизборна атмосфера не му е ни туѓа, ни непозната на Битола.

          Таа е иста, или слична уште од воведувањето на плурализмот на македонската политичка сцена.

          Деновиве во пресрет на предвремените парламентарни избори повторно сме сведоци на доста чести  политички глаголења  од  битолските политичри, кои во настојувањето да го добијат гласот на битолчани, со огромна страст и љубов ни зборуваат  за Битола за нашиот град, кои освем на одредени групи и поединци во изминатите години не му донесоа многу среќа и радост на најголемиот број битолчани.

          Многумина од нив, кои со гласот на народот настојуават повторно да си го средат својот живот и деновиве  ни кажуваат како тие со нивните очи ја гледаат Битола.

          Ни најдобрите поетски пера не можат да ги опишат нивните славопејки за Битола.

          Но за жал освем во одредени случаи  по секои избори Битола и битолчани  остануваат  најчесто со прстот в уста.

          Од големите ветувања по правило   остануваат  само празните зборови и ветувања.

          Токму празните зборови на политичарите придонесоа Битола да се испразни и денес никој жив во овој град да не може да ви каже колку жители има, па некои деновиве да ме уверуваат дека  во Битола не живеат повеќе од 50.000 битолчани.

          Иако многумина сметаат дека битолчани масовно се иселуваат поради сиромаштијата, сепак не е баш така.

          Од  Битола во последно време си заминуваат многу млади кои се  високо образовани  и материјално ситуирани, но токму поради таа политичка неизвесност и партизираност  си заминуваат од градот, барајќи не само подобра среќа за егзистенција, туку и мир во душата.

          Граѓаните на Битола и на оваа држава од честите политички кавги, распрвии, кодошења, пресметки… го изгубија мирот во душата,  а кога човек ќе го изгуби мирот, тој тогаш или се повлекува во себеси, или бега  во други држави.

          Таквата политичка состојба во државата многумина ги доведе во колективна депресија.

          Делува навистина фрустрирачки секој ден  на малите екрани  да ги  следите и слушате, глаголењата на македонските политичари, кои се амбицираат да ја водат државата, кој каков криминалец бил, кој ја продал државата, кој колку пари украл,  да слушате тајни снимки  за криминалиите на тие кои се платени од граѓаните да се грижат за нив.

          Кај нас наместо мирна сегашност, светла перспектива и спокоен живот, ни се наметнуваат прашања за расчистување со криминалното минато на политичарите.

          Таквата политичка пресметка трае од независноста на државата до денес. Спасот од таквите состојби ни се нудеше доколку од политиката си заминат, Киро, Кљусев, Бранко, Љубчо,Грујо… сега Заев, или Мицко… но политичката клима во државата е се полоша.

          Најстрашно од се е што иако одамна е завршена аферата “ Големото уво “ веќе во Македонија никој не сака слободно да разговара по телефон.

          Секој во секој се сомнева дека (тајно ) го снима или прислушкува.

          На секоја објавена снимка или “бомба” од власта против опозицијата се “возвраќа  “ со  снимка или “бомба” против  власта.

          И така секој ден, пред  секои избори.

          Во една прилика авторот на песната “Битола мој роден крај” Ајри Демировски ми рече:

          -Гледам многу се карате. Ве изеде суетата. Тоа ми пречи. Затоа имам  една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавте на суетите и сакајте се. Сакајте ја Битола, како што ја сакам јас.

          Но за жал, чест на исклучоци најголемиот број од нас не прават така како што вели Ајри. Не изеде суетата, злобата,зависта, партиската поделеност…

          Ако можеше човекот,  кој почесто беше гладен отколку сит, најчесто гол и  бос, секогаш за Битола да зборува со љубов и вознес, тогаш зошто ние  денес да не ја сакаме Битола со истата љубов како и Ајри.

          Време  е топлината на Ајри да не стопли сите. Само така Битола ќе ја направиме и подобра и поубава.

          Затоа во пресрет на  претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април  да се свртиме кон  кон себеси.

          Ние сме сите жители на овој град.

          Не може политичарите да нудат живот и перспектива само за своите од партијата, или коалицијата.

          Тој начин на размислување крајно време е да се смени.

          Во овој град, или држава, не живеат само “сдсмовци “ или “вмровци”, туку живеат и луѓе кои не се партиски определени, но кои си го сакаат градот и државата.

          Време е Битола и Македонија да станат за сите, за способните и креативните, а не само за одбраните и најчесто неспособните, кои преку партиските книшки сакаат  најчесто на несреќата  на другите  да ја градат својата среќа.

          Народот во  Битола и  Македонија е веќе уморен од таквите “купи-продај “политики”.         

          На Македонија и Битола и се потребни  креативни и способни луѓе кои ќе знаат и умеат, а не кои само ќе аминуваат партиски одлуки и (пре)пораки.

          Во спротивно, доколку не се смени нешто во таквата “купи – продај “ политика и филозофија,  Битола ќе ја напуштат и тие кои најмногу ја сакаат.

          А такви во последно време има се помалку.

Колумна од утрешниот број на Битолски весник

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*